Music Review 14

Музички контакти

Кон концертот на пијано дуото Сате и Попивода

Музички контакти

Кон концертот на пијано дуото Сате и Попивода

Во петокот, 18 ноември 2022 година, во Камерната сала на Филхармонијата, се одржа концерт на пијано дуото Асами Сате и Ема Попивода, чија внимателно конципирана програма за четирирачно пијано и за две пијана беше топло поздравена од избраната публика. Не случајно, овие две пијанистки, кои припаѓаат на две далечни култури, јапонската и македонската, се обединија во заедничко музицирање. Концертот, како јавен настан, ја отслика сферата на културната дипломатија, овозможувајќи интеракција и размена на музичко творештво од двете земји. Преку пијаното и класичната музика, како и преку изборот на камерен ансамбл, кој во својата суштина подразбира меѓусебно слушање и разбирање, настанот придонесе за вистинска културна поврзаност.

Сате и Попивода потекнуваат од култури што дури во доцниот 19 век прават приклучок кон западноевропската музичка традиција, што само ја збогатува длабочината на нивната соработка. Јапонија, „земјата на изгрејсонцето“, успева да изгради глобален статус како музички центар во кој се школуваат врвни уметници и работат симфониски оркестри со меѓународно значење. Во денешниот глобализиран музички свет, меѓудругото, се восхитуваме на автентичните медиумски дела од популарната јапонска култура, како мангите и аниме сериите Nodame Cantabile и Piano no Mori, што дополнително го истакнуваат култот кон пијаното и класичната музика, пренесувајќи го на новите генерации со уште поголем интензитет. Република Северна Македонија, исто така, го наоѓа своето место на светската сцена, со своето сонце во знамето, кое го симболизира и нејзиниот културен подем. Со значителен развој во пијанистичката уметност, таа прави сопствени чекори кон истакнување во светот, градејќи ја својата пијанистичка традиција.

Биографиите на Асами Сате и Ема Попивода откриваат многубројни сличности што го објаснуваат нивното професионално поврзување. Покрај нивните самостојни настапи со класичен пијанистички репертоар, двете се ангажирани во музичко аниматорство во своите земји, поттикнувајќи ја локалната музичка култура. Паралелно со концертната кариера, Попивода – една од најактивните пијанисти во Македонија – и Сате се лидери на значајни уметнички проекти од меѓународен карактер, кои сами по себе претставуваат посебна професионална насока. Така, Сате е музички продуцент на проект за презентација на творештвото на Карлхајнц Штокхаузен во Токио, додека Попивода го раководи Фестивалот за современа музика „Модоарс“. Изборот на пијаното, инструмент кој историски ја симболизира еманципацијата, го нагласува нивниот творечки пат; (потсетуваме на Клара Шуман, првата концертна пијанистка во историјата). Попивода, пак, особено се издвојува во начинот на кој ја претставува својата уметност – самостојно преземајќи го секој аспект, од подготовката на настапот до визуелниот концепт и медиумската промоција. Овој целосен ангажман ја позиционира како пример за современ уметник во 21 век, каде интердисциплинарноста и самостојноста се клучни.

На концертот, Сате и Попивода настапија со забележлива возбуденост, вложувајќи го целиот свој уметнички и интелектуален капацитет во изведбата. Нивната уметничка поврзаност и сензибилитетот кој го споделуваат се отсликаа преку секоја нота, делата ги изведоа со една посебна енергија и цврстина, демонстрирајќи техничка извежбаност и зрелост.

Репертоарот за пијано дуо е богат и разновиден (покрај оригиналните композиции, многу чести се аранжманите), и концертната програма претставуваше избор на композиции од 19 и 20 век. Во Малата суита на Дебиси и Годишните времиња на Мијоши (дело кое првпат прозвучи на македонските подиуми), пијанистките постигнаа прозрачност и рафинираност во изразот, откривајќи го нивниот суптилен однос кон динамиката и бојата на звуците. Карневалот на животните од Сен-Санс беше изведен со музички хумор и виртуозност, додека темпераментноста достигна врв во Либертанго од Пјацола, кое го изведоа како бис, внесувајќи страст и енергичност што ја заврши вечерта со одушевување од публиката.

Уметничката енергија и харизма на Сате и Попивода на сцената внесуваат позитивна претстава за нивните земји, станувајќи дел од мозаикот на активности што го збогатуваат културниот дијалог и поддршка меѓу двете култури.

Трена Јорданоска, 21 ноември 2022 година