Link to Home
           
Welcome!

BuzAr (Buzarovski Archive) is a digital collection of video, audio, photos, books, papers, scores and other artifacts related to Balkan cultures and traditions. The collection is based on Dimitrije Buzarovski's musical scores, performances, video and audio recordings, digitised cultural heritage, and musicological and ethnomusicological works. BuzAr YouTube channel 12 playlists reflect the content of the archive with videos covering different events, genres, ensembles, composers and performers. MCMFS (Multimedia Corpus of Macedonian Folk Songs) project combines the different artifacts digitised in BuzAr: transcriptions, audio and video, in a composite video of a particular song from the Macedonian cultural heritage.

Established: October 15, 2012

Copyright Notice:
Artifacts on BuzAr are for non-commercial, educational, or research purposes. Users of these artifacts agree to cite Buzarovski Archive.

About:
Buzarovski Archive
Dimitrije Buzarovski
MCMFS

Music Reviews / Осврти на музички настани


Милена Наумовска
  

Емили Јањиќ Дачевиќ
  

Тамара Стојаноска

Трена Јорданоска
Во знакот на токатниот карактер
Кон дипломскиот испит на пијанистката Злата Даниловска


Седумнаесет години традиција и непоколеблив дух
Кон концертот по повод Светскиот ден на хармониката


Тапанар што ја освојува секоја сцена
Интервју со Бојан Анакијевски


Звучните пејсажи на минатото и сегашноста
Кон концертот на Симфонискиот оркестар на Јеил


Од баритон до сопран – грандиозниот звучен опсег на саксофонот
Кон концертот на саксофон квартетот во рамки на фестивалот “SaxClar”


Ритамот обединува
Кон “Skopje Drum Festival”


Мандолината како израз на младите ентузијасти
Кон годишниот концерт на Мандолинскиот оркестар „Скопје“


Музиката на Бах преточена во чиста пасија
Кон концертот Музичка приказна Јохан Себастијан Бах


Класичната гитара од различни поднебја
Кон Меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“ со посебен осврт на првата вечер


Звукот на идната генерација
Кон концертот на Џеврие Туле – пијано и Симеон Гошев – виолина и Весна Ангелова-Христов – пијано во рамките на циклусот Подиум на млади


Спој на класичната музика и џезот во рециталот на дуото Соколов и Кабранова-Филипова
Кон концертот одржан на 19 октомври 2024 година во рамките на фестивалот „Златна лира“

Камерен лирски пејзаж и овации за Березовски и солистите на Филхармонијата
Кон камерниот концерт одржан на 29 мај 2019 година


Лет во височините на книжевноста, науката и уметноста
Кон одбележувањето на седумте децении образование, култура и уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Елеганција преточена во грациозен виолински тон
Кон концертот на Филхармонијата „Романса“ одржан на 18 април 2019 година


Хронологија на стиловите со азиско толкување
Запознавање со пијанистот Хају Жанг


Ентузијазам во полупразна сала
Кон концертот на Македонската филхармонија „Да танцуваме!“ одржан на 28 март 2019 година


Бура од емоции и контрасти
Кон концертот на Македонската филхармонија „Фантазија апасионата“ одржан на 21 март 2019 година


Светло, дурско и свечено
Кон концертот на Македонската филхармонија одржан на 28 февруари 2019 година

Катарзичен концерт исполнет со емоции на сцена и пренесен на гледалиште
Березовски, Митревски, Филхармонија


Емотивно и духовно патешествие со Реквиемот на Џузепе Верди

Млади ентузијасти со емоционална ангажираност и силна желба за музицирање
Кон концертот на Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“


Емотивна и интимна атмосфера испреплетена со музика, поезија и љубов
Кон „Вечерта на соло песни“


Колебливо патување низ различни музички стилови со Камерниот оркестар „Скопски солисти“
Попатна станица: Kонцертниот контрабас на Драган Трајковски


Инспиративен дувачки оркестар на млади музичари
Кон концертот на Дувачкиот оркестар при Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана


Две премиерни изведби во Македонската филхармонија попратени со топол звук на виолина

Кон концертот на Македонската филхармонија „Фантазија апасионата“ одржан на 21 март 2019 година

Концерт на Македонската филхармонија со дурско начело
Кон концертот на Македонската филхармонија „Пет става во дур“ одржан на 28 февруари 2019 година

  
Мјузикл за постдигиталното време
Кон Screenagers vol. 2 во рамките на фестивалот „МОТ“


Во знакот на четири моќни музички женски лика
Кон концертот на Скопски солисти одржан на 6 ноември 2024 година во Камерната сала на Филхармонијата


Музички контакти
Кон концертот на пијано дуото Сате и Попивода


Во знакот на токатниот карактер
Кон дипломскиот испит на пијанистката Злата Даниловска

Уметничкиот профил на еден млад музичар не се обликува изолирано, туку во рамките на одредена педагошка традиција и културна средина. Пијанистката Злата Даниловска е наследничка на битолската пијанистичка школа, која се развива низ повеќедецениска традиција во која е изразена улогата на пијанистките. Да се потсетиме на Калипсо Налча, родена во Битола, а школувана на конзерваториум во Атина, која се смета за првата македонска пијанистка и која уште во 1930-тите години одржувала концерти во Битола, изведувајќи, меѓудругото, Шопенови етиди. Со основањето на Музичкото училиште во Битола во 1947 година, низа истакнати пијанистки-педагози придонесуваат градот да се развие во еден од носечките пијанистички центри. Меѓу нив се Елпида Христиди, Афродита Караџиќ, Марија Јефтиќ, Милица Шперовиќ-Рибарски, Јасминка Чакар, Мери Милошевска, Маргарита Јосифовска, Мери Кавкалева, Кармен Костова, Марија Вршкова, а во поново време Билјана Илиевска, Ана Булоска, Јана Четелева, Татјана Божиновска и Маја Божиновска – дел од нив формирани во класата по пијано на Тодор Светиев, исто така родум од Битола и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во овој контекст, пијанистките како носечки фигури во концертната,педагошката, но и организаторската дејност на музичкиот живот во Битола (често и како раководителки на манифестации како „Интерфест“, „Денот на пијаното“, Шопенова вечер итн.), во континуитет го оправдуваат епитетот „град на пијаното“. Оваа нивна позиција е дополнително потврдено во монографиите Историјата на македонската пијанистичка уметност 1900–2002 од Јулијана Жабева-Папазова (2004), Македонската пијанистичка уметност и педагогија од Аида Ислам (2011), како и трудот “The Shift in the Idioms of Macedonian Music Culture During the Balkan Wars and World War I” (2019) и конференциското излагање “The role of women pianists in the formative period of Macedonian music culture” од Трена Јорданоска (2023), каде што музичката култура во Битола се издвојува како една од водечките, со битолските пијанистки во првите редови.

Родена во 2002 година во Битола, Злата Даниловска музичкото образование го започнала на седумгодишна возраст во битолското музичко училиште. Веќе на осум години започнала да учи пијано во класата на проф. м-р Марија Шамоска-Буџаковски (студент на проф. Милица Шперовиќ-Рибарски). Таа била нејзин педагог во текот на целото основно и средно музичко образование. Во 2021 година се запишала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. д-р Кристина Светиева.

Добитник на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари, меѓу кои се издвојуваат: третата награда на меѓународниот натпревар “Piano Talents” во Милано (2016), прва награда на Државниот натпревар на млади музичари за основно музичко образование (2016), награди на Меѓународниот натпревар „Пијанофест“ – Битола (2019 – прва, 2020 – втора, 2023 – прва награда), признание за најдобра изведба на Суита оп. 27 од Томислав Зографски, прва награда на Државниот натпревар на млади музичари (2019), прва награда на Седмиот меѓународен натпревар на млади пијанисти во Гевгелија (2017), пласман во втората етапа и освоено шесто место (во група од неделиво прво до петто место) на Меѓународниот натпревар „Петер Топерцер“ (Medzinárodná klavírna súťaž Petra Toperczera) во Кошице, Словачка (2017), како и втора награда на фестивалот „Полихимнија“ во Скопје (2025).

Своето професионално усовршување го надградувала и преку учество на мајсторски курсеви и семинари кај пијанистите Еуген Сковордников (Украина/Канада), Олег Маршев (Русија/Австрија), Дарко Костовски (Македонија/Германија), Јуриј Кот (Украина) и Рустан Рафмедов (Туркменистан/Турција).

Нејзините изведби се документирани преку телевизиските извештаи за битолското музичко училиште, во кои рано се наѕира нејзиниот моторички импулс и склоноста кон токатниот пијанистички пристап. Особено впечатливи се изведбите на Токатата од Исак Берковиќ во 2015 година, Шопеновата етида оп. 25, бр. 10, во рамките на 27. Шопенова вечер во 2020 година, Суитата од Томислав Зографски, како и Танцот со сабји од Арам Хачатурјан во пијано за четири раце со Љубица Здравковска (Duo Muza) изведен истата година.

Истовремено, нејзиниот репертоар е стилски разновиден, што претставува неопходен дел од пијанистичкото образование и развој. Ова се потврдува со нејзините настапи на Меѓународниот натпревар „Пијанофест“ – Битола (2023), како и изведбата на Прелудиумот бр. 1 (посветен на Бил Дејли / To Bill Daly) од Џорџ Гершвин во Концертната сала на ФМУ, кои може да се проследат на нејзиниот канал на Jутјуб.

Покрај солистичките настапи, активна е и како уметнички соработник на повеќе студенти-инструменталисти и композитори, како и на хорот и симфонискиот оркестар на ФМУ, а членка е и на Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар во Скопје. Уште за време на студиите започнува да се занимава со педагошка дејност и моментално работи како наставник по пијано во школите “Piano Academy” и „Крешендо“ во Скопје.

Во текот на студиите се издвојува и нејзиниот интерес за заштита на културното наследство и за дигиталното архивирање. Во таа насока, учествувала во две изведби („Моме стоје“ и „Море се разболе млад Никола“) во рамките на проектот Мултимедијален корпус на македонски народни песни на Архивот Бужаровски во 2023 година.

Дипломскиот испит по пијано на Злата Даниловска претставуваше заокружен настап во кој се обединија резултатите од нејзиниот досегашен образовен развој и нејзините уметнички стремежи, при што низ програмата јасно се наметна токатниот карактер како обединувачка линија (станува збор за израз заснован на моторичка енергија, јасна артикулација, прецизен ритам и звучна цврстина). Го проследивме првиот дел од испитот, одржан на 23 јуни 2025 година, со почеток во 14 часот, во Концертната сала на ФМУ.

Настапот започна со Токата во e-moll, BWV 914 од Јохан Себастијан Бах. Делото припаѓа на циклусот од седум токати (BWV 910–916), кои го заокружуваат раниот творечки период на композиторот. Токатата во e-moll е составена од четири делови (Прелудиум, Двојна фуга, Адаџо и Фуга), кои се надоврзуваат без прекин. Изведбата на Даниловска се одликуваше со умерено темпо и јасна артикулација, соодветни на барокниот стил. Во нејзината интерпретација се чувствуваше сигурност: секој тон звучеше цврсто и стабилно, а тематскиот материјал беше прецизно издвоен, овозможувајќи јасно следење на неговиот развој. Ваквиот пристап ја истакна и токатната природа на делото.

Следуваше Сонатата, оп. 81a, бр. 26 (1809/10) од Лудвиг ван Бетовен, позната како Les Adieux (Збогување). Делото е инспирирано од принудното заминување на надвојводата Рудолф (Rudolph Johann Joseph Rainier, 1788–1831), пријател, ученик и заштитник на Бетовен, поради Наполеоновата опсада на Виена во 1809 година, и во него личните емоции се исткаени со тешката историска реалност на војната и разделбата. Во интерпретацијата на првиот став, “Das Lebewohl” („Збогување“). Имајќи предвид дека ставот започнува со една воздржана изразност (отворените акорди од првото движење кои симболизираат повик на збогување), која постепено се развива во подинамичен тек, Даниловска успеа да ја изгради драматуршката линија преку стабилна и дефинирана басова линија и јасно истакната мелодиска линија во десната рака, со што беше постигната потребната емоционална длабочина. Вo вториот став, “Die Abwesenheit” („Отсуство“) таа успеа да ја долови атмосферата на неизвесност и празнина преку динамичките контрасти и со контролирање на звучниот тек. Преминот кон третиот став беше природно и јасно обликуван, со нагласено чувство за формална целина. Третиот став, “Das Wiedersehn” („Повторно обединување“), го започна со полн и енергичен тон, со промислената употреба на педалот и со контрола што повремено преминува во изразена токатност, со што го пренесе чувството на радост и ослободување.

По завршувањето на сонатниот циклус на Бетовен, атмосферата во салата премина во изразено драматично романтичарско расположение на Шопеновата прва Балада во g-moll, оп. 23, означено со темните и меланхолични октави на хармонски сложениот вовед со доминантна подготовка. Во лирските делови десната рака се одликуваше со стабилност и звучна полност, што овозможи јасно истакнување на тематскиот материјал, додека левата рака суптилно ја градеше хармонската основа. Во брзите, виртуозни пасажи Даниловска покажа сигурност, при што повторно внимателно го употребуваше педалот со цел да создаде помасивен звук.

По кратка пауза следуваше концертната етида Gnomenreigen (Танцот на гномите), S. 145, бр. 2 (1863) од Франц Лист. Даниловска демонстрираше високо ниво на контрола и координација во изведбата на брзите стакато украси што се пренесуваат меѓу двете раце, хроматските пасажи и репетираните тонови во левата рака, со што токатниот карактер на етидата дојде до полн израз.

Веќе беше нагласено дека Даниловска поседува изразена внатрешна цврстина, агилност и токатна енергија. Токму ваквиот пијанистички пристап се покажува како една од нејзините најсилни страни, особено во делата на Сергеј Прокофјев, кои редовно се наоѓаат на нејзиниот репертоар (меѓу нив и впечатливите изведби на Сонатата бр. 3, оп. 28 и Етидата оп. 52, бр. 3, достапни на нејзиниот Фејсбук-профил). Оттука, не е изненадувачки што дипломскиот настап на оваа музички интелигентна пијанистка симболично беше заокружен токму со циклусот Сарказми, оп. 17 (1912–1914), создаден во авангардниот период на композиторот. Таа ги изведе првите три пиеси (Tempestoso, Allegro rubato, Allegro precipitato) од овој циклус. Во првата пиеса го нагласи ритмичкиот импулс и експресивната острина, постигнувајќи соодветен саркастичен тон. Втората пиеса се издвои со своите необични фигурации, преку кои ироничниот карактер се изразува посуптилно и со внатрешна напнатост. Во третата пиеса таа го изгради драматичниот тек со прецизна артикулација и јасно обликувана кулминација.

Во дипломскиот настап на Злата Даниловска јасно се препознава континуитетот на нејзиниот досегашен пијанистички развој, како и насоките на обликување на нејзиниот уметнички профил. Техничката сигурност, стабилниот тон и токатната енергија се нејзини квалитети што се наѕираат уште во раната педагошка литература и постепено се изградуваат во зрел уметнички израз во делата со драмски и виртуозен набој. Останува да ѝ посакаме понатамошен успешен уметнички развој, во кој токатноста ќе продолжи да се афирмира како нејзина препознатлива одлика.

Милена Наумовска, 30 јуни 2025 година


Седумнаесет години традиција и непоколеблив дух
Кон концертот по повод Светскиот ден на хармониката

Хармониката е инструмент со долга и богата музичка традиција, кој успешно се вклопува во различни музички стилови. Првата хармоника била конструирана во Берлин во 1822 година од германскиот производител на музички инструменти Кристијан Бушман (Christian Friedrich Ludwig Buschmann, 1805–1864). Тој вградил систем на звукоизвлекување кој се засновал на треперење на метални јазичиња под дејство на воздушниот притисок што се создава при ширењето и собирањето на мевот. Хармониката ја патентирал Кирил Демијан (Cyrill Demian, 1722–1849) во 1829 година во Виена. Неговата хармоника имала копчиња само на едната страна, додека другата служела за развлекување на мевот. Современата хармоника се состои од две звучни кутии поврзани со мев, при што нејзината големина и тежина варира во зависност од видот, бројот на регистри и басови. Постојат два основни типа: клавирска хармоника и хармоника со копчиња. На десната кутија има клавијатура или копчиња, а на левата се поставени басовите, низа од копчиња кои произведуваат поединечни тонови во free bass-систем или standard bass со кој се произведуваат дурски, молски, доминантни или намалени четиризвуци. Потоа се појавил и convertor bass кој најмногу се користи за изведување на класична музика.

Во класичната музика, како најстаро зачувано дело се наведува Thême varié très brilliant, напишано во 1836 година од Луиз Риснер (Louise Reisner). Меѓу композиторите кои оставиле значаен белег во репертоарот за овој инструмент се вбројуваат Зубицки (Владимир Зубицкий, 1953), Семјонов (Вячеслав Семёнов, 1946), Пјацола (Astor Piazzolla, 1921–1992), како и Золотарјов (Владислав Андреевич Золотарёв, 1942–1975), кој се смета за втемелувач на современото творештво за хармоника. Од македонските композитори особено се издвојува Бете Илин (1982), чиј опус вклучува значаен број дела за хармоника, меѓу кои: Duellum за дуо хармоники и гудачки оркестар, The new tomorrow за соло хармоника и гудачки оркестар, Македонска парафраза за трио хармоники, Р’м па па за дуо хармоники, Memories за соло хармоника итн.

Со цел да се одбележи и запамети датумот на патентирањето на овој инструмент, Светската унија на хармоникаши во 2009 година го има прогласено 6 мај за Светски ден на хармониката. Во духот на оваа прослава, здружението „Љубители на класичната музика – Скопје“, кое од 2001 година е член на Светската унија на хармоникаши, годинава по седумнаесетти пат организираше концерт по повод овој меѓународен празник. Настанот се одржа на 26 мај 2025 година во Музејот на македонската борба, со почеток во 20 часот, а на него настапија студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. м-р Зорица Каракутовска – потпретседател на Светската унија на хармоникаши, претседател на здружението и прв дипломиран хармоникаш од пионерската генерација на ФМУ.

Програмата беше поделена во три програмски блока, а настанот го водеше новинарот Огнен Јанески, кој со својата досетливост и внимателно дозирана духовитост умешно ја воведуваше публиката пред секој следен блок на настапи.

Првиот блок започна со Андалузиска романса (Romanza andaluza, 1878) од шпанскиот композитор и виолинист Пабло де Сарасате (Pablo de Sarasate, 1844–1908), а заврши со Хумореска од рускиот композитор Јозеф Тамарин (Joseph Tamarin, 1948). Андалузиска романса ја изведе квартетот во состав Дарко Кулевски, Христијана Матеска, Милош Кировски и Виктор Кулески, додека Хумореска беше изведена од квартетот Иван Митиќ, Ване Митев, Јован Терзиев и Илија Гелевски. И покрај разликите во карактерот на делата, изведбите се одликуваа со стилска автентичност и полн, заокружен звук.

Меѓу двете камерни изведби беше вметнат соло настап на извонредниот Филип Петрески со делото Малагена од кубанскиот композитор Ернесто Лекoуна (Ernesto Lecuona y Casado, 1895–1963), шестиот став од Суита Андалузија (Suite Andalucía, 1933). Петрески успешно го долови духот на шпанската култура, пренесувајќи ги мотивите од шпанските народни песни malagueñas.

Врвот на првиот блок беше достигнат со настапот на Христијана Матеска и делото Откровение (2000) од рускиот композитор Сергеј Војтенко (Сергей Иванович Войтенко, 1973). Со експресивни мелодии и разновидни динамички нијансирања, Матеска со својата беспрекорна интерпретација и техничка подготвеност ја пренесе емоционалната длабочина на делото, и вешто ја долови борбата помеѓу надежта и тагата, покажувајќи висок степен на музичка зрелост.

Како што забележа и водителот Јанески, првиот блок се одвиваше во еден широк емоционален лак – „ред смеа, ред солзи, секогаш од убаво, кој како ја почувствувал, но и како ја превел музиката“.

Во вториот блок беа изведени дела од аргентинскиот композитор Астор Пјацола и македонската композиторка Бете Илин. Симболично, блокот започна со настап на проф. Каракутовска со делото Дафино, инспирирано од македонската народна песна „Дафино вино црвено“. Композицијата била специјално напишана и посветена на претседателот на Светската унија на хармоникаши, италијанскиот хармоникаш Патарини (Mirco Patarini, 1966), со премиерна изведба во 2022 година.

Следуваше настапот на Дарко Кулевски со делото Доне, инспирирано од три македонски народни песни („Се посврши сербез Донка“, „Не се фаќај Доне, Донке“ и „Не стој Доне, Донке“), напишано за проф. Каракутовска и премиерно изведено во 2021 година на концертот по повод светскиот ден на хармониката.

После двете впечатливи изведби на делата на Бете Илин, од кои извираа препознатливи фолклорни мотиви, на сцената прозвучи Етида на тема од Пјацола (Étude sur le thème Chicuilín de Bachin) од францускиот композитор Франк Анџелис (Franck Angelis, 1962), во изведба на Милош Спасов. Спасов оствари технички сигурна и карактерна изведба на делото, кое ги спојува аргентинското танго со класични елементи, со изразено чувство за динамиката, преку која успешно ја пренесе мешавината на среќа и тага што го определува овој музички спој.

Во духот на музичкиот израз на Пјацола премиерно се претстави и дуото хармоники составено од Христијана Матеска и Зорица Каракутовска со изведбата на Адиос Нонињо (Adiós Nonino, 1959). Преку дијалогот меѓу двете хармоники (мелодијата и придружбата), беше доловена носталгијата и тагата што живеат во ова емотивно дело посветено на таткото на композиторот.

Третиот блок започна со транскрипции од германскиот композитор Рудолф Виртнер (Rudolph Würtner, 1920–1974). Најпрвин настапи Јован Терзиев со впечатлива изведба на La Campanella, а потоа Христијана Матеска со Кармен фантазија (Carmen Fantasie, 1951). Матеска повторно се издвојуваше со сценскиот настап, емоционалната изразност и виртуозната интерпретација на познатите теми од операта Кармен (1875) од Жорж Бизе (1838–1875). Нејзиниот настап беше поздравен со долг аплауз, со кој публиката ја повикуваше назад на сцената.

Во продолжение следеа настапите на Дарко Кулевски со третиот став „Бура“ од „Летото“ од Годишните времиња (1723) на Антонио Вивалди (1678–1741), и на Филип Петрески со вториот став од Карпатската суита на Владимир Зубицки. Кулевски уверливо ја долови драмската напнатост преку јасно артикулирани ритмички структури, додека Петрески внесе топлина со својата изведба, пренесувајќи ги фолклорните елементи од карпатскиот регион.

За крај, присутните имаа можност да слушнат октет хармоники во состав Дарко Кулевски, Христијана Матеска, Милош Кировски, Илија Гелевски, Иван Митиќ, Ване Митев, Виктор Кулевски и Јован Терзиев, кои го изведоа првиот став од „Пролетта“ од Годишните времиња на Вивалди. Изведбата се одликуваше со звучна усогласеност на ансамблот, со што се создаде ведра и свечена завршница.   

Новинарот Јанески ја истакна неуморната посветеност на проф. Каракутовска, како и онаа на нејзината сестра Аница Каракутовска и композиторката Бете Илин, велејќи дека со цело срце и непоколеблива енергија, цели 17 години по ред, тие успешно го одбележуваат светскиот ден на хармониката, надминувајќи ги сите пречки и тешкотии на патот. Вечерта беше заокружена со зборовите на проф. Каракутовска, која истакна дека, и покрај отсуството на официјалната поддршка од Министерството за култура оваа година, настојуваат да ја зачуваат традицијата и дека продолжуваат со уште поголема енергија, заблагодарувајќи им се на сите поддржувачи.

Милена Наумовска, 12 јуни 2025 година


Тапанар што ја освојува секоја сцена
Интервју со Бојан Анакијевски

Имав можност да разговарам со Бојан Анакијевски, студент по удирачки инструменти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и перкусионист кој веќе формира следни генерации. Во нашиот разговор опфативме различни аспекти од неговиот музички пат – од формалното образование и жанровскиот избор до искуствата на концертната сцена. Клучната тема, сепак, беа неговите размислувања и инсајдерски увид во самиот процес на совладување на тапаните.

Роден на 2 јули 2003 година во Битола, Бојан Анакијевски го започнал и завршил своето основно и средно музичко образование во Државното музичко училиште во Битола, во класата по удирачки инструменти на проф. Методија Мешковски, издвојувајќи се како еден од најуспешните во својата генерација. Во 2022 година, неговиот образовен пат го продолжил на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најпрво во класата проф. м-р Мојца Седеу, а моментално ја заокружува третата година на одделот по удирачки инструменти, во класата на проф. м-р Влатко Нушев. Неговиот талент е потврден со бројни награди: освоил четири специјални и повеќе први награди на натпреварите организирани од ЗДНМБУ (Здружение на директори и наставници на музичките и балетските училишта на Македонија), Меѓународниот натпревар „Дојрана“ и Меѓународниот фестивал со натпреварувачки карактер „Сергеј Михајлов“ во Штип.

Овој разговор се одвиваше во знак на неговиот важен претстоен солистички настап со оркестарот на Филхармонијата, на традиционалниот концерт со наслов „Младите доаѓаат и звукот на идната генерација“, одржан на 5 јуни 2025 година. Под диригентската палка на професорот, маестро Борјан Цанев, тој го изведе Концертот за перкусии и оркестар, оп. 109 од Дариус Мијо. Во меѓувреме, можеме да го следиме и во улога на оркестарски музичар, како соработник во редовниот репертоар на оваа институција. Ова сведочи за довербата што му се укажува во изведбата на најсложените дела од музичката литература.

Уште од најрана возраст покажуваш афинитет кон удирачките инструменти. Со оглед на твојот досегашен успех, како изгледаа твоите музички почетоци?
Сè започна кога имав три или четири години. Имав тапани дома, бидејќи мојот дедо, Васко Анакијевски, беше тапанар и од мал бев опкружен со музика и инструменти. Имав и гитара, хармоника и виолина. Не знам зошто, но тапаните најмногу ме привлекоа. На шест години моите родители ме запишаа во основното музичко училиште во Битола каде почнав да изучувам класична музика. На моите први настапи и натпревари имав прилично многу трема, но со текот на времето сфатив дека колку повеќе настапувам, толку повеќе тремата исчезнува. Никој не може да ја отстрани наместо тебе. Тоа мораш сам да го направиш.


До 2022 година беше во класата на професорот Методија Мешковски. Од колкава важност беше комуникацијата со твојот професор во тој период? И воопшто како ја оценуваш улогата и влијанието на професорите во твоето формирање како музичар?
Комуникацијата со професорот има важност, се разбира. Би ги издвоил континутетот на наставата, насоките што ми беа давани за полесно совладување на материјалот. Но, сепак, мислам дека е поважно самостојно да размислуваш, отколку да се потпираш единствено на комуникација со професорот. Најважно е сам да најдеш начин да го решиш проблемот. На тој начин се осамостојуваме. Тука ја гледам и улогата и влијанието на професорите – во формирањето на самостоен музичар.


Покрај подготовката на настапите за музичките натпревари, во ученичките денови беше дел од бендот Misanthrope. Сподели го со нас твоето искуство со овој бенд?
Misanthrope ми беше прв бенд. Почнавме да свириме cover-верзии од популарни песни и тоа траеше многу долго време. Потоа почнавме да работиме на нашиот прв албум. Подготовката на албумот беше долг процес бидејќи немавме искуство, нити пристап до професионално студио. Албумот го снимавме две години и уште една година го усовршувавме. Во меѓувреме свиревме на повеќе фестивали како “D Fest” и “Loser Fest”.


Што сметаш дека е најважно, вон партитурата и техниката, за успешно заедничко музицирање?
Свирењето не е толку голем предизвик колку што е комуникацијата. Таа често претставува проблем во групната работа. Кога се работи на музика мора да има компромис и комплицирано е кога еден сака да доминира. Мора да се дели идејата и членовите на бендот мора барем минимално да го делат истото мислење.


Колку е важно за еден музичар активно да слуша различни жанрови и како тоа се одразува на развојот на неговата техника и музичкото размислување?
Важно е сè да слушаш. Не треба длабоко да навлегуваш, но важно е да имаш по нешто од секој жанр.


Твојата патека ги вклучува и интензивните ритмички структури на металот (уште од почетоците претежно свириш хеви метал и треш метал), и импровизациската слобода на џезот. Како да го разграничиме техничкиот пристап при свирењето во овие два дијаметрално различни света?

Метал и џез се многу далечни жанрови, дури би рекол дека класичната музика е поблиска до метал отколку џезот. Џезот е многу послободен од метал. Во метал построго се свири, подефинирано, додека џезот има друг пристап. Ние тапаните ги третираме како инструмент што држи ритам. Во џезот замислата е тапаните да се дел од музичкиот израз и најчесто баситот е тој што го држи ритамот.


По доаѓањето во Скопје и запишувањето на ФМУ, започна со соработка со бендот Demency. Дали претставуваше предизвик вклопувањето во поразлична музичка и генерациска средина?
Прво, постоеше голема генерациска разлика. Тоа беше првпат некој да ми се јави и да ми понуди да свирам без претходно да се знаеме. На почетокот беше чудно; не комплицирано, но сепак беше ново и различно. Никој не познавав, сè ми беше ново – нов град, нови луѓе. Ова се случи пред да се запишам на ФМУ, но со текот на времето се прилагодив и сè стана полесно.

Според најновите објави на социјалните мрежи, моментално си активен и со бендот Baryogenesis. Дали со овој бенд ја продолжуваш својата досегашна патека на метал-сцената или пристапот е поразличен?
Да, музиката што ја свириме е метал, но има елементи што не делуваат на метал. Има fusion-елементи што прават основата на музиката да не е метал, но да биде дел од таа сцена. Идејата е да звучи поразлично: не е типично за метал, ама сепак жанровски, припаѓа таму.

Твоето прво учество на Skopje Drum Festival во 2022 година беше значаен чекор. Кои беа условите за учество и со што избра да се претставиш?
Ме побараа и сè зависи од тоа дали имаш нешто да покажеш – ако имаш материјал, одиш и се претставуваш. Се преферира да се свири авторска музика, нешто што јас имам снимано или сум бил дел од некој проект. Јас свирев една од Demency, една од Baryogenesis и една од Misanthrope.


Паралелно со настапите активно се занимаваш и со педагогија. Кога и како се јави оваа желба да го пренесеш знаењето?
Предавам во Pianoforte и во Musiclab. Почнав пред нешто повеќе од една година. И во двете школи предавам поп, тапани. Учениците се на возраст од четири до 19 години, но сум имал и повозрасни ученици
.


Работата со ученици, особено со помалите деца, носи специфични предизвици. Како пристапуваш кон надградбата на нивната техника и како ги бираш вежбите, имајќи ги предвид нивната возраст и мотивација?
Секој ученик е различен. Пример, да имам две деца од по четири години, со двете пристапот ќе биде различен. Голема улога игра карактерот и дисциплината. Прво, колку сака и колку може, но поважно е колку сака. А не е толку комплицирано, само треба трпение. А во однос на техничките вежби, сè зависи од возраста. Помалите деца зборовите кои ги употребуваме за техниката нема да ги разберат. Некои од техниките се Push-pull, Moeller – детето нема да разбере што кажувам. Тоа ќе биде само имитирање на движења што нема да има никаков ефект. Најчесто кај тие деца се скокаат некои елементи. Постепено, преку учење рудименти, природно ќе почнат да се местат рацете, ама важно е детето колку сака да научи. Ќе гледа и други тапанари, ќе ме гледа и мене и полесно ќе научи. А има некои многу мали деца, кои се доволно заинтересирани за да можеме да зборуваме за движење на рака. И ќе ме сфатат и веќе ќе почнат да учат. Целата работа е што процесот на учење трае многу долго време за дете. Ако премногу се форсира со вежби, може да изгуби целосен интерес за инструментот.


Дали се фокусираш исклучиво на сет тапани во наставата или вклучуваш и други перкусии?
Предавам само сет тапани. Прво ги учиме сите рудименти, а потоа ги применуваме на целиот сет. Рудиментот ученикот не треба да го научи напамет на добош, туку треба да знае да го „оркестрира“ на сетот. Кога ќе стигнеме до тоа ниво, не треба јас да кажам како ќе се примени, туку треба да размислува сам и да експериментира на тапаните.


Читањето ноти prima vista за сет тапани често се смета за сложено. Според твоето искуство, дали е продуктивно да се воведе ова уште од рана возраст и кои методи ги наоѓаш за ефикасни?
В
о нашата средина читањето ноти за сет тапани се смета за многу комплицирана работа. Учениците најчесто почнуваат да учат ноти за сет тапани при крајот на средното образование или на почеток на студиите, но, според моето искуство, тоа е премногу доцна. Малите деца многу полесно и побрзо го разбираат начинот на читање ноти за сет тапани. Во мојата класа поголемиот дел од учениците знаат да читаат ноти, можеби не најпрецизно, меѓутоа знаат да изведат prima vista вежба. Тоа дете од 10 години што почнало да учи ноти за сет тапани, кога ќе има 20 ќе му биде многу полесно. Кај нас не се практикува учење триола со мало дете, бидејќи е комплицирана фигура, но има една многу добра книга за тапани што јас ја користам, од Аника Најлс (Anika Nilles), каде се сите тие фигури; целата книга е за субдивизи и неправилни фигури како триола, квинтола и септола. Сите тие фигури се учат преку konnakol. Јас го пробав тој метод и функционира и сите деца знаат да свират квинтола. Зборуваме за деца од 10 години. Konnakol е антички ритмички јазик од Јужна Индија. Целата замисла во тој јазик е изговорот. Како што нè учеле нас со зборот математика, така во овој метод има збор Tha Ki Ta со кој се изучува триолата. Така се прават цели фрази, а тоа изговарање на децата им е интересно и многу лесно ги синхронизираат движењата со говорот.


Колку е важно за почетниците да свират со другите и како ја спроведуваш оваа практична ансамбловска компонента во наставата?
Тоа го реализираме во групна настава. Најчесто се работи со две деца бидејќи инструментот е масивен, бара многу простор и тешко е да се организира работа со повеќе ученици истовремено. На овие часови учениците се запознаваат со колективната работа: еден држи ритам, додека другиот прави прелаз. Главната цел е меѓусебно да се слушаат. Тој што го прави преминот мора точно да знае кога и како да почне со ритамот. Не смее да се врати по интуиција, туку мора да го слушне другиот и да се синхронизира.


Како ја замислуваш (и посакуваш) својата иднина: да се надоградуваш во улога на педагог или како активен изведувач?
Искрено повеќе би се посветил на концертниот живот, и како солист, како што е случај со мојот настап со Филхармонијата, и како оркестарски музичар, но не сум ни против ова. Не знам каде ќе ме носи животот, но повеќе би сакал изведби, бидејќи ако нема концертен живот, нема да има ни педагошка дејност. Мора и јас да учам за постојано да пренесувам информации на тие што сакаат да учат.

Милена Наумовска, 5 јуни 2025 година


Звучните пејсажи на минатото и сегашноста
Кон концертот на Симфонискиот оркестар на Јеил

На 11 март 2025 година, со почеток во 20 часот, во големата сала на НУ Филхармонија за првпат имавме можност да проследиме концерт на Симфонискиот оркестар на Јеил (Yale Symphony Оrchestra). Оркестарот го води британскиот диригент Вилијам Ботон (William Boughton) и асистент-диригентката Никол Лам (Nicole Lam) (инаку таа е и пијанистка). Концертната вечер започна со говор на диригентот Ботон кој ги поздрави присутните и ја потенцира важноста на овој оркестар во однос на образованието на оркестарските музичари, студенти од други факултети, кои не продолжуваат да се специјализираат во областа на музиката. Тој воедно се осврна и на интерпретациско-техничките можности на оркестарот.

Нешто што веднаш остави впечаток беше распоредот на оркестарот, кој не го следеше стандардниот начин на распределба на инструментите по групи, туку на левата и десната страна, во своевиден дијалог, беа поставени првите и вторите виолини, во средината лево виолончелата, додека виолите ја задржаа стандардната средна позиција десно. Контрабасите правеа лак лево, позади првите виолини и виолончелата, а харфите беа во инверзната позиција десно. „Стерео“ впечатокот се заокружуваше со дрвените дувачи поставени централно во два реда, и над нив лимениот обрач со хорните лево.

Концертната програма беше опремена со QR-кодови кои водеа до дополнителни содржини за ансамблот, а во хартиената верзија беа наведени имињата на сите оркестарски музичари и организацискиот тим. Ваков детален список на сите учесници во концертна програма е направен со македонската премиерна изведба на делото Посветување на пролетта од Игор Стравински во 1996 година од Меѓународниот студентски симфониски оркестар на Факултетот за музичка уметност во Скопје, по повод 30-годишниот јубилеј на факултетот, проект раководен од тогашниот декан, професорот Димитрије Бужаровски. Оваа практика е знак на почит кон секој поединечен учесник, со оглед на културното и образовно значење на ваквите проекти.

Во првиот дел од концертот Симфонискиот оркестар на Јеил ја прикажа убавината на музичките стилови од западноевропското музичко наследство, поточно австриско-германската основа на класицизмот (Моцарт) и доцниот романтизам (Рихард Штраус). Вториот дел беше резервиран за американското творештво на 20 и 21 век, со избор на дела во кои до полн израз дојдоа тембровите варијанти на удирачките инструменти со определена и неопределена висина, како и разните регистри и техники на гудачките и дувачките инструменти. Сето ова беше умешно споено во кохерентни и нијансирани оркестарски целини.

Делата на програмата беа најавувани од диригентот. За првото дело, Дон Жуан оп. 20 (Don Juan) од Рихард Штраус (1864–1949), една од најзначајните негови симфониски поеми, напишана во 1888/89 година, на стихови на истоимената поема на австрискиот поет Николаус Ленау (Nikolaus Lenau, 1802–1850), Ботон раскажа дека е засновано на шпанската легенда за големиот заводник и во него „прозвучува“ љубовта кон три сакани. Ботон со зборови и со диригентски гест ја издвои љубовната тема во соло обоата, преку која, Штраус ја искажал љубовта кон својата сопруга. Во филхармониската сала се ширеше tutti звук отелотворен во младешка енергија. Оркестарската снажност се стиша со длабоките тонови во дувачите како навестување на трагичниот крај на ликот.
Романтичната изразност од оваа изведба се претопи во рафинираност со прозвучување на следното дело, Sinfonia Concertante K. 364 во Es-dur (1779) од Волфганг Амадеус Моцарт (1756–1791), во кое како солисти настапија Тобиас Лиу (Tobias Liu) на виолина и Ерин Ниши (Erin Nishi) на виола. Овие талентирани студенти, како што можевме да се информираме преку концертната програма, исполнуваат повеќе улоги: покрај солистичките, тие се и оркестарски музичари, при што Ниши настапува во групата на први виолини, а вклучени се и во организацијата на настапите со задачи за подготовка на програмата (Лиу), како и односи со јавноста (Ниши). Во првиот став акцентот беше ставен на дијалогот помеѓу виолината и виолата низ префинет звучно нијансиран тонски израз исполнет со грациозност. Бидејќи во програмата не беа наведени ставовите, паузата меѓу првиот и вториот беше прекината со аплауз од импресионираната публика. За вториот став, препознатлив по меланхолијата што произлегува од главната тема во виолината, солистот Лиу, во пропратен текст достапен преку QR-кодот втиснат на програмата, изјавува дека е „еден од најубавите заради плачот на виолината и утехата во виолата, и се чини дека тагата и утехата се преплетуваат и стануваат неразделни“. Танцувачкиот карактер на третиот став беше јасно обликуван преку интеракцијата меѓу двата инструмента. Со префинетост и доза духовитост, оркестарот ја доведе Sinfonia Concertante до триумфален завршеток, што се потврди со аплаузот на публиката, која долго ги отпоздравуваше солистите.

По паузата диригентот го најави делото Billy the Kid (Били Кид, 1938) од Арон Копланд (Aaron Copland, 1900–1990), воскликнувајќи „We have a surprise for you!“ (Следи изненадување за вас!). Делото, инспирирано од познатиот лик од Дивиот Запад, првично било напишано како балет за кореографот Јуџин Лоринг (Eugene Loring, 1911–1982), a подоцна композиторот го преработил и оркестрирал во форма на суита. Звукот на обоата и тимпаните го долови детството на Били, кој израснал во мало гратче во близина на Ново Мексико. Синкопираните удари на клавесите (wood claves), контрастните мелодиски линии, одекнувањето на хорните, како и изразената улога на удирачките инструменти, ги сликаа драматичните настани на Дивиот Запад.

Во продолжение, младите музичари од Јеил, под раководство на Ботон, остварија исклучително прецизна и усогласена интерпретација на “Rainbow Serpent” од Кристофер Теофанидис (Christopher Theofanidis, 1967). Станува збор за вториот од трите става на симфониската поема Dreamtime Ancestors (Предци, 2015). Насловот го симболизира моќниот и преобразлив лик Серпентин од митологијата на Абориџините, со најблиско значење на лакот на виножитото (би можеле да ги употребиме и зборовите божилак или ѕуница). Теофанидис ја претставува легендата преку музичкиот колорит и трансформациите на инструментите: оркестрацијата, со неверојатна промена на боите на оригиналните тембри, создаде пејсаж кој, од една страна, зрачи со мистериозност, а, од друга, со грандиозност и експресивност, евоцирајќи моќ и величественост на митолошкиот лик.

Филмската музика на Џон Вилијамс (John Williams, 1932), особено препознатлив по серијалот Star Wars (Ѕвездени војни/Војни на ѕвездите) започнат во 1977 година, и на овој концерт се најде како неизоставен дел од програмата. Оваа музика секогаш буди сеќавања кај постарите генерации на нивните омилени научнофантастични авантури, кои, од друга страна, продолжуваат да ги фасцинираат новите генерации. На диригентскиот пулт овојпат се појави Никол Лам (Nicole Lam), под чија палка оркестарот ги изведе трите најпознати фрагменти, односно темите: “Princess Leia’s Theme”, “Main Theme’’и “The Imperial March’’. Во првата тема, иако се издвојуваа мелодиските линии во дрвените дувачи, топлата боја на хорните јасно ја прикажуваше убавината и стаменоста на принцезата Леја. Енергичната изведба на главната тема го отслика авантуристичкиот дух и епската величина на оваа сага, додека маршовскиот карактер на последната тема беше нагласен преку лимените дувачки инструменти и добошот.

Првиот бис беше ставот “Tap!” (Степувај!) од суитата Four Black American Dances (Четири афроамерикански танци, 2022) oд Карло Сајмон (Carlo Simon, 1986). Изведбата повторно ги нагласи удирачките инструменти, со што се создаде богата палета на звучни ефекти која ги имитираше ритмизираните удари на чевлите за степување на фон на мелодиски линии и акорди во стил на џезот сместени во гудачкиот и дувачкиот корпус. Во сроден стил и богата текстура на симфонискиот свинг, беше изведен уште еден бис – петтиот став “The Lake” (Езерото) од The River (Реката, една од суитите снимани во периодот од 1968 до 1970 година) од легендарниот композитор и пијанист Дјук Елингтон (Duke Ellington, 1899–1974). Во ова дело особено се потенцираа боите и можностите на овој оркестар, создавајќи звучни пејсажи што го обединија минатото и сегашноста.

Со впечатлива уметничка визија и сценски настап, талентираните студенти од Јеил претставуваат слика за симфониски младински оркестар кој во многу аспекти може да се мери со зрел професионален ансамбл. Целокупниот проект ги истакнува комбинацијата на ентузијазам и дисциплина, клучни за секое успешно претставување, при што се негуваат вистинските музички вредности и се одржува рамнотежа со нивните академски обврски. На овој начин, концертот јасно покажа дека нивната посветеност кон музиката е исто толку силна како и кон кој било друг аспект од нивниот живот.


Милена Наумовска, 14 април 2025 година


Од баритон до сопран – грандиозниот звучен опсег на саксофонот
Кон концертот на саксофон квартетот во рамки на фестивалот “SaxClar”

По Првата индустриска револуција (околу 1840 година), која го одбележа XIX век како период на научни откритија и значаен технолошки напредок, во областа на музиката меѓу новосоздадените инструменти се појавил и саксофонот. За неговото создавање заслужен е Адолф Сакс (1814–1894), кој најнапред го конструирал бас-саксофонот, а потоа развил и други типови саксофони, што ги патентирал во 1846 година. Сакс патентирал 14 варијанти на инструментот, произлезени од основниот модел, кои ги поделил во две групи од по седум инструменти (од сопранино до контрабас), со цел да го опфати целиот регистар. Во првата група биле вклучени саксофони in f и in c, додека втората, денес стандардизирана, се состоела од саксофони in es и in b. Производството и употребата на инструментот стагнирале за време на глобалната економска криза (околу 1920 година). Во почетокот на 1930-тите години саксофонот го добил својот денешен изглед и конструкција, што претставувало значаен фактор за неговата понатамошна распространетост, како во класичната, така и во популарната музика.

Саксофонот во многу земји е подеднакво застапен и како солистички инструмент, но и во различни камерни состави, меѓу кои најкарактеристичен е саксофон квартетот. Во рамките на ваквите состави се комбинираат различни видови саксофони, при што најчести се формациите со два алт-саксофона, тенор и баритон (AATB), или сопран, алт, тенор и баритон (SATB). Во Македонија, саксофонот најчесто се среќава како солистички инструмент, но доколку се издвои камерен ансамбл што оставил позначаен белег во првата деценија од 2000-тите години, тоа е саксофон квартетот „Димов“. Според достапните податоци за нивните настапи, составот го сочинувале Нинослав Димов – сопран, Тони Велков / Стојан Димов – алт, Владимир Трајановски – тенор и Влатко Иванов – баритон.

По речиси две децении, македонската публика повторно имаше можност да проследи концерт на саксофон квартет. На 17 декември 2024 година, во Музејот на македонската борба, со почеток во 20 часот, се одржа концерт во рамките на шестото издание на Меѓународниот фестивал за кларинет и саксофон “SaxClar” Фестивалот е основан во 2017 година од саксофонистот Нинослав Димов, со цел да се промовира репертоарот за кларинет и саксофон и да се поттикне соработката меѓу изведувачите.

На завршната вечер од фестивалот настапи саксофон квартетот во состав: Ѓорѓи Димовски – сопран, Горан Трајковски – алт, Григори Ангелов – тенор и Нинослав Димов – баритон. Димовски и Ангелов се студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Нинослав Димов, додека Горан Трајковски е професор во Државното музичко училиште во Битола.

Овој необичен состав, кој обединува студенти и професори, ја нагласи колегијалноста и солидарноста, но воедно ја истакна и педагошката дејност и менторската посветеност. Овие вредности беа видливи и во самата сценска поставеност, при што квартетот беше распореден во полукруг, овозможувајќи полесна меѓусебна комуникација и ансамблова координација. Редоследот на инструментите беше организиран според штимот (сопран и тенор in b, баритон и алт in es). Од левата страна, вообичаено, беа поставени сопран и тенор, а кон десно следеа баритон и алт саксофонот. Ваквата поставеност, покрај штимот, ја зема предвид и распределбата на регистрите и тембрите. Сопранот и алтот беа позиционирани на краевите за да се истакне светлиот, висок регистар, додека тенорот (до сопранот) и баритонот (до алтот) во средишниот дел придонесоа за постигнување богат, балансиран и хомоген ансамблов звук.

Програмата на концертот опфати дела од повеќе стилски епохи – од барокот до композиции од XXI век, со цел да се прикажат разновидните изразни и технички можности на саксофонот. Квартетот го отвори концертот со аријата„In den angenehmen Büschen“, бр. 8 (1725) од Георг Фридрих Хендл (1685–1759). Аријата е дел од циклусот Neun deutsche Arien, напишан врз либрето на Бартолд Хајрих Брокс (Barthold Heinrich Brocks, 1680–1747). Оригинално, делото е наменето за глас (сопран) и basso continuo (чембало или виолина). Хендл преку музичко „сликање“ на текстот ја изразува својата духовност и восхит кон природата. Публиката имаше можност да ја слушне аријата во несекојдневна верзија, во аранжман за саксофон квартет. Аранжманот е дело на америкаскиот режисер, воедно и композитор Брус А. Еванс (Bruce A. Evans, Калифорнија, 1946), кој активно подготвува транскрипции и аранжмани за саксофон. На неговата веб-страница се објавени повеќе од 150 аранжмани за саксофон квартет. Во оваа верзија, вокалната сопранска делница е доверена на алт-саксофонот, облигатниот инструментациски глас го презема сопран-саксофонот, а басовата основа и хармонската подлога се распределени во тенор-саксофонот. Иако оригиналната композиција има поизразена полифона текстура, во изведбата на квартетот доминираше стремежот кон постигнување хомоген ансамблов звук и единствен звучен впечаток. Притоа, формалните целини беа јасно артикулирани, што овозможи делото да се перципира како прегледна и стилски заокружена полифона структура.

По изведбата на аријата следеше кратко обраќање на проф. Димов, во кое ги поздрави присутните и ги претстави изведувачите. Потоа беше изведено делото Premier Quatour, оп. 53 (1857) од фламанскиот композитор Жан-Батис Сингеле (Jean-Baptiste Singelée, 1812–1875). Делото првично било напишано за ансамбл саксофони, поточно за класата на Адолф Сакс, и претставува еден од најраните примери на саксофон квартет. Како близок соработник и пријател на Сакс, Сингеле го поттикнал развојот на камерниот состав од четири саксофони, што воедно претставува и главната причина за создавањето na ова дело. Квартетот е составен од четири става (Andante – Adagio – Scherzo – Rondo), од кои на концертот беше изведен првиот став – Andante, во аранжман на францускиот саксофонист Жан-Мари Лондекс (Jean-Marie Londeix, Либурн, 1932).

Ставот започнува со бавен вовед, во кој Димовски, со чистиот и продорен тон на сопран-саксофонот, јасно ја истакна водечката мелодиска линија, додека останатите инструменти имаа придружна функција. По воведот следи дел во сонатна форма, што овозможува пошироко претставување на регистарските можности и техничките потенцијали на инструментите. Почетокот на главната тема беше јасно артикулиран преку синхронизираниот влез на сите четири саксофони, како и преку промената на темпото и динамичкото обликување, со што беше нагласен ведриот и подвижен карактер на музиката. За разлика од воведниот дел, тука секој инструмент доби поизразена индивидуална улога. Темата најнапред ја изложи Димовски со светлиот тембр на сопран-саксофонот, по што следеше своевиден дијалог со баритонот. Особено впечатлив момент беше појавата на солистичките делници, преку кои беа нагласени регистарските и тембралните разлики меѓу инструментите. Најнапред се издвои тенор-саксофонот, при што Григори Ангелов со неговиот топол и темен тон ја истакна темата со јасна изразност. Потоа следеа кратки дијалошки пасажи, овојпат меѓу алт и сопран-саксофонот. Во завршницата на ставот вниманието го привлече Нинослав Димов со краток ефектен пасаж, преку кој ги истакна звучните можности и регистарскиот опсег на баритон-саксофонот.

Во продолжение следеше делото Prélude et Rondo Franҫais (1937) од францускиот композитор Пјер Велон (Pierre Vellones, 1889–1939), кој творел во периодот меѓу двете светски војни. Делото беше изведено во верзија адаптирана од францускиот саксофонист Жак Делој (Jacques Desloges, Париз, 1934). Прелудиумот се одликуваше со лиричен и смирен карактер, чија убавина беше истакната преку солистичките делници, редоследно претставени според регистарот – сопран, алт и тенор саксофон. По овој воведен дел следеше изразит карактерен пресврт, означен со промена на темпото и со поразигран, енергичен музички тек, со што јасно беше најавен почетокот на рондото. Рефренот најнапред го изложи Ѓорѓи Димовски, а потоа Горан Трајковски и Григори Ангелов го повторија преку експресивното звучење на алт и тенор саксофонот, што придонесе за поголема звучна полнота и тембрална разновидност. По неговото претставување, квартетот јасно го обликуваше контрастниот средишен дел, внесувајќи нова звучна боја со богата хармонска слоевитост и стилска рафинираност.

Четвртото дело беше првиот став “Bordel 1900” од циклусот Histoire du Tango (1985) на аргентинскиот композитор Астор Пјацола (Astor Piazzolla, 1921–1992). Делото оригинално е напишано за флејта и гитара и се состои од четири става – “Bordel 1900”, “Café 1930”, “Nightclub 1960” и “Concert d’aujourd’hui”, инспирирани од различни периоди од ноќниот живот и развојот на тангото во Аргентина. На концертот беше изведена верзија според транскрипција на композиторот Клод Воарпи (Claude Voirpy). Со ова дело изведувачите успешно го доловија танцовиот карактер на музиката. Особено се издвои Ѓорѓи Димовски, кој со прецизно артикулирани и акцентирани тонови на сопран-саксофонот го навести карактеристичниот milonga ритам, додека водечката мелодиска линија му припадна на Горан Трајковски, кој преку топлиот звук на алт-саксофонот го обликуваше танго-изразот. Длабоките и резонантни регистри на тенор и баритон-саксофонот создадоа стабилна звучна основа, придонесувајќи за поавтентична, динамична и енергична интерпретација.

Следеше делото El Médico de Pianos – Danzón cubano (1998) од кубанскиот композитор Хорхе Лопес Марин (Jorge López Marín, Хавана, 1949). Изведбата се одликуваше со изразени динамички контрасти, богата регистарска распределба и жив, пулсирачки ритам, преку кои беше нагласен танцувачкиот карактер на композицијата. Сопран-саксофонот, со остро артикулирани тонови во високиот регистар, ја зголемуваше звучната напнатост, додека останатите инструменти ја обезбедуваа стабилната хармонска и ритмичка основа.

Претпоследното дело на програмата беше Ulla in Africa (1995) од германскиот саксофонист и композитор Хајнер Виберни (Heiner Wiberny, 1944). Композицијата е посветена на неговата сопруга Ула, голем вљубеник во африканската музика. Уште во воведот, саксофоните го исполнија просторот со топол и пријатен звук, збогатен со џез елементи, со што веднаш беше најавен ведриот и разигран карактер на делото. Темата најпрво се појави во баритон-саксофонот, кој го истакна Latin funk карактерот на музичкиот материјал. Сопран и алт-саксофонот, поставени во еден вид канон, ја повторуваа синкопираната мелодиска линија, додека баритон-саксофонот ја задржа функцијата на остинатен бас. Тематскиот материјал постепено се пренесуваше меѓу инструментите, овозможувајќи негово звучење во различни регистри, а преку внимателното фразирање беше нагласена и изразната длабочина на композицијата.

Следно, квартетот се претстави со Amusement Park Suite (2023) од јапонскиот композитор Хироки Такахаши (Hiroki Takahashi, 1974). Суитата првично била составена од четири мошне кратки става (“Main Street”, “Haunted House”, “Merry-Go-Round” и “Roller Coaster”) и напишана за трио саксофони, а подоцна композиторот ја преработил за квартет, додавајќи уште еден воведен став – “Entrance”. Такахаши умешно ги користи звучните можности на саксофонот за да прикаже различни расположенија и изведувачки техники во едно повеќеставно, а сепак компактно дело. Во првиот став, “Entrance”, саксофоните имаат фанфарен карактер, создавајќи впечаток на свечен вовед. Во вториот став, “Main Street”, квартетот со синхронизирана изведба и со наизменично изложување на мелодискиот материјал во сопран, алт и тенор-саксофонот го истакна енергичниот и жив карактер на музиката, додека баритон-саксофонот, со стакато во длабокиот регистар, обезбеди разиграна ритмичка основа. Третиот став, “Haunted House”, се одликува со изразен контрастен и драматичен карактер, кој асоцира на хорор-атмосфера. Светлиот и продорен звук на сопран-саксофонот сугерираше мистериозност, додека останатите инструменти создаваа дополнителна тензија преку хроматски обоени акорди. За разлика од него, четвртиот став, “Merry-Go-Round”, беше изграден врз валцерски ритам, при што главната мелодија постепено се издвојуваше во секој од инструментите. Последниот став, “Roller Coaster”, по својот карактер беше сроден со вториот, со доминантен подвижен ритам во баритон-саксофонот и брзи, виртуозни пасажи во останатите делници.

Концертот беше заокружен со бис, при што квартетот изведе дел од првиот став “Kalamatianos” од Suite Hellenique на шпанскиот композитор Педро Итуралде (Pedro Iturralde, 1929–2020). Вечерта заврши во живиот ритам на 7/8 метар, со мелодиска линија што се пренесуваше меѓу сопран, алт и тенор-саксофонот, оставајќи впечаток на енергично и заокружено музичко финалe.

Концертната вечер на “SaxClar” саксофон квартетот понуди внимателно осмислена програма која опфати различни стилски епохи и жанрови, откривајќи ја разновидноста на изразните и техничките можности на инструментот. Преку сигурна ансамблова координација, прецизно динамичко нијансирање и изразена тембрална осетливост, квартетот успеа да изгради богат и хомоген звучен баланс. Особено впечатлива беше способноста на изведувачите да го прикажат целосниот звучен спектар на составот – од најдлабоките, резонантни тонови на баритон-саксофонот до светлите продорни висини на сопранот. На тој начин, беше претставен грандиозниот опсег на саксофонот – од најнискиот до највисокиот тон – потврдувајќи ја неговата современа изведувачка виталност и значајното место на македонската музичка сцена.

Милена Наумовска, 1 јануари 2025 година


Мјузикл за постдигиталното време
Кон Screenagers vol. 2 во рамките на фестивалот „МОТ“
На 16 ноември 2024 година, во рамките на 49-тото издание на фестивалот „МОТ“ (Млад отворен театар), во салата „25 мај“ при МКЦ, беше изведен перформансот Screenagers vol. 2 на Барбара Матијевиќ. Како кореограф, истражувач и автор на перформанси, Матијевиќ во својата работа го истражува влијанието на дигиталната култура врз сценската уметност. Во овој проект таа ја отвори темата за зависноста од дигиталните уреди преку секојдневието и неговиот постојан допир со онлајн-светот. Со суптилна иронија, авторката ја осветли сложената врска меѓу интернетот и современото живеење. Во симбиоза на звук, технологија и сценски наратив, перформансот се чита како мјузикл за постдигиталното време во кое уметноста не го коментира дигиталното, туку живее во него.

Една неочекувана, но знаковита случка пред почетокот на претставата беше појавата на еден тинејџер по име Марко, кој упорно, на својот мобилен телефон „ловеше“ покемон. Се издвојуваше во толпата со јарка жолта јакна и беше конкретен пример на токму она однесување што перформансот го преиспитува, односно занесеноста на дигиталните генерации. Неговите врсници – скринејџери што пристигнуваа на настанот, исто така се движеа на границата меѓу физичкото и дигиталното, и рамнодушно си го носеа својот хибриден идентитет од улицата во салата.

Матијевиќ се појави на сцената во широки зелени панталони и ролка со црно-бели риги, со косата собрана во репче, неформален изглед што го нагласуваше духот и слободата на дигиталните генерации. Околу вратот носеше црвена безжична MIDI-клавитара (keytar). Преку овој интерактивен музички инструмент таа ја обликуваше атмосферата со звучни ефекти, нагласувајќи ја главната идеја дека денешниот живот е неповратно хибриден, како последица на постдигиталното време во кое технологијата повеќе не е додаток, туку интегрален дел од секојдневието и уметничката практика.

Иронијата на темата не ги одмина ни посетителите заинтересирани за музика и технологија, кои веднаш го забележаа необичниот црвен инструмент. За да се идентификува точниот модел, доволно беше да се послужат со Google Lens; со едноставно фотографирање и означување на дел од сликата, алатката веднаш го пронајде производот (Alesis Red Vortex Wireless 2). И тоа само по себе покажува колку дигиталните технологии станаа неизбежен дел од нашето секојдневно функционирање.

Матијевиќ го започна перформансот со вовед во кој се осврна на необичен настан: напади на ајкули врз подморските интернет-кабли во Пацификот. Ова предизвикува неколкудневен прекин на мрежата во Јапонија и широка фрустрација кај населението. Со оваа приказна веднаш го отвори прашањето за нашата зависност од дигиталната инфраструктура. Паралелно, таа ја истакна и темата за здравствените последици кај интернет-генерациите, кои поради прекумерната изложеност на екраните веќе се соочуваат со физички и психички нарушувања.

Еден од највпечатливите моменти се случи на крајот од монологот, кога во салата падна нечиј паметен телефон и звукот на ударот одекна во тишината. Случаен, но симболичен, тој звук стана директен доказ за присуството на овие мали „црни кутии“ што постојано ги држиме во дланките.

Темата потоа се разви интерактивно преку мобилните телефони на публиката. Со скенирање на QR-код присутните беа пренасочени кон специјално создадена веб-страница, активна само за време на перформансот, исполнета со анимирани гифови (gif). Така, публиката активно учествуваше во создавањето дигитален колаж што го одразуваше самото јадро на делото.

Матијевиќ често ги реализира своите уметнички замисли преку спој на музика и поезија, а Screenagers е еден од проектите што произлегуваат од тој пристап. Со право, целиот настап може да се опише како своевиден мјузикл, што нагласува дека музиката не е само придружба, туку суштински дел од структурата и пораката. Музичките фрагменти што ги изведуваше беа заразни и лесно се паметеа (sticky tunes), како на пример, нејзината „Песна за Google“. Составена од секојдневни прашања што луѓето ги внесуваат во пребарувачот, таа духовито ја долови нашата дигитална потрага по знаење и потврда.

Настанот беше проследен со непосредни реакции, главно од основци и средношколци. Како што сугерира и самиот наслов (кованица од screen – екран и teenagers – тинејџери), токму тие генерации се најтесно поврзани со дигиталните екрани (генерациите „залепени“ за нив). Музичко-поетскиот израз беше клучен за да го задржи нивното внимание. Перформансот не само што ги опиша, туку директно им се обрати преку нивното искуство. Иако содржината не течеше како линеарна приказна, присутните останаа ангажирани низ богатиот сценски тек, во кој лесно се препознаваа себеси и спонтано реагираа со смеа, шепотење и восклици. Овој интерактивен момент укажуваше на нивните комуникациски навики – фрагментирани, емотивно обоени и често изразени преку графички и аудиовизуелни форми како емотикони, типични за социјалните мрежи.

Изведбата носеше и критичка дистанца кон младата популација, чија комуникација и самовреднување често се одвиваат посредно, преку екранот. Таа двојност, меѓу подучувањето и иронијата, поттикнуваше размислување кај сите присутни. На тој начин, Матијевиќ создаде ангажиран театар: хибридна форма што комбинира елементи на мотивациски говор, предавање и мјузикл. Настанот доби и педагошка димензија, оставајќи ѝ на публиката самата да ги извлече заклучоците.

Во текот на настапот, преку мотивациските обраќања, Матијевиќ ја нагласуваше пораката за упорност и верување во замислената цел: „Гледајте напред, без разлика што носи иднината. Поставете си ги вистинските прашања и ќе можете да ги надминете сите пречки.“ Ова визуелно беше поткрепено со сцени од видеоиграта Super Mario, проектирани на видеобим. Играта послужи како алегорија за животот. На екранот го следевме Супер Марио како удира со глава во блокови за да собере парички, како расте или се намалува, како паѓа и повторно се крева, сè со цел да стигне до следното ниво. Таа дигитална парабола ја одразува човечката потрага по напредок во услови на постојани предизвици.

Во следниот сегмент, Матијевиќ се појави со камера во рацете и даде мета-коментар за самиот медиум: „Јас ви се обраќам вам, но не гледам во вас, туку гледам во парче хардвер со ограничена видливост. Затоа морам да одберам што ќе ставам во овој минијатурен свет што го создавам. И прашањето што постојано се повторува е: што да снимам?“ Потоа следуваа сцени со селфи-пози и типични туристички фотографии (потпирање на Кривата кула во Пиза или допирање на врвот на Ајфеловата кула со показалецот), кои предизвикаа бурни реакции, како и забавен дел посветен на интернет-мемињата (memes).

Преку овие имитации на секојдневниот визуелен фолклор на социјалните мрежи, Матијевиќ го осветли парадоксот на современата индивидуалност. Луѓето сакаат да бидат уникатни, а сепак масовно ги репродуцираат истите шаблони на изразување, па стануваат копија еден на друг. Но, истовремено, таа ја покажа и креативната страна на овој феномен – можноста брзо и лесно да се биде интересен и да се привлече внимание.

Во следниот дел, таа го претстави т. н. forecasting-пристап, заснован на комбинација од минато и моментално дејствие, пози и движења во интеракција со видеопроекции, односно поврзување на медиумот со реалноста. Прикажа повеќе видеа истовремено, чии звуци се преклопуваа во ритмизирана мелодија со едноставна хармонија, блиска до популарните жанрови.

Потоа ја презентираше клавитарата како инструмент за создавање звучни мемиња (ефекти од видеоигри, полициски сирени, кратки човечки извици). Амбиенталната музичка подлога, со репетитивен бас и џез-ритам (мал тапан, бас тапан и ride-чинела) не служеше само како атмосфера, туку и како структурна матрица врз која се градеа следните сцени.

Следуваше сегмент во кој најчесто поставуваните прашања на Google беа претворени во стихови и изведени како песна. Рефренот “You’re doing it wrong“ иронично укажуваше на несигурноста и недовербата кај современиот човек, зависен од дигиталниот авторитет и вештачката интелигенција.

Последиците од технологијата врз индивидуата Матијевиќ ги долови и преку симболична сцена во која клавитарата ја употреби како оружје, „убивајќи го“ човекот во потрага по совршенство и надворешна потврда. Таа се осврна и на заситеноста од бескрајниот проток на филмови, серии и видеоигри што никогаш не завршуваат, туку создаваат циклус на непрекината потрошувачка, па, коментираше:

„Забележавте ли дека во денешно време ништо не завршува? Хероите умираат, но нивната смрт носи посебно значење за идните генерации; приказните не завршуваат; ажурирањата на социјалните мрежи не завршуваат; сериите и филмовите не завршуваат... А кога веќе ќе се исцрпат идеите, секогаш се враќаме на веќе прикажани содржини, градејќи ѕид од тули кој нè спречува да ја следиме суштината. И јас не сум поинаква; од една страна, сакам да ја завршам оваа приказна, од друга, да останам тука засекогаш; има уште многу приказни што не сум ви ги кажала.“

Во завршниот дел, лаптопот како медиум за генерирање содржини и четботот (ChatGPT), искористен за филозофскиот епилог, ја формираа последната поента. Публиката доби задача да напише стихови со најдлабоки стравови или тајни, но на овој повик, никој не одговори. Тишината што следеше беше коментар за нашата резервираност и склоноста кон пасивно посматрање, дури и кога ни се нуди можност за исповед.

Сумирајќи ги впечатоците, може да се заклучи дека Матијевиќ отвори повеќе прашања отколку што понуди одговори. Таа не даде решенија, туку огледало во кое се гледа какви дигитално-физички суштества сме станале. Иронично, веднаш по завршувањето на претставата, првото нешто кон кое посегнавме беа нашите телефони со што темата на перформансот се потврди на најдиректен можен начин. Можеби навистина треба да очекуваме Screenagers 3.0, и тоа не само како уметнички проект, туку и како нов циклус на нашата колективна самосвест, што се обидува да го именува она што веќе го живееме.

Трена Јорданоска и Милена Наумовска, 30 ноември 2024 година


Ритамот обединува
Кон “Skopje Drum Festival”

Неделата, 3 ноември 2024 година, во 17 часот, ритамот нè обедини во уникатен фестивал посветен на најпопуларните удирачки инструменти – тапаните. “Skopje Drum Festival”, оваа година со мала годишнина, по петти пат, е во организација на здружението Skopje Drum Talks, кое пасионирано ја истражува уметноста на тапаните во сета нивна жанровска присутност и органолошка разновидност. Модератор на петчасовната ревија на светски и домашни тапанари беше тапанарката Тејка Васиљевиќ, член на здружението, која ги водеше присутните низ различни приказни за изведувачите. Младинскиот културен центар, како култно место во скопскиот ноќен живот, каде публиката се однесуваше слободно и релаксирано, што е карактеристично за вакви случувања, беше одличен избор за задржување на неформалниот дух на настанот.

Поставени на средина на сцената на салата „Фросина“ во МКЦ, се менуваа сетови тапани, во сета нивна светкавост, величенственост, звучни новитети и дигитални машини. На нив настапија тапанарите Дарио Циевски, Кристин Неденс и Џорџ Колијас, додека сцената беше обвиена со разновидни светла и лога кои ја надополнуваа возбудливата атмосфера. Фестивалот беше видеодокументиран со поставени камери од двете страни на тапанарот, за да се овозможи подобра видливост на комбинациите на удари и координираноста на рацете и нозете на различните елементи на стандардниот тапанарски сет – во овој случај, нотиравме мал тапан (добош), томови, баритон том (floor tom), бас тапани и повеќе видови чинели (фус или hi-hat, ride чинела, china чинели, crash чинели и splash чинели).

На фестивалот имавме прилика да проследиме џез, fusion и death metal настапи. Хеви-металот нуди разновидни ритмички можности, преку различни поджанрови, како на пример, trash metal, symphonic metal, power metal, neoclassical metal, latin metal итн., и посакуваме следните фестивалски изданија да обединат и вакви ритмички настапи.

Иако можеби изгледа неспојливо со генералната жанровска насоченост на фестивалот, на ова издание можеше да се проследи и настап на народни свирачи – групата Мајовци, во нивната стандардна формација зурла и тапан. За поздравување е заложбата на организаторот за прoмовирање на традиционалното македонско творештво, кое, меѓудругото, беше застапено и со изложба на рачно изработени тапани од производителите SS Custom Drums, Muloski Handcraft и Христијан Николовски.

Вечерта ја отвори Дарио Циевски (1995), самоук тапанар и активен член во неколку бендови. Циевски на сетот Pearl тапани се претстави со соло кое обилуваше со разновидни ритмички обрасци и техники и неверојатна импровизација, со цел да го прикаже широкиот дијапазон на звуци што може да се произведат на тапаните. Неговиот настап беше збогатен со звучни ефекти од електронскиот инструмент Nord Drum 3P Multi-pad, кој на моменти предизвикуваше занес кај публиката (интересно, со оглед на тоа што Циевски е психолог/психотерапевт по професија).

Фестивалот стана уште поинтересен со настапот на германската џез тапанарка и композиторка Кристин Неденс (Christin Neddens, 1986), која, покрај редовното учество на музички фестивали, издава материјали и програми за усовршување на тапаните. Неденс се претстави со повеќе матрици, (наречени soundtracks), од областа на jazz-funk како поджанр на џезот. По бурните аплаузи, Неденс одржа кратко предавање со технички вежби за paradiddle, double paradiddle, paradiddle-diddle и triple paradiddle, како суштински рудименти за развој на техничките способности. Следеа уште две изведби во кои Неденс ги примени наведените техники, со акцент на десната рака и удари врз ride чинелата, додавајќи џез елементи. Неденс настапуваше на TAMA сет тапани.

Уште при првите реакции на публиката, беше јасно дека повеќето дошле да ја проследат изведбата на грчкиот тапанар Џорџ Колијас (George Kollias, 1977). Колијас бил член на повеќе death metal бендови, меѓу кои ги основал Extrеmity Obsession и Sickening Horror, но зенитот во кариерата го достигнал со бендот Nile. Тој исто така предава и е автор на прирачници за изучување на тапаните. На својот тапанарски сет Pearl, Колијас демонстрираше исклучителна техничка сложеност во екстремно брзо темпо, како главна одлика на death metal. Неверојатната брзина со која ги изведуваше специфичните техники, особено ги импресионираше присутните, кои го извикуваа неговото име во знак на одобрување. Поради претераното озвучување на бас тапаните, понекогаш се појавуваше заматеност на басот, иако Колијас беше прецизен до совршенство. Без разлика на ова, настапот беше проследен со громогласен аплауз. Големата заинтересираност на него продолжи во дискусијата, во која превладуваа прашања за техниката, начинот на вежбање, времето потребно за совладување на техниките и, секако, за самиот инструмент, како и за неговата исклучително висока цена.

Последни настапија Мајовци, најавени како „врв на фолклорниот музички израз во мијачкиот регион“, кои веќе децении настапуваат на манифестацијата „Галичка свадба“. Нивната појава на крајот на фестивалот беше замислена да направи жанровски пресврт во однос на претходните изведувачи, што го направи настанот уште поимпресивен. Групата Мајовци, составена од две зурли и два народни тапани, изведе сплетови од македонската народна музика, во кои публиката уживаше подеднакво како и во претходните изведби.

Фестивалот заврши со стоечки овации за изведувачите. Но, крајот не беше овде. Ритамот продолжи да ги обединува присутните и во сесијата Meet & Greet, која следеше во бифето на МКЦ. Обожавателите им приоѓаа на гостите со прашања за жанровите што ги преферираат во слободно време, за најупотребуваните технички вежби, како и за мислењата за други тапанари, по што се развиваа богати и значајни дискусии. Во текот на сесијата, покрај споделувањето искуства, беше вклучено и фотографирање и делење автограми.

Како проблематичен аспект би го издвоиле прекумерното озвучување, кое на моменти беше толку непријатно што се доближуваше до границата на подносливост. Ова е особено изразено при настапи на инструменти со природно висок SPL (Sound Pressure Level), како тапаните, чие ниво може да достигне од 90 до 130 dB. Слично беше и со продорниот звук на зурлите и народните тапани во затворен простор.

Милена Наумовска, 19 ноември 2024 година


Мандолината како израз на младите ентузијасти
Кон годишниот концерт на Мандолинскиот оркестар „Скопје“

Мандолината е инструмент што ја буди креативноста и музичката љубопитност, а едноставноста при нејзиното изучување ја прави особено привлечна за младите генерации. Поткрепени од ентузијазмот и желбата за колективно музицирање, мандолинските оркестри претставуваат суштински дел на музичкиот аматеризам. Преку нив, разновидни дела од музичкото творештво низ историјата добиваат нов живот во форма погодна за изведба на аматерите, овозможувајќи незаборавни искуства особено за младите музичари.


Во мандолинскиот оркестар, мандолината, според звуковните и регистарските особености, ја презема улогата на виолината во оркестарското музицирање. Споредено со виолината, за која е потребен развиен слух и мускулна меморија, мандолината е полесна за изучување, бидејќи звукот се произведува со притискање на праговите и трзање по жиците. Ова ја прави особено погодна за младински оркестри со аматерска основа, каде што можноста сите изведувачи да произведат ист тон е значително поедноставена. Оттаму, целта на мандолинскиот оркестар, сочинет од мандолини, мандоли, гитари и контрабас, не е да се покаже виртуозност, туку да ги сплоти аматерите во нивната посветеност кон инструментот и заедничките настапи, тие да допрат до различни дела и да се воведат во различни музички стилови.

На 12 ноември 2024 година во Музејот на македонската борба, имавме можност да чуеме млади аматери со голема наклоност кон заедничкото музицирање преку мандолинскиот звук. Со почеток во 20 часот, се одржа концерт по повод 23 години од постоењето на Мандолинскиот оркестар „Скопје“ под раководство на диригентите Рамадан Шукри и Ерхан Шукри, кои неуморно ја продолжуваат мисијата за одржување и унапредување на мандолинското творештво.

Двајцата диригенти се истакнати имиња во областа на педагогијата и диригирањето. Рамадан Шукри, педагог, диригент и контрабасист, во македонската музичка култура се издвојува како основач на Мандолинскиот оркестар при Младинскиот културен центар во 1981 година, со кој работел до 2001 година. Ерхан Шукри, покрај тоа што примарно е виолинист и наставник по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, се потврдува како успешен диригент и музички организатор на Гудачкиот оркестар „Арко“ и Мандолинскиот оркестар „Скопје“, ансамбли кои ги има основано.

Вечерта беше исполнета со разновидна програма, која опфати дела од барокните мајстори, современото творештво и популаризирани aранжмани од различни жанрови, нешто што е карактеристично за настапите на Мандолинскиот оркестар „Скопје“. Посебно место на репертоарот имаа делата на македонски композитори, при што ансамблот се приклучи кон одбележувањето на годишнините од раѓањето на Стојче Тошевски и Гоце Коларовски.

Концертот започна со избор на ставови (Andante Moderato, Lento и Allegro) од Суита Рустикана од композиторот и хорски диригент Таки Хрисик (1920–1983), изведени под диригентската палка на Рамадан Шукри. Веднаш дојде до израз талентот на овој ансамбл и неговиот диригент, како и желбата за колективна изведба. По завршувањето на изведбата, Ерхан Шукри истакна дека делото, инспирирано од македонскиот музички фолклор со разновидни неправилни метри, традиционално се изведува секоја година како значаен дел од репертоарот на оркестарот.

Од фолклорните теми, младите ентузијасти нè пренесоа во светот на барокната музика со изведбата на првиот став од Концертот за виолина и гудачки оркестар во a-moll, BWV 1041 од Јохан Себастијан Бах. Делниците на оригиналните инструменти беа заменети со инструментите на мандолинскиот ансамбл, вклучувајќи ја солистичката делница во интерпретација на Лазар Саздов, кој повеќе години е концерт-мајстор на ансамблот. Соло мандолината на Саздов демонстрираше сигурност и техничка прецизност. Оркестарското тремоло го збогатуваше неговиот звук и придонесуваше за хомогеност во звучната слика која беше финализирана со прецизното водство на диригентот Ерхан Шукри.

Следеше композиција која е стандардна за овој мандолински оркестар, а која може да се најде на плочата Песни без зборови на Мандолинскиот оркестар на Домот на младите „25 Мај“ од 1986 година. Станува збор за главната тема на вториот став од Концертот за гитара Аранхуез на Хоакин Родриго, во преработка за мандолински оркестар од диригентот и композитор Александар Џамбазов. Оваа преработка секогаш кога ја изведува овој ансамбл се најавува како да станува збор за љубовна тема (моја драга Аранхуез/Аранхуез, љубов моја). Делото пробудува чувство на носталгија и копнеж уште со првите разложени акорди во гитарите што ја придружуваат длабоко емотивната мелодија поставена унисоно во мандолините, со придружни полифони линии во мандолите.

Стилската разновидност продолжи со првиот став од Концертот за виолина во a-moll оп. 3 бр. 6 од Антонио Вивалди, каде како солист настапи деветгодишната Дина Атанасовска, ученик по виолина во класата на Ерхан Шукри. Таа ја покажа својата музикалност и умешност, успевајќи да одржи ритмичка и интонациска координираност со оркестарот. Во нејзиниот настап особено важна улога имаше диригентот, кој покрај тоа што го водеше оркестарот, постојано влеваше сигурност во нејзината изведба.

По подолго време, овој ансамбл ја изведе суитата Скици за портрети (1998) од композиторот Гоце Коларовски (1959–2006). Пред изведбата на ова дело на сцената беше повикана професорката и музиколог Викторија Коларовска-Гмирја, која се осврна на поширокото образовно и културно значење на настанот. Таа нагласи дека мандолинските оркестри долго време биле задолжителни во основните и средните училишта, и зборуваше за нивото на наставниците што ги воделе овие оркестри. Со оглед на тоа што Скиците биле напишани за Фестивалот на мандолински оркестри во Прилеп, беше истакната неговата огромна улога во негувањето на музичкиот аматеризам. Таа потсети дека без аматеризмот нема професионализам и дека многу аматерски музички организации станале основа за развојот на професионалните музички институции.

Во својот говор професорката Коларовска-Гмирја ја воведе публиката во значењето на секој од четирите ставови („Бетовен“, „Мусоргски“, „Чајковски“ и „Прокофјев-Прокопиев“) и ја раскажа интенцијата на авторот зошто се одлучил да напише дело за детски мандолински оркестар. Таа ја истакна важноста на процесот на пишување за деца, напоменувајќи дека тоа мора да биде уште поуспешно отколку пишувањето за возрасни. Откривајќи ги стилизациите и пародиите, професорката ги објасни техники на компонирање на суитата, во која композиторот со свои средства ја пресоздава музиката од други автори. Во првиот став, изведувачите го пренесуваа судбинскиот мотив од Симфонијата бр. 5 во c-moll од Бетовен, следуваше ставот „Мусоргски“ со користење на темата на Променадата од Слики од изложбата, третиот став, инспириран од валцерите во манирот на Чајковски, донесе елеганција и хармонија, а во четвртиот став се насетија енергичните мотиви типични за Прокофјев, испреплетени со народната песна Димитрије вино пие, користена во Кумановка бр. 3 од Трајко Прокопиев. Суитата се заокружи со повторување на судбинскиот мотив од првиот став „Бетовен“. Диригентот Ерхан Шукри ја пренесуваше својата ангажираност на младите ентузијасти преку јасни и прецизни диригентски гестови.

Според зацртаниот редослед на изведбите, следеше аранжманот на популарната љубовна тема Sultan од турскиот композитор и пијанист Фахир Атакоглу (Fahir Atakoğlu), која се користи и како филмска музика во историската драмска серија Величенствениот (Muhteşem Yüzyıl). Широката мелодиска линија доби ново изразно ниво преку мандолинските тремола, а диригентот Ерхан Шукри во своето обраќање нагласи дека одлучил да направи аранжман за ваков ансамбл уште кога првпат ја слушнал.

Потоа повторно настапи диригентот Рамадан Шукри со уште дело кое редовно се наоѓа на репертоарот на ансамблите што ги раководи – споменатата плоча на Мандолинскиот оркестар од 1986 година веројатно е насловена по ова дело. Станува збор за суитата Песни без зборови од композиторот Стојче Тошевски (1944–2008), оригинално напишана за гудачки оркестар. На овој настап, Рамадан Шукри се потруди да го извлече тонот од мандолината, со што се истакнуваше автентичноста и емоцијата на македонските народни песни (Ај, пиле пее, Синоќ ми билбил пропеал и Чудо стана). Во најавата, Ерхан Шукри потсети на долгогодишната соработка на неговиот татко со многу осмолетки во Скопје и со бројни мандолински оркестри и посебен поздрав беше упатен кон наставникот Ѓоре Димоски во публиката, кој долги години го водел еден од најдобрите мандолински оркестри од основното училише „Љубен Лапе“. Беше откриено и дека концерт-мајсторот и еден од мандолистите од Мандолинскиот оркестар „Скопје“, потекнуваат од неговиот школски оркестар.

Потоа мандолинскиот оркестар се претстави со суитата Музика за свирење/играње (Music for Play, 1976), во интегрална изведба (Entrada, Canzona и Ritmico), од италијанскиот композитор и изведувач на повеќе инструменти, меѓу кои контрабасот, Клаудио Мандонико (Claudio Mandonico). Неговото творештво во значителна мера е насочено кон дувачките и мандолинските оркестри (оваа суита првично била напишана за дувачки оркестар, но музички живее преку мандолинскиот). Диригентот и младите ентузијасти настапија со жар и ритам. Во првиот став оркестарот ги покажа своите квалитети преку динамичките промени и енергичниот ритам. Вториот став, со ламент бас, контрастираше со претходниот по својот карактер, а динамиката и хомогеноста на звукот на мандолините и мандолите ја изнесуваа меланхоличната мелодија. Сето тоа беше заокружено со игривиот трет став, каде што се истакнуваа синкопираните елементи.

Пред изведбата на следното дело, проследивме кратко видео со плакати и програми дизајнирани од Тони Најдов, долгогодишен пријател на оркестарот, а Ерхан Шукри искористи прилика да изјави дека овогодинешниот концерт е посветен на него. Симболично, следеше Темата на Третиот човек, односно Темата на Хери Лајм (го глуми Орсон Велс), од музиката за истоимениот филм од 1949 година на Керол Рид. Автор на оваа мелодија е австрискиот изведувач на цитра Антон Карас (Anton Karas), додека аранжманот за мандолински оркестар повторно е на диригентот. Мандолините го имитираа звукот на цитрата, додека останатите инструменти од оркестарот имаа улога на придружба. При изведбата, два члена од ансамблот стануваа и седнуваа на своите места следејќи ја мелодијата, како своевиден сценски ефект. Во еден момент настана генерал-пауза, при што целиот ансамбл се навали во синхронизирана поза и остана така во тишина, ставајќи ги присутните во исчекување. Пресвртот се случи кога диригентот избра дете од публиката да застане на неговото место и да продолжи со диригирање, што публиката го поддржа со ритмизирано аплаудирање.

На концертот проследивме аранжман и на македонската народна песна Јовано, Јованке, каде настапот повторно беше збогатен со сценска изведба, овојпат на една од мандолинистките, облечена во македонска народна носија. Оваа визуелна претстава беше во знакот на претставувањето на македонскиот фолклор пред странските гости – претставници на различни области на уметноста и политиката. Очекувано, целата сала се приклучи со пеење, создавајќи обединувачка атмосфера.

Во продолжение, мандолинскиот оркестар се претстави со Latin Groove (1996) од германскиот гитарист и композитор Дитер Крајдлер (Dieter Kreidler), каде ансамблот беше фокусиран на синкопираните елементи и контртаните. Делото е карактеристично и по звучните ефекти од удиралките маракас и клавеси, а посебно впечатлив беше бамбусовиот rainstick, кој создава звуци што асоцираат на дожд и на чекорење по песок.

Ерхан Шукри во најавата на последното дело на програмата рече дека веќе трета година, оркестарот соработува со „Нула Отпад ДОО Скопје“, и публиката, наместо билет, е повикувана да остави електронски отпад (потрошени батерии, стар ситен електронски отпад, телефони, кабли, монитори, компјутери) за да се подигне еко свеста. Со ваквиот голем одзив, покрај тоа што се долгогодишни културни амбасадори на Македонија, веќе трета година се и еко амбасадори. Затоа концертот беше отворен со пораката: „Ја користиме обединувачката моќ на музиката да нè сплоти во единствена цел – чиста и здрава животна средина“, упатена од самите свирачи.

Концертот беше заокружен со звукот на Медитеранот, со Tarantella del ʼ600 од анонимен автор, во аранжман на Серџо Зиџоти (Sergio Zigiotti). Како што најави диригентот, оваа композиција ансамблот ја има прогласено за своја еко химна. На игривиот 6/8 ритам, придружен со дајре, публиката беше повикувана ритмизирано да плеска со рацете, што на крајот се претопи во бурен аплауз.

За крај, сакаме да напоменеме дека со аматерските ансамбли најчесто работат професионалци, за да го достигнат нивото на концертирање по кое е препознатлив звукот на мандолинскиот ансамбл. На овие настапи, Ерхан Шукри, единствен, со широка насмевка, мотивира цела гарда млади ентузијасти до различни генерации, кои се вклучуваат без разлика на разликите во годините, а најдобрите од нив настапуваат како солисти со оркестарот. Тој во својот пост на Фејсбук вели: „И овојпат се споија младоста и искуството од шестемина од т.н. „постарок“ кои дадоа дополнителен ветер во грб на веќе етаблираната и поставена програма од уметничките раководители.“

Посветеноста и неверојатниот ентузијазам на Ерхан Шукри беше видлив во секој момент. Тој, покрај тоа што го носеше музички целиот настан, ги штимаше инструментите, ја контролираше целата организација и придонесуваше дополнително за пријатната атмосфера. Не дозволуваше никој да остане без внимание, дури и меѓу присутните во публиката. А во преполниот простор немаше место за целата публика, која беше подеднакво разновидна како и програмата, составена од возрасни (амбасадори, наставници, колеги уметници, поранешни членови на оркестарот, денес претставници од сите можни професии), млади (ученици и студенти) и цели семејства.

Ерхан Шукри вели: „Посетителите кои го впиваат звукот, како физички така и сетилно ни даваат дополнителна енергија правејќи ја секоја вечер навистина посебна.“ Многумина ја проследоа двочасовната програма со стоење, и што е најважно ова беше концерт без зјапање во телефоните. Од најмалиот до најстариот, со посебно внимание го следеа секој момент, до самиот крај. Во салата стана навистина многу топло, па диригентот на крајот упати убава порака – на овој начин да се грееме во студените зимски вечери, обединети околу заедничкото музицирање.

Милена Наумовска, 26 ноември 2024 година


Музиката на Бах преточена во чиста пасија
Кон концертот Музичка приказна Јохан Себастијан Бах

Ноември започна во духот на Баховото музичко творештво. Во петокот, на 1 ноември 2024 година, со почеток во 20 часот, се одржа концертот Музичка приказна Јохан Себастијан Бах, на кој беа изведени арии и дуети од монументалните дела на Бах, меѓу кои Пасијата по Матеј, Мисата во h-moll и кантатата Jesu der du meine Seele, а во средината на концертот ја чувме Токататa во e-moll. Местото на настанот беше Националната уметничка галерија Даут Пашин Амам, препознатлива по живописната архитектура и самата местоположба на објектот. Избраниот простор се покажа како идеален за изведба на Баховото вокално творештво, благодарение на изворедните акустички особености кои ги поседува.

Настапија Марија Ташевска – сопран и Мариана Бошковска – алт, млади уметници кои покажуваат извонредна умешност во изведба на разновиден пејачки репертоар, од камерни сцени до настапи со оркестар. Двете дипломираа неодамна на Факултетот за музичка уметност во Скопје, a нивните настапи привлекуваа големо внимание на концертите Musica Viva организирани од ФМУ, како и на годишните концерти „Во чест на Коста Трпков“, каде што студентите по соло пеење настапуваат со оркестарот на Националната опера и балет. Во биографиите се нижат настапи на „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Романсијада“, Ташевска го има одржано концертот „Кој што ме чуе да пеам“, а еден од првите значајни настапи на Бошковска е како дел од квартетот солисти во изведбата на ставот „Охрид“ на истоимениот ораториум на Димитрије Бужаровски, на свеченоста по повод одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. (Овој настан е рецензиран и објавен во 2019 година на истово мрежно место.) Разноликоста и богатството на гласовите на Ташевска и Бошковска посебно доаѓаат до израз во нивните музички и емоционални толкувања на народните песни од фолклорните колекции, вклучени во проектот Мултимедијален корпус на македонски народни песни (MCMFS) во рамките на Buzarovski Archive (BuzAr). Овој концерт ја обележа и нивната соработка со пијанистката Мимоза Ќека, универзален концертен пијанист и доктор по пијанистичка интерпретација од ФМУ. Ќека повеќепати имаат настапувано со нив двете во улогата на уметнички соработник на предметот Вокално студио во класата на диригентката Бисера Чадловска.

Концертот започна по краткиот говор на Ќека, која ја најави програмата, најпрво со аријата “Blute nur, mein liebes Herz” за сопран од Пасија по Матеј BWV 244 (1727). Уште со првите тактови, Ќека преку пијаното ја воведе публиката во светот на Баховата музика, оживувајќи го нејзиниот духовен карактер и библиската тематика, кои својата полна димензија и раскош ги достигнаа со дејствителноста на изведбата на Ташевска. Со чиста пасија таа го раскажа страдањето на Исус Христос, пренесувајќи ја неговата болка и жртва.

Во дуетот “So ist mein Jesus nun gefangen” за сопран и алт, која го претставува моментот на заробувањето на Христос, пијанистката го долови чувството на тага и беспомошност преку суптилно дозирано динамичко нијансирање, а обраќањето исполнето со милост на Ташевска и Бошковска внесе дополнителна интензивност во емоцијата.

На овие две изведби се надоврза следната арија за сопран “Aus Liebe will mein Heiland sterben”. Чистиот и продорен глас на Ташевска кој се ширеше во просторот и нејзиното длабоко соживување со делото, ја отслика љубовта на Христос и неговото жртвување за човештвото.

После ариите што ја понесоа публиката во духовниот свет, следуваше изведба на Ќека на воведната импровизација, Un poco allegro и Adagio од Токатата во e-moll BWV 914 (1710), во која пијаното, поткрепено од акустиката на просторот, прозвучи како оргули со што уште повеќе се продлабочи духовниот амбиент.

Кореспонденцијата на гласовите на Ташевска и Бошковска, нивната кохезија и умешност во пренесувањето на текстот во дуетот “Et in unum Dominum” од Мисата во h-moll BWV 232 (1749), создадоа хармонско богатство што го долови духот на Бах, ја оживеа пораката на текстот и ја нагласи поврзаноста меѓу Христос и верникот.

Исклучителниот глас на Бошковска, со темен и богат тембр, интонациската чистина, држаните тонови и прецизната артикулација во аријата „Agnus Dei“ за алт, беа клучни за постигнувањето на чувството на мир и целосно восприемање на духовноста. Овие нејзини особини, совршено усогласени со полифоните линии во пијаното, доведоа до јасен израз на молитвата за милост и моментот на смирение.

Последното дело со кое се претставија беше полетниот дует “Wir eilen mit schwachen, doch emsigen Schritten” за сопран и алт од кантатата Jesu, der du meine Seele BWV 78 (1724), дует со специфична тежина, во кој испреплетените линии во гласовите и пијаното, кое ја заменува оркестарската придружба, се изведуваат по подинамично темпо. Делото е напишано во Лајпциг во периодот кога Бах станал кантор во црквата Св. Тома, каде се одржала и првата изведба на ова дело. Видливо беше дека трите уметници уживаа во изведбата, за што доказ беа нивните насмевки кои ја украсија вечерта.

Своевидна уметничка синтеза на овој настан создадоа сликите и другите уметнички дела изложени во просторот, како дел од изложбата Австриска модерна уметност после 1945 година. Експресионизмот и плурализмот, како клучни карактеристики на визуелната уметност по 1945 година, ја одразуваат интенцијата за личен уметнички израз. На изложбата беа претставени дела со интензивни бои, експресивни линии и изобличени форми, типични за минимализмот, кои ја прикажуваа многустраноста на повоениот и современ живот. Музичките симболи беа присутни и визуелно, преку сликата на музичарот, која ја издвоивме во претходната рецензија. Баховата музика, чистината на двата гласа и пијаното, заедно со овие уметнички ликовни дела придонесуваа за посебен спој на духовноста од епохата на барокот со приказот на човекот и неговата душевност во пост-модернистичкото време. Сето ова се случуваше во уникатниот простор на османлиската архитектура од 15 век, замислен како место не само за прочистување на телото, туку и на емоциите, умот и духот.

Милена Наумовска, 12 ноември 2024 година


Класичната гитара од различни поднебја
Кон Меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“ со посебен осврт на првата вечер

Во периодот од 28 до 30 октомври имавме можност да го проследиме Меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, кој веќе 15 години традиционално се организира од Детскиот културен центар „Карпош“. На фестивалот можат да се проследат ретки концерти на врвни солисти на овој инструмент. Покрај изведбите, уметниците и педагозите одржуваат работилници и семинари, наменети за учениците и студентите по гитара. Во првите изданија фестивалот имал натпреварувачки карактер, а промоцијата на млади талентирани изведувачи, обединети во заедницата на класични гитаристи и љубители на класичната гитара продолжува да биде цел и во следните изданија.

На 28 октомври 2024 година, во 19 часот, во салата на Музејот на македонската борба малубројната публика имаше можност да проследи дела за класична гитара инспирирани од богатството на приказните, обичаите и архитектурата на различни култури, од различни поднебја, со акцент на шпанската, кубанската, аргентинската и балканската традиција. Изведувачите вклучуваа класични гитаристи од помладата генерација, студенти и дипломирани гитаристи на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на еден од најеминентните македонски гитаристи, концертниот уметник и педагог Дарко Багески, кој воедно е уметнички директор на фестивалот. На отворањето на фестивалот се обрати директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска-Серафимовска, која се осврна на значењето на основачот Богдан Андријевски.

Кога ќе се средат впечатоците од организацијата, за жал, мораме да забележиме дека не можевме целосно да уживаме во настапите на младите уметници. Звучниот блиц на фотографот, кој непречено се движеше меѓу публиката за време на изведбите, и амплифицираната тарабука на „модернизираните питачи“, која беспрекорно пробиваше низ прозорите на Музејот, создадоа сериозни пречки. Камениот мост – симбол на главниот град – стана место за ова звучно нарушување, кое грубо ја загрозуваше концертната атмосфера. Уметниците кои се претставија со инструменти со тивок и деликатен звук, беа дополнително изложени на овие пропусти, а неопходна беше целосна тишина, како основа за нивната фокусираност и восприемање на изведбата. Дополнително, недостасуваше соодветен аплауз, кој е клучен за поддршка на младите уметници и нивниот труд.

Сето ова не нè обесхрабри и останавме целосно посветени на нашата цел – внимателно да го проследиме концертот. Како што споменавме, имавме можност да чуеме разновидни точки, вклучувајќи солистички настапи на најдобрите млади гитаристи од ФМУ во моментов. Внимателно избраниот репертоар овозможи врвно доживување и ја нагласи уметничката зрелост на младите музичари. Преку познати дела за класична гитара, со впечатливи многу едноставни, но магични мелодии (дела со акцент на ритмичноста или на мелодичноста), младите уметници ни ги демонстрираа разновидните техники, коoрдинацијата на прстите и рацете при извлекувањето на хармонската и полифона звучност, како и прецизноста во справувањето со ритмичкото шаренило и синкопите. Тие покажаа дека вешто ги надминуваат техничките предизвици што ги носи овој тежок за изучување инструмент, истрајност и големо трпение.

Прв настапи Георги Трајков, извонреден концертен уметник и наставник по гитара во ДКЦ „Карпош“, со три дела преку кои претстави три различни култури со специфични техники на свирење, кои ја нагласија културната длабочина на секое дело. Настапот го започна со композицијата Ден во ноември (Un día de Noviembre, 1972) од кубанскиот композитор и гитарист Лео Брауер (Leo Brouwer, 1939), напишана за истоимениот филм на Умберто Солас (Humberto Solás, 1941–2008). Тагата и загубата, како главни сижеа од филмот изразени во ова дело, Трајков ги пренесе онака како што е замислено – на многу едноставен начин, со доловување на сентименталноста во мелодијата поткрепена од суптилна хармонска придружба. После краткиот аплауз, во салата прозвучи препознатливиот мотив на припевот на песната Македонско девојче (создадена и испеана од народниот пејач Јонче Христовски), како подлога за појавата на самата песна, хармонски и полифоно разработена во оригинална композиција на гитаристот Мирослав Тадиќ (1959). Очекувана е наклонетоста на нашите гитаристи кон ова дело. Во својата интерпретација Трајков внесе смиреност и носталгичност, особено преку препознатливите ритмички елементи, како 7/8-от такт карактеристичен за македонскиот музички фолклор. Елегичниот момент беше прекратен со последното дело со кое се претстави Трајков, Tango en skai (1985) од францускиот гитарист и композитор Роланд Диенс (Roland Dyens, 1955–2016), внесувајќи динамична промена. Во неговата изведба беа јасно истакнати пасажните движења, синкопираната мелодија и акордската придружба со ритмичка пулсација како суштински елементи на аргентинското танго.

Емоционалните доживувања изразени во делата од различни поднебја продолжија со настапот на Вегим Кучи, кој донесе суптилност и префинета тонска боја во секоја интерпретација. Неговиот настап започна со Torre Bermeja (1898) од шпанскиот пијанист и композитор Исак Албениз (Isaac Albéniz, 1860–1909), дело чиј наслов се однесува на една од прочуените кули во Алхамбра, симболот на архитектурата на Маврите. Кучи, со развиената техника и чувствителниот пристап, ги пренесе ритмичките разновидности и експресивната мелодија на фламенкото како важен елемент од шпанската музичка култура. Следеше изведбата на Багатела бр. 3 Alla Cubana (1993) од англискиот композитор Вилијам Волтон (William Walton, 1902–1983), во која Кучи, со точната артикулација, синкопираниот ритам и акцентирањето на одредени акорди, ја истакна разиграноста и живиот карактер на делото. Последната негова точка беше изведба на Alba Nera (1993), повторно дело од Диенс, каде што прецизното штимање на гитарата придонесе за истакнувањето на мелодијата, која предизвика чувство на меланхоличност.

Првото дело со кое се претставија Дуо Балкан – Луна Пиљиќ и Матеј Детељ, беше Tango de Abril (2003) од аргентинскиот гитарист и композитор Максимо Диего Пујол (Máximo Diego Pujol, 1957). Инспирацијата за делото произлегла од аргентинската култура, воопшто и од тангото како еден карактеристичен сегмент на аргентинското културно наследство. Интерпретацијата на Пиљиќ и Детељ, кои и сценски се надополнуваа еден со друг во форма на дијалог, создаде атмосфера на пролетна свежина и чувство на радост и безгрижност. Настапот потоа доби поинакво расположение со делото Agua en Vinho (1972) од бразилскиот композитор Егберто Гисмонти (Egberto Gismonti, 1947), во кое се спојуваат елементи од бразилската народна музика, класичната музика и џезот. Младите уметници успеаја да доловат меланхолија преку мелодијата и вешто го истакнаа лирскиот карактер на делото, создавајќи пријатен и богат звук.

Вечерта ја заокружи дуото Вулнет Незири на обоа и Јетмир Мехмеди на гитара, кој повеќе години се бави со педагошка дејност во Музичкото училиште „Тодор Скаловски Тетоец“. Тие ја започнаа својата изведба со Соната во e-moll за обоа и гитара од австрискиот композитор Фердинант Рибај (Ferdinand Rebay, 1880–1953). Незири, со својот светол и назален тон на обоата, ја изложи првата тема со драмски карактер, придружена со прецизните акорди на гитарата на Мехмеди, додека втората тема внесе топли, пријатни чувства кај публиката. Нивната фокусирана интеракција создаде дијалог помеѓу инструментите и придонесе за препознавање на хармонскиот јазик и мелодијата збогатена со класичарски, романтичарски и фолклорни елементи. За крај, дуото ја изведе албанската народна песна Asaman во аранжман на Незири, чија лирска мелодија предизвика спектар од емоции, „отсликувајќи“ пејсажи од природни убавини.

Фестивалските вечери што следеа беа резервирани за гостите виртуози на инструментот, чии изведби ги исполнија концертните простори на Филхармонијата и Музејот на македонската борба, најпрво со автентичниот дух на фламенкото на концертот насловен El Sonido De La Vida (Звукот на животот) на истоименото фламенко трио предводено од гитаристот Карлос Санчез (Carlos Sánchez) во впечатлива синергија на танчарката/bailaora Лусиа Серано/Lucía Serrano, кахонот (cajón) на Дани Пења/Dani Peña, фламенко гитарата и интензивните емоции. Настанот беше дел од програмата за одбележување на 30 години дипломатски односи и културна соработка меѓу Шпанија и РС Македонија, за што шпанскиот амбасадор истакна дека „музиката е нешто што ги спојува културите“. Во оваа смисла, третата вечер ги спои Далечниот исток и Западот преку уникатните изведби на двајца престижни уметници, поддржувани од познатата компанија за изработка на жици за инструменти, Savarez – тајванскиот гитарист Џими Лиу (Jimmy Liu) и француската гитаристка Кеси Мартан (Cassie Martin). Лиу го отвори концертот со изведба на “Evocacion” од Suite del Recuerdo од аргентинскиот композитор и гитарист Хозе Луис Мерлин (José Luis Merlín, 1952), по што следеше музика за гитара од разновидни поднебја со доминантна инспирација од тајванската музичка култура. Изведбите беа придружени со воведни коментари, нешто што беше преземено и од Мартан. Таа, пак, направи мал историски преглед со изведба на класични форми од 18 и 19 век (соната, концертно рондо, ноктурно), централното место во нејзиниот настап го зазема композицијата Junto al Generalife на Хоакин Родриго (Joaquín Rodrigo, 1901–1999) со препознатливото тремоло, за на крајот да проследиме транскрипции за гитара на француски шансони од Шарл Азнавур и Едит Пјаф.

Гитарата отсекогаш била извор на инспирација во ликовната уметност, од делата на Вермер, мајсторите на барокот и рококото, па сè до импресионистите и модернистите како Хуан Грис, Жорж Брак и Пикасо. Оваа инспирација продолжува и во поново време, со сликата Гитаристот на австриската уметница Ева Храдил, која ги поздравуваше посетителите од ќошето на изложбениот простор во Даут Пашин Амам на отворањето на изложбата „Австриска уметност после 1945“. Истовремено, во Музејот на македонската борба се одржуваше завршниот концерт на фестивалот „Тремоло“. Оваа визуелна присутност на гитарата во уметноста создаде мост и кон следниот концертен настап што го проследивме во Даут Пашиниот Амам, пренесувајќи нè во еден друг музички свет.

Милена Наумовска, 3 ноември 2024 година



Во знакот на четири моќни музички женски лика
Кон концертот на Скопски солисти одржан на 6 ноември 2024 година во Камерната сала на Филхармонијата

Ретко се случува во една музичка вечер да се спојат четири моќни музички исклучиво женски лика. Концертот насловен Волшебна музика на Камерниот оркестар Скопски солисти беше токму таков пример, со жени во водечките улоги на диригент(ка), солист(ка), концерт-мајстор(ка) и композитор(ка).

До 19 век, со исклучок на оперската сцена и домашното музицирање, музиката се смета за исклучиво машка професија. Од 19 век наваму, започнуваат да се појавуваат првите женски уметници кои заземаат свое место како композиторки и солистки и дури во 20 век музичкиот свет станува целосно рамноправен по ова прашање, односно присуството на женското авторство веќе не се смета за нешто необично или посебно.

Составот Скопски солисти, под водство на диригентката Бисера Чадловска, чија појава и диригентски почетен гест се доволно импресивни сами по себе, настапи со реномираната солистка пијанистката Марија Ѓошевска, која со својот префинет тон и виртуозност, на овој концерт ја истакнува својата посебна наклоност кон класичарскиот и раноромантичарскиот репертоар. Концерт-мајстор беше виолинскиот виртуоз Сихана Бадивуку, со долгогодишно искуство во водењето на оркестарските и камерните ансамбли во регионот, а доминацијата на женскиот принцип се заокружи со композиторката Бете Илин, со нова композиторска слика на остинато со мотивско напластување во серијата дела на народна тема.

Отворањето со Суитата бр. 1 од Хенри Персл му даде свечен тон на концертот со одек на барокните игри и начин на концертирање, а во Адаџото на Барбер ансамблот сѐ уште ги нивелираше своите сили за да се постигне комплетната емотивна длабочина на ова безвремено дело.

Композицијата на Илин, Деј-ги-ди внесе музичка новина во програмата, и ансамблот ја изведе со очигледна наклоност. Делото е инспирирано од познатата народна песна поставена на внимателно изработено „остинато“ во ниските регистри, и со постепено наслојување на мотиви и нивно полифоно испреплетување, нешто што е својствено за нејзиниот композиторски јазик.

Романсата на Шостакович беше тивко предвесие на главниот момент на вечерта – Концертот за пијано од Моцарт бр. 17 во G-dur К. 453, помалку познато негово дело, каде пијанистката Ѓошевска го пренесе центарот на вниманието кон нејзиниот кристално јасен и технички префинет израз. Во нејзината до совршенство изработена интерпретација на концертот уживавме во исклучителна техника и емотивен пристап, особено во прекрасните модулативни премини и каденцата од првиот став, како и во вториот став, кој е мирен, но сепак со цела низа случувања и богатство на нијансирања. Овој Моцартов концерт, познат по уникатната тема во третиот став, која се верува дека била инспирирана од омилената птица на Моцарт, во изведбата на Ѓошевска беше прикажан живописно и духовито, што придонесе оваа приказна низ варијациите асоцијативно до оживее во нашите мисли.

Следеше долг аплауз, со неколкукратни враќања на сцената, бидејќи публиката желно посакуваше уште музика во изведба на пијанистката Ѓошевска. Фелем во G тоналност на Илин беше првиот избор за бис, со внимателно полифоно обликување наслушнато во густината на фактурата. А „остинатото“ на G беше присутно и во Третиот прелудиум на Шопен, кој Ѓошевска го изведе со леснотија, како спонтан израз на нејзината виртуозност.

Уметничкиот раководител на Скопските солисти, реномираниот обоист Васил Атанасов, кој скоро четврт век го одржува овој ансамбл, и овојпат беше заслужен за организацијата и одржувањето на нивото на настанот. Програмската книшка нè информира и за неговите заложби за промоција на композиторското творештво со премиерната изведба на Деј-ги-ди за гудачки оркестар на Илин, најновото нејзино дело специјално напишано за овој ансамбл, како и за премиерната изведба на концертот на Моцарт.

Концерт-мајсторот Сихана Бадивуку внесе стабилност и сигурност во изведбата на оркестарот, успешно справувајќи се со разновидната програма. Во дувачката секција во Концертот за пијано на Моцарт, се издвои топлиот тон на обоата на Томе Атанасов и лиричниот звук на флејтата на Елена Дојчинова, додека фаготистите ги истакнаа своите завидни линии низ целиот концерт со голема прецизност. Диригентката Чадловска со својата впечатлива појава и прецизен гест уште еднаш потврди дека е универзална уметница способна да се справи со секоја програма и да донесе високо ниво на професионализам и емоционална длабочина во изведбата.

За крај, мораме да напоменеме дека дополнително четирите уметници кои го носеа овој концерт се и бирани музички педагози на универзитетско ниво и во музички училишта, секоја во својата специјалност. Ваквите концерти се инспирација за генерациите што се школуваат во нивните класи, затоа што ги гледаат своите професорки како постојано активни креаторки во оригиналните уметнички ликови.

Трена Јорданоска, 7 ноември 2024 година



Звукот на идната генерација
Кон концертот на Џеврие Туле – пијано и Симеон Гошев – виолина и Весна Ангелова-Христов – пијано во рамките на циклусот Подиум на млади

Филхармонијата на РСМ преку циклусот концерти Подиум на млади им овозможува на младите музички уметници кои се на почеток на концертната кариера, престижен концертен подиум за претставување на нивните уметнички вештини и талент. На концертот одржан на 24 октомври 2024 година во камерната сала на Филхармонијата, ги проследивме настапите на младите изведувачи Џеврие Туле – пијано, која е ученик во четврта година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и Симеон Гошев – виолина, кој студира на Музичката академија во Љубљана. Концертот беше во форма на полурецитал, нешто што е стандардно за првите концертни претставувања на млади уметници, а на програмата проследивме дела на Лудвиг ван Бетовен, Франц Лист, Томислав Зографски и Николо Паганини. Пијанистката и педагог Весна Ангелова-Христов на овој концерт се јави во двојна улога, како наставник по пијано на Туле и како уметнички соработник на виолинистот Гошев.

Концертот се отвори со изведба на Сонатата бр. 23 во f-moll, оп. 57 – Appassionata (1804–06) од Лудвиг ван Бетовен, во која пијанистката Туле ја покажа својата техничка подготвеност, изведувајќи ја на мошне солидно ниво, имајќи ја предвид сложеноста на музичките елементи – промената на темпото и ритамот, динамичките контрасти, арпеџата, специфичната педализација, сето во служба на доловување на емоционалната атмосфера. Истакнувањето на драмскиот карактер на делото беше посебно евидентно во појавите на темите, а тишината која настапи по првиот став, Туле ја обои преку интерпретациите на темата на вториот став. Варијациите јасно го доловуваа лирскиот момент во кој секоја фраза беше внимателно артикулирана. Драматичноста, пасажите и разложени акорди од третиот став го држеа вниманието на публиката до последниот тон.

Легендата бр. 2 (1863) од Франц Лист, композиција заснована на преданието за Св. Фрањо од Паола (кој го преминал Месинскиот теснец), Туле ја пренесе со бурните пасажи во нискиот регистар на пијаното што потсетуваа на брановите и непредвидливиот пат по морето. Во последниот дел, беше доловен контрастот, односно духовниот карактер на композицијата. Она што посебно понесе беа тремолата и Листовските арпеџа кои придонесоа кон кулминативното заокружување на делото.

После долгиот аплауз за Туле, настапи Гошев со Песна оп. 101 (1982/83) за соло виолина од Томислав Зографски, дело изградено врз теми со фолклорен карактер, усогласени со неокласичарски елементи. Со нежното тремоло, контрасната динамика и разновидните украси, Гошев го долови чувството на носталгија, а со секое повторување на темата, сè повеќе превладуваше имагинарна слика на „виолина која опејува приказна“.

Следеше Сонатата за виолина и пијано бр. 1 во D-dur, оп. 12 (1797) од Лудвиг ван Бетовен. Во првиот став, двата инструменти, низ разиграните мелодии изградија  „дијалог“, пренесувајќи го неговиот весел карактер. Во секоја варијација на темата од вториот став, Гошев со голема страст ги исполнуваше експресивните мелодиски линии. Разиграноста и живиот карактер на третиот став, во форма на рондо, прозвуче уште со првата појава на рефренот во пијанистичката делница на Ангелова-Христов. Во натамошниот тек на делото, светлите тонови на виолината со изразено staccato, „танцуваа“ врз хармонската придружба на пијаното.

Последното дело со кое се претставија Гошев и Ангелова-Христов беше Мојсеј фантазија MS 23 (1818) од Николо Паганини, заснована врз увертирата од операта Мојсеј од Египет (1818) од Џоакино Росини. Додека виолинистот ја „раскажуваше“ библиската приказна за Мојсеј, пијанистката преку разложените акорди го „пресликуваше“ емотивниот пејсаж. Најголеми импресии кај слушателот оставија варијациите каде Гошев умешно ја појавуваше темата во еден вид монолог претставен со контрастната динамика и низ разновидните гудачки техники (полното легато, флажолетите, sul ponticello итн.), додека Ангелова-Христов во текот на целото дело ja одржуваше ритмичката стабилност и хармонската основа.

За крај, следуваше бис на двајцата млади солисти, кои настапија како дуо со изведба на третиот став, Гавота, од Класичната симфонија (бр. 1 оп. 25, 1917) од Сергеј Прокофјев. Силниот аплауз беше поддршка за младите изведувачи низ кои несомнено прозвучи звукот на идната генерација.

Милена Наумовска, 27 октомври 2024 година



Спој на класичната музика и џезот во рециталот на дуото Соколов и Кабранова-Филипова
Кон концертот одржан на 19 октомври 2024 година во рамките на фестивалот „Златна лира“

Во саботата, 19 октомври 2024 година, во густината на разновидни културни настани (Скопскот џез фестивал, повеќе концерти на популарна музика, театарскиот фестивал „Рута“ и претстава во Младинскиот културен центар), продолжија концертните настапи на македонските музички уметници во рамките на фестивалот „Златна лира“. Овој фестивал во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија, оваа година се одржува по 18. пат, во салата на Музејот на македонската борба, во редовниот термин, со почеток во 20 часот. Петтиот концерт во овогодинешната серија беше рециталот на камерното дуо Лазар Соколов – саксофон и Емилија Кабранова-Филипова – пијано.

Лазар Соколов, како кларинетист, дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под водство на реномираниот професор Стојан Димов, доајен на инструментите кларинет и саксофон во Македонија и прв професор по саксофон со класа на ФМУ од 1998 година. Покрај кларинетот, Соколов одлучил да го совлада и саксофонот, па од 2021 година студира во класата на истакнатиот саксофонист и концертен уметник во меѓународни рамки, проф. Нинослав Димов. Паралелно со студиите, Соколов има веќе десетгодишна концертна активност со солистички, камерни и оркестарски настапи, како и педагошко искуство како наставник по кларинет во Музичкото училиште „Лазо Мицев – Рале“ во Кавадарци. Пијанистката Емилија Кабранова-Филипова исто така е многу посветен концертен уметник со значајни настапи на повеќето концертни сцени во Македонија. И таа паралелно се бави со педагошка дејност, била наставник по пијано и корепетитор во музичките училишта во Тетово и Скопје, соработува со училиштето во Кавадарци како корепетитор, а од 2011 година е наставник по пијано во Музичкото училиште „Владимир Арсовски“ во Неготино. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатата пијанистка и педагог, проф. Стела Слејанска. Ова не е прв пат Соколов и Кабранова-Филипова да настапуваат заедно. Нивната соработка, видлива на концертите организирани од Факултетот за музичка уметност, се оформува во препознатливо дуо на македонската музичка сцена.

На програмата на овој рецитал се најдоа дела создадени по втората половина на 20 век, во кои се испреплетуваат елементи од класичната музика и џезот и сите со програмски наслови. Програмата ги вклучуваше делата Le Papillon од Клод Болинг, Зојкиниот стан оп. 31b од Димитрије Бужаровски и Aragon од Анри Бусер за алт саксофон и пијано, како и делата Dreamy dawn од Роберто Молинели и Memorias од Педро Итуралде за сопран саксофон и пијано. Преку овој репертоар, Соколов ги претстави звуковните разлики помеѓу алт и сопран саксофонот, а со тоа и примената на овие инструменти во т.н. third stream жанр што претставува соединување на елементи од класичната музика со џезот. Одредени дела од избраниот репертоар за концертот оригинално се напишани за поинакви изведувачки состави, но почесто се изведуваат во верзијата за саксофон и пијано. Дополнително, Aragon на Бусер и Memorias на Итуралде, се со можности за изведба на двата сродни инструменти, кларинет и саксофон. Во средиштето на програмата, како своевиден премин од делата за алт кон делата за сопран саксофон, Кабранова-Филипова имаше солистички настап со композицијата Ever од Илија Пејовски.

Концертот започна со делото Le Papillon (1975) од францускиот џез пијанист и композитор Клод Болинг (Claude Bolling, 1930–2020). Карактерот на делото е отсликан во неговиот наслов (Пеперутка), кој беше присутен и во изведбата. Соколов вешто ги долови движењата на замислената пеперутка и нејзината нежност преку разиграните мелодии и меките тонови на алт саксофонот, додека Кабранова-Филипова суптилно го следеше летот на пеперутката преку акордите со карактеристична боја во синкопиран ритам.

Рафинираниот мек тон продолжи да се рефлектира и во второто дело, односно суитата Зојкиниот стан оп. 31b (1986/89/94) од композиторот Димитрије Бужаровски (ова е едно од делата за кои Бужаровски има направено повеќе верзии за различни изведувачки состави). Суитата е составена од три контрастни става, секој со своја емоционална атмосфера, која е резултат првенствено на хармонската и ритмичката компонента. Како што e наведено во книгата Солистичка и камерна музика (2022) од уникатниот автомузиколошки проект на Бужаровски, во кој тој го анализира сопственото композиторско творештво, првиот и третиот став се преземени од музиката за драмата Зојкиниот стан (1924–26) од рускиот писател Михаил Булгаков, поставена во Драмскиот театар во Скопје, во режија на Стојан Стојановски. Оттаму, при изведбата на ова дело треба да се има предвид потеклото на музичките материјали, чија оригинална замисла била со цел да се поддржи драмското дејствие, но и да се вметне временската компонента. Преку синкопираниот бас и акордите со структура својствена за џезот, Кабранова-Филипова елегантно го водеше ритамот на валцер карактеристичен за 1920-тите години во Русија. Суштината на делото ја долови Соколов преку фразирањето на алт саксофонот кое треба да асоцира на периодот. Вториот став, кој е преземен од музиката на Бужаровски за телевизиската драма Марка од Васе Манчев, исто така во режија на Стојановски, започнува со основниот мотив – водилка кон основен тон во пунктиран ритам преку кој се пренесува меланхоличниот карактер на самиот став. Изведувачите доведоа до кулминацијата на ставот преку експресивната мелодиска линија на саксофонот, потенцирана со виртуозни нагорни пасажи и разновидни бои кои се надополнуваа во дијалог со пијанистичката фактура. Во третиот став, Кабранова-Филипова ја внесе публиката во танцот на фокстрот преку синкопираниот ритам и разиграниот бас. Кулминативниот момент беше достигнат со виртуозните пасажи каде дојде до израз изведувачката техника на Соколов. Неговата изведба ја надополнија пасажните движења во пијаното што дополнително ја потенцираа колоритноста на ставот преку кој се заокружи целината на суитата на Бужаровски.

По оваа изведба, која наиде на многу ведар прием кај публиката, следуваше изведбата на Aragon оп. 91 од францускиот композитор Анри Бусер (Henri Büsser, 1872–1973), дело инспирирано од поезијата на францускиот надреалист Луј Арагон (Louis Aragon, 1897–1982). Делото било оригинално напишано (1934) за кларинет и пијано. Соколов и Кабранова-Филипова го извлекоа лиризмот на делото преку меката мелодија во саксофонот и акордските склопови кои даваа специфична боја на пијаното. Убавината на композицијата беше истакната во соло делницата за саксофонот каде Соколов со голема експресивност ги отсвири пасажите.

Чувство на смиреност и топол амбиент донесе изведбата на делото Ever (2012) за пијано од композиторот Илија Пејовски. Оваа композиција е дел од експерименталното творештво на Пејовски во кое доминираат импровизацијата, мотивскиот развој и необичниот хармонски јазик. Во оваа изведба, Кабранова-Филипова со леснотија ја изведуваше повторувачката тематска линија, како основна оска врз која се гради делото. Покрај варијациите и комбинациите на мелодиските компоненти, таа умешно ја издвојуваше пунктираната басова линија која придонесуваше за контрастност.

Оваа композиција ја најави атмосферата на следното дело од програмата – “Dreamy Dawn”. Станува збор за првиот став од суитата Four Pictures from New York (2001), оригинално напишана за сопран саксофон и симфониски оркестар, од италијанскиот композитор и диригент Роберто Молинели (Roberto Molinelli, 1963). Уште од самиот почеток, Кабранова-Филипова преку legato-фразите и нежните арпеџа го исполни концертниот простор со една пријатна сонливост која го продлабочи чувството на спокој. Соколов се вклучи со мека мелодија со полн тон истакнувајќи ги лирските можности на сопран саксофонот.

Последното дело што го изведоа Соколов и Кабранова-Филипова беше Memorias (tríptico) (1998) од шпанскиот композитор Педро Итуралде (Pedro Iturralde, 1929–2020). Насловот Memorias (Спомени) укажува на емотивната приврзаност на композиторот со шпанската култура. Со оваа композиција на најдобар можен начин се заокружи концертот, нудејќи ѝ на публиката звучен амбиент од зрелиот период на џезот. Преку темните тембри произлезени од октавните скокови во нискиот регистар на пијаното, Кабранова-Филипова го долови чувството на празнина и носталгија, додека Соколов уште со првата отсвирена фраза на сопран саксофонот го потенцира лирскиот момент. Изведувачите со својата вештина ја исполнија салата со звуците на свинг музиката, дополнети со кулминативни виорни движења и мелодии со носталгичен карактер, уште еднаш потврдувајќи дека саксофонот претставува точка каде се спојуваат класичната музика со џезот и популарната музика.

Милена Наумовска, 24 октомври
2024 година



Музички контакти
Кон концертот на пијано дуото Сате и Попивода

Во петокот, 18 ноември 2022 година, во Камерната сала на Филхармонијата, се одржа концерт на пијано дуото Асами Сате и Ема Попивода, чија внимателно конципирана програма за четирирачно пијано и за две пијана беше топло поздравена од избраната публика. Не случајно, овие две пијанистки, кои припаѓаат на две далечни култури, јапонската и македонската, се обединија во заедничко музицирање. Концертот, како јавен настан, ја отслика сферата на културната дипломатија, овозможувајќи интеракција и размена на музичко творештво од двете земји. Преку пијаното и класичната музика, како и преку изборот на камерен ансамбл, кој во својата суштина подразбира меѓусебно слушање и разбирање, настанот придонесе за вистинска културна поврзаност.

Сате и Попивода потекнуваат од култури што дури во доцниот 19 век прават приклучок кон западноевропската музичка традиција, што само ја збогатува длабочината на нивната соработка. Јапонија, „земјата на изгрејсонцето“, успева да изгради глобален статус како музички центар во кој се школуваат врвни уметници и работат симфониски оркестри со меѓународно значење. Во денешниот глобализиран музички свет, меѓудругото, се восхитуваме на автентичните медиумски дела од популарната јапонска култура, како мангите и аниме сериите Nodame Cantabile и Piano no Mori, што дополнително го истакнуваат култот кон пијаното и класичната музика, пренесувајќи го на новите генерации со уште поголем интензитет. Република Северна Македонија, исто така, го наоѓа своето место на светската сцена, со своето сонце во знамето, кое го симболизира и нејзиниот културен подем. Со значителен развој во пијанистичката уметност, таа прави сопствени чекори кон истакнување во светот, градејќи ја својата пијанистичка традиција.

Биографиите на Асами Сате и Ема Попивода откриваат многубројни сличности што го објаснуваат нивното професионално поврзување. Покрај нивните самостојни настапи со класичен пијанистички репертоар, двете се ангажирани во музичко аниматорство во своите земји, поттикнувајќи ја локалната музичка култура. Паралелно со концертната кариера, Попивода – една од најактивните пијанисти во Македонија – и Сате се лидери на значајни уметнички проекти од меѓународен карактер, кои сами по себе претставуваат посебна професионална насока. Така, Сате е музички продуцент на проект за презентација на творештвото на Карлхајнц Штокхаузен во Токио, додека Попивода го раководи Фестивалот за современа музика „Модоарс“. Изборот на пијаното, инструмент кој историски ја симболизира еманципацијата, го нагласува нивниот творечки пат; (потсетуваме на Клара Шуман, првата концертна пијанистка во историјата). Попивода, пак, особено се издвојува во начинот на кој ја претставува својата уметност – самостојно преземајќи го секој аспект, од подготовката на настапот до визуелниот концепт и медиумската промоција. Овој целосен ангажман ја позиционира како пример за современ уметник во 21 век, каде интердисциплинарноста и самостојноста се клучни.

На концертот, Сате и Попивода настапија со забележлива возбуденост, вложувајќи го целиот свој уметнички и интелектуален капацитет во изведбата. Нивната уметничка поврзаност и сензибилитетот кој го споделуваат се отсликаа преку секоја нота, делата ги изведоа со една посебна енергија и цврстина, демонстрирајќи техничка извежбаност и зрелост.

Репертоарот за пијано дуо е богат и разновиден (покрај оригиналните композиции, многу чести се аранжманите), и концертната програма претставуваше избор на композиции од 19 и 20 век. Во Малата суита на Дебиси и Годишните времиња на Мијоши (дело кое првпат прозвучи на македонските подиуми), пијанистките постигнаа прозрачност и рафинираност во изразот, откривајќи го нивниот суптилен однос кон динамиката и бојата на звуците. Карневалот на животните од Сен-Санс беше изведен со музички хумор и виртуозност, додека темпераментноста достигна врв во Либертанго од Пјацола, кое го изведоа како бис, внесувајќи страст и енергичност што ја заврши вечерта со одушевување од публиката.

Средишен момент на концертот, и во техничка и во интерпретациска смисла, беше изведбата на Ноктурното „Дали паметвиш Милице“ од Димитрије Бужаровски, во верзија за две пијана. Ова ноктурно е последно од циклусот од четири ноктурна, оп. 52, и е значаен дел од репертоарот по кој Попивода е позната. Во 2021 година, таа ги сними сите тринаесет ноктурна од Бужаровски – технички и интерпретациски предизвик за секој концертен пијанист – што претставува значаен подвиг. Особено впечатлива е изведбата на ова ноктурно снимена за време на карантинот, која беше дел од награден видеопроект инспириран од архитектурата на Кензо Танге, што ги поврзува Скопје и Токио преку програмата „Cheer for Art“ на Градот Токио. Овој проект е пример за културна размена помеѓу двете земји, како што може да се види и во музичкото видео.

Уметничката енергија и харизма на Сате и Попивода на сцената внесуваат позитивна претстава за нивните земји, станувајќи дел од мозаикот на активности што го збогатуваат културниот дијалог и поддршка меѓу двете култури.

Трена Јорданоска, 21 ноември 2022 година



Катарзичен концерт исполнет со емоции на сцена и пренесен на гледалиште
Березовски, Митревски, Филхармонија

Во оваа сезона 2018/2019 на Филхармонијата на Северна Македонија љубителите на музичката уметност имаа можност да проследат два концерти на кои што настапи пијанистот Борис Березовски од Русија. После камерниот концерт на 29 мај во Камерната сала на Филхармонијата, следниот ден, на 30 мај, проследивме целовечерен концерт во големата сала со наслов „Кодот на Березовски“. Освен што програмата на Филхармонијата во текот на целата сезона е поддржана од Министерството за култура, овој концерт беше поддржан и од Клубот Дајнерс (Diners Club International). Ова беше претпоследниот концерт за оваа сезона одржан во салата на Филхармонијата, следат уште три концерти, од кои два ќе се одржат во Градскиот парк на Скопје.

Програмата на концертот беше конципирана во два дела. Во првиот дел Борис Березовски одлучи да си преземе двојна улога, па воедно беше и изведувач на пијано, и го координираше оркестарот без присуство на диригент, додека пак во вториот дел водач на оркестарот беше Виктор Митревски, млад диригент во подем, кој своите први диригентски чекори ги направил на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Саша Николовски-Ѓумар, а понатаму се надоградувал во сферата на хорското и оркестарското диригирање на Универзитот за музика и изведувачки уметности во Виена. Митревски делува многу повеќе надвор од нашата држава и се надеваме на уште повеќе концерти кај нас со што секако би се збогатила нашата уметничка сцена.

Концертот започна со динамично дело во кое што се провлекуваат различни романтичарски чувства испреплетени со силна ритмика која што владее низ целата композиција. Низ самата музика може да се почувствува енергичност која што варира од сатира до гротеска па продолжува со меланхолија низ која се провлекува нежност која што остава без здив за потоа сè да заврши во енергично Allegro scherzando. Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во Des-dur, оп. 10 во три става на рускиот композитор Сергеј Прокофјев, е завршен во 1912 година и е посветен на рускиот композитор и пијанист Николај Николаевич Черепин, негов професор по диригирање. Напишан е за време на студиите на Прокофјев на Конзерваториумот во Санкт Петербург и во него преовладува неговата младешка бунтовност и желба за експериментирање во музиката. Иако, концертот наликува на типичен концерт за пијано заради тоа што почнува и завршува со ставови во брзо темпо, а освен тоа има и јасна сонатна форма со јасно изразени теми, сепак тој знаел да ја шокира публиката најпрво со изборот на тоналитети, а потоа со диаболичните ритмички решенија, и воопшто со целосниот концепт на неговите дела. Но, историјата секојдневно ни покажува дека ваквите чекори напред во уметноста не секогаш се позитивно прифатени од широката публика и постарите колеги, во овој случај композитори.

Изведбата на Березовски не `и даде на публиката простор за одмор, бидејќи со секој отсвирен тон тој ја држеше целата сала „на врвот на своето столче“ носејќи ја до оптимален врв на концентрација кон самото дело кое што е замислено како една целина. Самата идеја на Прокофјев кој што очигледно не се фокусирал на мелодиското начело во овој концерт туку на самата ритмика, беше целосно истакната од солистот на вечерта. Се почувствува огромна концизност особено во првиот и третиот став каде што ритмичките делови се брзи и целосно изразени во пијаното. Додека пак, во вториот став со смирено темпо Andante assai модулативната тема која започнува во првите виолини con sordino, се пренесува во кларинетот со нежни украсни фигурации, за да заврши со удвоени хорна и први виолини, незабележливо вклучување на пијаното и солистичко повторување на темата. Понатаму се случува претопување на оркестарот и солистот до крајот на самиот став. Особено лебдеа во воздухот триолите и септолите во делницата на пијаното кои што беа изведени на тој начин да наликуваат на ветер во целата таа лирска роматичарска атмосфера.

Доколку навистина се навлезе во самата композиција, пијаното може преку метаморфоза да ни се причини и како удирачки инструмент кој што ги истакнува сите тие виртуозни ритмички фигурации и брзи нагорни стакато скали во третиот став. Големината на солистот се сфати и преку тоа што тој воедно го водеше низ музиката целиот оркестарски ансамбл, без нагли движења или некакви посебни знаци, туку едноставно со кратки погледи, а македонските филхармоничари покажаа концентрација и точност. Музиката беше присутна во сите изведувачи на сцената, па уметничката катарза беше неизбежна.

Ова беше вечер посветена на руски композитори. Следеше Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во F-dur, оп. 102 од Дмитриј Шостакович. Концертот е напишан во 1957 година за деветнаесеттиот роденден на неговиот син Максим кој што и самиот бил пијанист и студент по пијано во тој период на Московскиот конзерваториум. Концертот е пишуван за помал изведувачки состав, а главната мисла ја има пијаното особено во вториот став. Делото започна со кратки стакато движења на фаготи на кои му се придружија обои и кларинети како краток вовед на пијаното кое започна во истиот манир свирејќи четвртини ноти кои што даваат соединување со стакато осминките во делницата на оркестарот. Целиот прв став е разигран и и во артикулациска и во динамичка смисла со што солистот имаше голем простор за развивање и давање свое лично видување на овие музички планови застапени во делото. Комуникацијата помеѓу оркестарот и солистот во овој став е мошне битна заради брзото преплетување на пијаното со оркестарскиот звук. Вториот став Andante воедно и најпознатитот став од концертот донесе голема емоција во салата на Филхармонијата уште од првите тактови кои што ги донесе оркестарот. Емотивниот набој се зголеми уште повеќе со доаѓањето на пијаното чиј звук Березовски го водеше на свој поетичен начин со фразирање и дозирање на динамичкиот план. Солистот како искусен музичар на завиден начин ја истакнуваше главната мелодиска мисла во десната рака без да ја покрие таа линија со левата рака или да дозволи да се изгуби во оркестарскиот попратен звук. Иако, често овој став знае да биде донесен од страна на изведувачите на меланхоличен начин, во оваа изведба се почувствува позитивна топлина која што сигурно длабоко допре до публиката. На вториот став му се надоврзува без пауза третиот став во 7/8 такт со танцувачки карактер со разиграно пијано. Березовски во овој став најмногу ја истакна својата виртуозност и концизност во брзите фигурации кои што прозвучеа како незапирлива река доловена и преку постепеното динамичко нијансирање кое што дава чувство на очекување на некаква кулминација која не го остава слушателот да здивне дури до крајот. За уште подобра изведба потребни се сигурни хорни во нашиот оркестар кој сигурно ќе зачекорат во своите кратки делници во Концертот.

По завршувањето на третиот став публиката го нетрпение го очекуваше бисот. Березовски и во оваа прилика покажа дека неговата изведба за таа вечер ја чувствува како колективно музицирање и заедно со македонските филхармоничари го повторија вториот став Andante од Концертот на Шостакович. Истата емоција зазвучи во салата, а Березовски не настојуваше да превладее целосно над оркестарскиот ансамбл.

После паузата се изведе Симфонијата бр. 2 во h-moll (Херојска) од Александар Бородин. Бородин како член на Руската петорка ја напишал оваа симфонија во 1876 година и низ неа се провејуваат идеите на оваа група и потенцираното народно начело. Периодот од 1869 до 1875 година во творештвото на Бородин го одбележува пишувањето на оваа симфонија и двете сценски дела – операта Принц Игор и балетот Млада. Постојат многу мелодиски сличности помеѓу нив, а најголемата сличност доаѓа од тоа што композиторот во тој период бил инспириран од номадските племиња со турско потекло Кумани или како што биле нарекувани во Русија – Половци. Диригентот Виктор Митревски ја продолжи занесената атмосфера во салата заедно со оркестарот уште со почетокот на првиот став каде што прозвучи првата тема на симфонијата во forte динамика. Во овој став имавме можност да слушнеме дувачи кои што несомнено се истакнаа со сигурност која што треба да продолжи и понатаму во следните изведби. Ставот преовладува со силна динамика, а диригентот е заслужен за водењето на оркестарот низ таа динамика со успешно претопување во контрастите особено во тие делови каде што силниот динамички звук потребно е да се смири и да донесе потивки динамички ознаки. Во вториот став Scherzo, Molto vivo се тежнее кон игра со темброт на инструментите и нивно преплетување, а хорните веднаш стапија во битна улога со постојана пулсирачка линија од која што понатаму се разви и во делниците на останатите дувачи. Третиот став Andante започна со соло кларинет нежно попратен од харфа на која што се надоврзува звук на соло хорна со изненадни орнаментални ознаки карактеристични за творештвото на Бородин. Брзото темпо од претходните ставови и големите динамички констрасти се смирија со овој став кој со својата нежност придонесена и од страна на харфата заврши емотивно како што и почна. Последниот став финалето ни претстави слика на голема прослава изведена преку танцувачки карактер во 3/4 такт, но нестандардно прикажан преку голема ритмичка разработка и синкопирани линии.

Тамара Стојаноска, 6 јуни 2019 година


Камерен лирски пејзаж и овации за Березовски и солистите на Филхармонијата
Кон камерниот концерт одржан на 29 мај 2019 година

На сцената на Филхармонијата на Северна Македонија оваа недела имавме можност да слушнеме врвен музичар од светски ранг, кој бескомпромисно на публиката `и подарува нови искуства и репертоар кој низ неговата интерпретација продолжува да ги оживува салите. Ваквите концерти ја враќаат надежта во музичката уметност и ги испирираат младите генерации за усовршување и надоградување. Одржаниот концерт во Камерната сала на Филхармонијата беше само потврда на ова наше согледување.

Иако салата не беше исполнета до последното место, љубителите на камерното музицирање беа на вистинското место. Како солист на вечерта имавме можност да го чуеме Борис Березовски, реномираниот победник на Натпреварот „Чајковски“ во 1990 година. Љубителите на класичните концерти и оние кои сакаа уште еднаш да го проследат музицирањето на Березовски, следната вечер, на 30 мај, имаа уште една можност, овој пат во големата сала на Филхармонијата со концертот насловен како „Кодот на Березовски“.

Концертот започна со кратката најава за измена во програмата. Наместо композицијата Исламеј од Милиј Балакирјев, (со подеднакво воодушевување) имавме можност да ја проследиме Сонатата бр. 2, оп. 36 од Сергеј Рахмањинов. Самоуверено и брзо, преку првиот разложен акорд во надолно движење од првиот став Allegro agitato, звукот на основниот тоналитет b-moll ја исполни салата. Познатата Рахмањиновска акордска фактура со мелодијата од првата тема во левата рака течно го започна патот по кој Березовски чекореше, а во нашата глава создаде илузија како да музицира придружен од оркестар. Оваа соната во три става, напишана во 1913 година, очигледно Рахмањинов ја пишувал под импресиите од првите три концерти за пијано и оркестар. Затоа можеби во неа слушавме дел од елементите кои овој композитор и пијанист го прават препознатлив, најпрво впечаток на звучно пространство по сите димензии, доловено преку арпеџа распослани низ двете раце, надолни хроматски движења и нестабилни тонални центри, акорди за огромни дланки со сите прсти зафатени и кои многу често не ги собира во двете петтолинија, фактури со имитација на црковни ѕвона, корали, тематска поврзаност на ставовите, извирање на различни полифони линии од најнеочекувани места итн. Како интерпретатор на светските сцени, често можеме да го чуеме Березовски токму со делата од Рахмањинов, па затоа оваа промена не беше случајна. Вториот став од сонатата, Non allegro – Lento, донесе смирување и носталгична атмосфера. Ставот претставува мост помеѓу првиот и третиот став, а се служи со мотиви од првиот (кои звучно се препознаваат), но со латентен звучен набој. Третиот став Allegro molto започнува attacca subito и покрај двете теми, користи мотиви и од претходните два става. Нов бран на техничко мајсторство, брзина и вештина, и фортисимо, а сите присутни го очекуваа крајот за преку гласните аплаузи да му оддадат (страхо)почит и воодушевување на Березовски.

Следни на програмата беа Лирски пиеси, оп. 54 (книга 5) од Едвард Григ (1891). Секоја од шесте пиеси со сопствена приказна, во изведба на Березовски претставуваа вистинско уживање и на лицата на присутните се читаше видливо задоволство. Првата пиеса “Gjetergutt” (Малото овчарче) во g-moll, преку својата триделност донесе препознатлива мелодија, која на почетокот на првиот и третиот дел донесе единство и поврзување во формата (слично на Рахмањиновата соната). Навидум лесна од технички аспект, оваа пиеса како и останатите од овој опус, претставуваат предизвик за солистите, бидејќи вистинската тежина во овие дела се крие во начинот на интерпретирање и донесување на водечката линија. Втората пиеса “Gantag” (Норвешки марш), во C-dur, звучеше како увертира пред третата “Trolltog” (Маршот на џуџињата), која Березовски ја изведе со најголема леснотија и самоувереност, како вистински да маршираше низ клавијатурата. Кон оваа пиеса се почувствува и најпозитивната реакција од публиката. Но како вистински познавачи на класичните концертни манири, сепак аплаузот го зачуваа за крајот на целиот опус. Следеа и “Notturno”, “Scherzo” и “Klokkeklang” (Ѕвона). Секоја од пиесите на уникатен начин криеше некоја нова мисла, технички изведена до совршеност од Березовски, па на крајот заслужено имаше голем аплауз.

Уште едно изненадување надвор од програмата. Додека сите очекуваа солистички бис, на сцената заедно со Березовски излезе концертмајсторот на Филхармонијата, виолинистот Владимир Костов, и заедно го изведоа вториот став Allegretto espressivo alla Romanza од Сонатата бр. 3, оп. 45 за виолина и пијано од Едвард Григ (1887). Експресивно и романтично, Березовски го започна своето музицирање на пијаното, на кое се надоврза полниот виолински звук на Костов. Allegro Molto со поживо темпо го продолжи ставот со истиот жар, па преку пицикатото на Костов кој овој пат ја имаше улогата на придружба, му остави простор на Березовски во овој средишен дел да зазвучи во преден план, токму како солист. Più Tranquillo ја сталожи енергијата и повторно го врати спокојот во салата. Конечно бевме подготвени за камерното музицирање што следеше по паузата. Силните аплаузи ги испратија Костов и Березовски на одмор, а и нам ни требаше здив од бројните изненадувања во првиот дел.



По 15-минутната пауза, следеше ново поглавје. Квинтетот составен од гудачкиот квартет Анна Кодратенко (виолина), Владимир Костов (виолина), Бојан Талески (виола) и Александар Котевски (виолончело), и Борис Березовски (пијано), свечено излегоа на сцената, а на нивните лица се читаше возбудата од ова несекојдневно музицирање. На нашата сцена, поретки се концертите кога можеме да ги слушнеме оркестарските музичари да ја покажат својата друга страна и да застанат на помалата, но покомплексна камерно-солистичка сцена. Затоа Пијано квинтетот во Es-dur, oп. 44 од Роберт Шуман беше пропратен со најголема концентрација. Со своите четири става, започнувајќи од Allegro briliante, во кој веднаш на почетокот сите музичари заедно, со здружени сили ја изведуваат главната мелодија, а веднаш по изложувањето во пијаното, ја разработува првата виолина, по која следи изложување на мелодијата и во челото. Котевски со својата делница успеа длабоко да допре до публиката. Повторно заврзување, преплетување на делниците, репетиција и повторно започнување на ставот. Вториот (и најпознат) став, In Modo d’una Marcia – Un poco largamente со својот мотив: c c, c c, f as g c... c d es, d, c..., безброј пати повторен и изменет во сите инструменти, претставува база на овој став. На лицата на изведувачите преку насмевките се читаше задоволство. Scherzo – Molto vivace, третиот став, скоро целиот е базиран на нагорни и надолни скалични движења. Првото трио претставува канон на виолината и виолата, додека второто трио е со целосно непрекинато движење. Брзо, енергично како нагорни и надолни бесконечни скали по кои музичарите се искачуваат и симнуваат, за во четвртиот став конечно да се искачат на врвот (кулминацијата) на делото. Allegro, ma non troppo, финалниот став од квинтетот, во кодата вклучува фуга со комбинација на темите од првиот став и првата тема од последниот став. Напишан во 1842 година овој Квинтет од Шуман, претставува ремек-дело и е едно од најпрефинетите дела за камерно музицирање. Заслужено, на крајот музичарите беа наградени со долготрајни овации, а задоволството кај публиката заради овој несекојдневен настан се чувствува(ше) уште долго по концертот.

Емили Јањиќ Дачевиќ, 30 мај 2019 година


Лет во височините на книжевноста, науката и уметноста
Кон одбележувањето на седумте децении образование, култура и уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

На 21 мај 2019 година, во Kонцертната сала на Филхармонијата, се одржа Свечената академија по повод 70-годишнината од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Настанот претставуваше плод на сите досегашни залагања за знаење, напредок и меѓусебна соработка помеѓу факултетите при Универзитетот формиран на 26 јануари 1949 година.

И по седум децении, оваа установа полека и сигурно напредува, овозможувајќи им на студентите да ги надградуваат своите знаења, вештини, лидерски, тимски и хумани способности. Студентите како столб на оваа установа и оваа вечер бликнаа со својата енергија, свежина, убавина и креативност, водени од своите ментори, професорите, со што оваа вечер претставуваше заокружување на неколку децениското работење на Универзитетот.

Настанот започна со интонирање на Државната химна, Свечената химна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Студентската химна „Гаудеамус“ кои беа изведени од хорот „Драган Шуплевски“ и Симфонискиот оркестар при Факултетот за музичка уметност – Скопје, под диригентското раководство на проф. м-р Сашо Татарчевски. Потоа во затемнетата сала следеше проекцијата на 30-минутниот документарен филм за 70-годишниот развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во продукција на Македонската Радио Телевизија. Голема чест и благодарност до присутните изразија и Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и претседателот на Владата на Република Северна Македонија г. Зоран Заев, по што следеше музичко-поетскиот перформанс.

Музичко-поетскиот перформанс беше конципиран во неколку етапи, спојувајќи го минатото, сегашноста и иднината на македонската култура, образование и уметност. Го обликуваше проф. д-р Димитрије Бужаровски од Факултетот за музичка уметност. Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ му помогна при изборот на поезијата, а рецитаторите ги подготви доц. м-р Никола Настоски од Факултетот за драмски уметности. На програмата се најдоа дела од творештвата на истакнати македонски професори и декани на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје: Блаже Конески, Властимир Николовски, Гане Тодоровски, Томислав Зографски, Димитрије Бужаровски и Гоце Коларовски. Со својата работа и заложба, овие професори зад себе оставиле генерации млади студенти подготвени да летнат во височините на книжевноста, науката, уметноста.

Хронолошки, започнувајќи од своите рани почетоци, во чест на првиот декан на Факултетот за музичка уметност, Властимир Николовски, Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ ги изведе двата става: (вториот дел од) IV„Рондо“ и VII „Музета“ (оркестрација според композициите на барокните мајстори Јохан Каспар Фердинанд Фишер и Јохан Себастијан Бах) од неговото дело Стари Танци напишано во 1970 година. На чело на оркестарот стоеше диригентот проф. м-р Борјан Цанев. Топлиот виолински звук со кој концерт-мајсторот Ева Богоевска го започна солото во „Рондото“ ја претвори салата во своевидна „соба“ во која оркестарот се најде лице в лице со публиката. Останатите камерни музичари одлично ја следеа и во пијанисимо динамика го полнеа звукот на салата за постепено да го зголемуваат и преку унисоно да ја достигнат кулминацијата на ставот. Завршната репризна соло-реченица на виолината го заокружи ставот и го врати на почетокот, во смирена пијано динамика. Следуваше живиот и краток став од само триесетина секунди, насловен „Музета“. Карактерот на ставот се насетуваше уште при самиот наслов. Брз, енергичен, разговорлив, токму како женската фигура отсликана во него.

„Има нешто многу просто и тоа е тишина“, гласно одекна во салата. Тишината како метафора за гласните пораки кои бликаа цела вечер и се читаа во очите на присутните, јасно проговори за жарот помеѓу уметниците и публиката. Со рефлексивната поезија на Блаже Конески, младата рецитаторка Јована Спасиќ (втора година на ФДУ) ја пренесе моќната порака за тишината и спокојството.

Нов период. Преродба. Повторно се најдовме на мостот помеѓу поезијата и музиката, овој пат преку четвртиот став од ораториумот на Димитрије Бужаровски Охрид, напишан во неоромантичарски манир, според истоимената песна на Рајко Жинзифов. Оваа година одбележуваме 30 години од создавањето на ораториумот, кој е изведен и награден по повод 40-годишнината на УКИМ во 1989 година. Солистите Јаворка Витанова (сопран), Мариана Бошковска (алт), Исмет Весели (тенор) и вонр. проф. д-р Горан Начевски (баритон), заедно со Симфонискиот оркестар и Хорот „Драган Шуплевски“ и диригентот Сашо Татарчевски ги соединија своите сили, за што пореално да ја отсликаат замислата на композиторот за возживување на текстот на Жинзифов, за Климентова школа во славниот Охрид – центарот на словенската писменот и слободниот дух на народот. Со изложувањето на главната мелодија во сопранската делница, на која се надоврзаа останатите солисти и меѓусебно хармонски се преплетуваа, и низ впечатливата унисоно хорска градација ни беше прикажана историјата на нашата писменост, која поминала низ трнлив испреплетен пат, за конечно да го најде своето течение, и да се претопи токму во она што денес го одбележуваме.

Повторно спокојство. Стиховите на Блаже Конески преку Дете заспано крај езеро ја враќаат тивката и мистична атмосфера во салата. Но сепак, ја наговестуваат и следната Арс Поетика пренесена од рецитаторот Бранко Атанасов (втора година на ФДУ), која ја буди свеста на присутните и ги подготвува за уште еден хронолошки премин кон следната етапа.

Стари дедо овци пасе, експресивното дело за бас или баритон, мешан хор и симфониски оркестар (напишано на почетокот на 1970-тите) од Томислав Зографски, еден од најзначајните македонски композитори кому со овој концерт ја прославуваме 85-годишнината од раѓањето, претставува мост кон Илинденскиот период. Диригентот Сашо Татарчевски уште еднаш ги водеше Хорот „Драган Шуплевски“ заедно со извонредниот солист Горан Начевски на патување низ композицијата која блика со гордост и патриотизам. „Де е Гоце, де е Јане нашите другари? Знамето ни да развеат низ Македонија,“ здружените гласови ја исполнуваа салата. Солистот говореше, а хорот го поткрепуваа повторувајќи делови од народната мелодија. Крајот на делото смирено обликуван од оркестарот, го заврши ова Илинденско патување.

Битово-социјалните елементи, опеани во Нашинска од Гане Тодоровски, ги отвораат вратите кон еден нов правец. Рецитаторот Бранко Атанасов преку зборовите на поетот порачува: „Колку сме, толку сме, токму сме!“

Насетуваме кулминација, не сме сигурни дали наскоро ќе се случи; но ја очекуваме, се надеваме. На сцената излегуваат младите дами, студенти, полни со жар и младешка енергија. Го започнуваат танцот инспирирани од мистичниот звук на флејтата и ги истакнуваат своите флуиди со лесните движења, како млади нимфи маѓепсани од звукот на кавалот. Сам – Езгија (1997) од Гоце Коларовски, композиторот, професор и декан на Факултетот за музичка уметност во Скопје, кому оваа година ја славиме 60-годишнината од раѓањето, инспириран од можеби една од најубавите фолклорни музички форми – кавалската езгија, го пронаоѓа соодветниот призвук во флејтата, во интерпретација на Јана Каевска (студент од втора година). Заедно со неа, на сцената се наоѓаа и младите „нимфи“: Христина Ангеловска, Марија Ристеска, Ана Марковска, Тања Василевска, Ивана Димкоска, Медина Јусуфовиќ, Меланија Гоцевска, Ева Џингова и Јана Петровска, студенти на програмата за современ танц. Се движат на самата ивица на авансценот, веднаш пред првите пултеви, тука се составуваат во најкомплексни пози и поддршки во симболично подигнување, па се растураат по целата должина на сцената, а публиката е занемена. За оваа минуциозно обмислена танцова композиција се погрижи вонр. проф. д-р Искра Шукарова.

И Љубовна од Гане Тодоровски, ја продолжи претходно споменатата симболика за младост, љубов и жар, движечките сили на самиот универзитет. Јована Спасиќ и Бранко Атанасов, лице в лице, ја изразија моќта на зборот искажан со љубов и внимание, па се чини дека дотогаш од публиката изнудија најсилен аплауз.

И низ краткиот трет став од Техносимф (1997) на Димитрије Бужаровски, ја проследивме истата симболика, но овој пат преку стилски „измиксани“ музички мотиви/семпли изведени од Камерниот оркестар раководен од професорот Борјан Цанев.

Перформансот беше заокружен со избрани фрагменти (декламации, хорови кластери, испишана алеаторика, остри дисонанци, неокласични блокови, сонорни пијанистички камбани, политоналност и канонска имитација) од Ораториумот на Томислав Зографски Похвала Кирилу и Методију (1969). Точно половина век од неговата прва изведба, со што честа да се изведува се чини беше двојно поголема (покрај 85-годишнината од раѓањето на Зографски) и 70-годишнината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ симболично го заврши овој свечен настан, исполнет со многу емоции и реминисцентно навраќање кон почетоците и корените на создавањето на старословенската писменост, која претставува и темел врз кој денес чекориме кон освојување на нови хоризонти.

За крај, импресиите од овој свечен настан, настан кој се случува само еднаш во деценијата, ќе им ги препуштиме на стиховите од Гане Тодоровски, бидејќи чувствуваме дека преку нив најдобро ќе ја отсликаме љубовта кон новите врвови, откривања, спознавања. 
Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви,
така да истрајуваме,
така да се осмислиме,
така да убавееме.
(Нерези, строфа 6)

Емили Јањиќ Дачевиќ, 23 мај 2019 година




Елеганција преточена во грациозен виолински тон
Кон концертот на Филхармонијата „Романса“ одржан на 18 април 2019 година

На сцената на Филхармонијата имавме можност да проследиме уште еден настап на врвен музичар со азиско потекло. Тоа беше виолинистката од Јужна Кореја, Сојанг Јун (Soyoung Yoon) школувана на Универзитетите во Сеул, Келн и Цирих (со Захар Брон) и наградувана на врвните меѓународни натпревари по виолина „Јехуди Мењухин“, „Давид Ојстрах“, „Хенрик Виењавски“ итн. Самоуверено и со полни гради таа го изведе Концертот за виолина и оркестар во D-dur од Јоханес Брамс. На програмата се најде и Симфонијата бр. 5 од Ралф Вон Вилијамс, а концертот се одржа под диригентското раководство на Михал Нестерович (Michał Nesterowicz) од Полска, во моментов главен гостин-диригент на Симфонискиот оркестар во Базел и Филхармонијата „Артур Рубинштајн“ во Лоѓ.

Виолинскиот концерт на Брамс e единствен во неговиот творечки опус, а компониран е во 1878 година, посветен на големиот виолинист Јозеф Јоаким, кој бил негов пријател. Изведувачката техника и интерпретацијата на Јун се доживува како нераскинлив дел од нејзиното уметничко битие, и целиот Концерт од почеток до крај беше изведен во еден здив, како една целина. Привидната леснотија со која звучеше секој тон го задржа вниманието на публиката до самиот крај. На лицата на публиката се читаше маѓепсаност и од нејзината убавина. Грациозноста која ја поседуваше, успеваше да ја пренесе врз секој тон, па можеби затоа публиката ја прими со толкаво воодушевување. За овој настап Јун ја користеше виолината Страдивари на Кралот Џорџ III од 1710 година (“King George” Stradivari), а на некои од нејзините светски настапи како за Натпреварот „Хенрик Виењавски“ на кој победува во 2011 година, користи виолина Гвадањини од 1773 година (G.B. Guadagnini ‘ex-Bückeburg’).

Првиот став, сонатното Allegro non tropo, во D-dur направи баланс помеѓу оркестарското и солистичкото музицирање. Оркестарот одлично се надополнуваше на тонот на Јун, а гудачите инспирирани од музиката и појавата на Јун ја следеа и како да го преземаа и продолжуваа нејзиното елегантно движење. Крајот на првиот став беше обележан со впечатливата солистичка каденца која претставува врв на целиот став. Вториот став, Adagio, кој претставува триделна форма, го започна обоата која во првиот дел ја донесува главната мелодија подложена на понатамошно развивање од страна на виолината и оркестарот. Потребно е да се истакне дека оркестарските музичари во овој став се прикажаа одлично, а тоа се почувствува во нивното взаемно дишење и поврзаноста која ја имаа со солистот. На крајот на ставот главната мелодија исполнета од солистот заедно со целиот оркестар прозвучи во умерена динамика за смирен завршеток кој беше подготовка пред финалниот став. Финалниот став со форма на рондо ја врати енергијата во салата и уште еднаш потврди дека инспирирани од добар солист и диригент оркестарските музичари звучат ниво повисоко од вообичаеното.

Настапот на Јун беше пропратен со громогласен аплауз по кој таа ја награди публиката со два биса. На првиот бис го изведе Каприсот бр. 7 оп. 10 “La Cadenza” од Хенрик Виењавски, за веднаш по него, да ја крене публиката на нозе со нестандардното дело Funk The String од руско-германскиот мулти-музичар Алексеј Игудесман (Aleksey Igudesman). Вообичаено виолинистите одбираат „покласични“ дела, но овој виртуозен ефектен бис се покажа како вистински избор за придобивање на симпатиите од публиката.

По паузата следеше Симфонијата бр. 5 од британскиот композитор Ралф Вон Вилијамс. Вон Вилијамс, кој е речиси непознат за нашата публика и ретко изведуван кај нас, е композитор кој во своето творештво брои дела од крупен формат, како опери, балети, симфонии, духовна и камерна музика, и не е сврзан со ниту еден конкретен правец заради различните стилови кои ги употребува при секоја негова композиција. Вон Вилијамс се вбројува во листата на најголемите британски симфоничари, а инспирација црпел од францускиот импресионист и негов (и од него помлад) учител Морис Равел, потоа од англиската народна музика, оттаму и употребата на модални хармонии како надоградување на романтичарската традиција, а многу често се обраќа на гласот, како на пример, вокалните симфонии. Четириставичната Петта симфонија е помеѓу најизведуваните од деветте симфонии на овој композитор. Најзабележително е што во сите четири ставови доминира гудачкиот корпус. Уште во првиот став, Preludio, акцентот ставен на првите виолини и целиот гудачки корпус ja насетува нивната доминација. Иако пишувана во периодот од 1938 до 1943 година, периодот на Втората светска војна, Симфонијата носи сталожено расположение, со моменти на поттиснати чувства и емотивен набој кој се провлекува низ сите четири ставови. Бидејќи Вон Вилијамс ја започнал оваа симфонија во моментот кога ја пишувал својата опера The Pilgrim’s Progress (на која работел речиси 30 години), таа содржи остатоци и музички мотиви од оваа опера, но не е програмска (како што многумина би претпоставиле). Во вториот став, Scherzo (Presto misterioso), оркестрантите имаа можност да ги покажат своите технички способности, па сериозно ја сфатија оваа улога и успешно ја одиграа до крајот на ставот. Третиот став, Romanza (Lento), нè стави во т.н. филмско расположение, со музиката која толку потсетуваше на музиката за филмското платно. Солистичките делници на англискиот рог, по кој следуваа солистички моменти на флејтата, обоата и кларинетот, пропратени со звукот на емотивните виолини претставуваше своевиден врв на симфониското патување. Финалниот став, Passacaglia, прозвуче како заокружување на целиот концерт.

Овој концерт претставуваше одлична можност за запознавање со ретко изведувани дела кај нас, кои се дел од светската музичка сцена, и кои со своето влијание постепено ги шират погледите на нашата домашна публика.

Емили Јањиќ Дачевиќ, 11 мај 2019 година



Емотивно и духовно патешествие со Реквиемот на Џузепе Верди

Вердиевиот Реквием зазвучи во салата на Филхармонијата на Северна Македонија на 25 април 2019 година со почеток во 20 часот, во пресрет на прославата на големиот христијански празник Велигден. Овој најпознат и најизведуван реквием во историјата на музиката (одма после Реквиемот во d-moll, К. 626 на Волфганг Амадеус Моцарт) се изведе под водство на Емил Табаков, гостинот диригент од Бугарија. Табаков често соработува со нашата Филхармонија во заеднички изведби кои секогаш наидуваат на позитивен прием кај публиката. За оваа изведба на Реквиемот беше избрана интернационална група солисти составена од Весна Ѓиновска-Илкова – првенка во Националната Опера, професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и една од најдобрите македонски сопрани; Елени Матос – американски мецосопран со грчко потекло, со завидна оперска кариера и освоени дури 34 први места на врвни натпревари по пеење; Дејвид Јунгхон Ким – тенор школуван на Универзитетот во Сеул, кој во досегашната кариера, покрај низа оперски улоги, има и поголем број остварувања на натпревари за пеење во Европа и Јужна Кореја; и во најдлабоката гласовна делница – швајцарскиот бас-баритон со македонско потекло, Милан Силјанов, кој периодов веќе еднаш го проследивме на нашата сцена со рецитал. Величенствените хорски нумери во ова дело ги изведе Хорот на Националната Опера и Балет, подготвен од хор-мајсторот Ѓурѓица Дашиќ.

Реквием е дело со духовна конотација, миса во слава на починатите, со инспирација од богослужбата на Католичката црква, базиран врз духовни напеви на латински текст. Првата идеја и иницијатива на Верди да се создаде вакво дело се должи на неговата желба за достојно одбележување на годишнината од смртта на Џоакино Росини во 1868 година. Верди заедно со уште 12 италијански композитори ги напишале ставовите од Messa per Rossini и ја подготвиле за изведба во 1869 година. Но заради разидувања при подготовката на премиерата, таа не се извела. Веста за смртта на Алесандро Манцони во 1873 година, италијански херој-поет, драматург, писател и пријател на Верди, била причината тој да замине во Париз и таму да го создаде ова капитално дело, користејќи делови од веќе напишаниот став “Libera me”. Messa da Requiem со голем успех ја имала првата изведба во Милано, во катедралната црква Свети Марко на 22 мај 1874 година, на денот на одбележувањето на првата годишнина од смртта на Манцини. Верди бил агностик и често бил нарекуван атеист, но со ова величенствено дело ја изразил големината на загубата на својот пријател, но и загубата за цела Италија.

Реквиемот на Верди денес редовно се изведува на концертните сцени, што беше случај и со оваа изведба на оркестарот на Филхармонијата, солистите и Хорот на Националната Опера и Балет.

Првиот став “Introit; Kyrie” започна во галежен манир донесен во piano pianissimo од групата на виолончелaтa, поткрепен од останатите гудачи на кои што им се надоврза хорот исто во тивка динамика и sotto voce. После првото претставување на хорот, солистот Јунгхон Ким се појави со чист продорен тенорски глас на кој одлично се надоврза гласот на Силјанов, кој во текот на целиот став даваше цврсти темели во изведбата. Машките гласови направија вовед кон сопранот и мецосопранот за понатаму солистите, хорот и оркестарот да се спојат во взаемна хармонија.

Најексплозивниот втор став “Dies Irae”, кој се состои од 10 дела (Dies irae, Tuba mirum, Mors stupebit, Liber scriptus, Quid sum miser, Rex tremendae, Recordare, Ingemisco, Confutatis Maledictis, Lacrymosa) го започнаа оркестарот и хорот во forte fortissimo динамика со налети на мошне виртуозни делници во оркестарот, кој покажа соединетост и увежбаност во својата изведба. Потоа следеше Tuba mirum, со почетната најава на трубите која се развиваше до потресна кулминација во која што се вклучи и хорот. Во третиот дел, Mors stupebit, како солист се јави бас-баритонот Силјанов адекватно и прецизно пратен од страна на оркестарот во тивка динамика која што овозможи целосно негово истакнување. При крајот на делот, Силјанов завладеа со публиката во салата со емотивно испеаниот збор mors кој што се повторува. Во делот што следи, Liber scriptus, ни се прикажа мецосопранот Матос, која што во текот на целиот Реквием во себе носеше силна емоција, иако на моменти се чинеше како нејзиниот глас да се губи во целиот ансамбл, односно да биде потивка од останатите солисти. Во деловите Quid sum miser и Rex tremendae брилираше сопранот Весна Ѓиновска-Илкова со својот карактеристичен драмски глас, кој одлично се вклопуваше со останатите солисти, водејќи ја главната мелодиска линија со изострена интонација до високото c (salva me). Делот Ingemisco беше во сјајот на ариозото на тенорот со извонредна интонација и гласовна спремност, но пропратени со еден вид механичка емоција. Вториот став заврши со Lacrymosa каде што Елени Матос со емотивна вознемиреност ги отпеа стиховите кои што го понесоа и Силјанов да врати со иста емоција, која пак понатаму се пренесе и на останатите солисти. Хорот и оркестарот во овој дел доследно го следеа квартетот солисти овозможувајќи им ја главната улога доверена со замислата на композиторот.

Во третиот став “Offertorio” кој се состои од деловите Domine Jesu Christe и Hostias, главниот збор беше даден на солистите кои ги испреплетуваа своите гласовни бои доловувајќи ја музиката на Верди. Особено дојде до израз вклопувањето на гласот на Ѓиновска со гласот на Матос, а крајниот производ беше топла боја која што даваше ефект на сплотеност и соединетост.

Во ставот “Sanctus” хорот се пoдели на два дела, односно во осум гласови, заради изведбата на фугата со две теми, што на почетокот беше најавена со фанфарски звуци од лимените дувачи. Кога зборуваме за целосната слика на хорот потребно е да го истакнеме нивното точно интонирање и мошне добро следење на диригентот Табаков, но во нивната изведба на моменти се чувствуваше непожелното издвојување и истакнување на одредени гласови, особено во сопраните, со што се губеше ефектот на хорот како целина. Гласовната воедначеност како императив во хорското музицирање и едно од главните барања на уметничкото исполнување во оваа изведба не беше во целост испочитувано. Дикцијата и изговорот на стиховите од Реквиемот беа добро артикулирани, но понекогаш недостасуваше усогласеност во дикцијата и изговорот на латинскиот текст (на пример, зборот Requiem, почетниот збор во молитвата Requiem aeternam dona eis, Domine/Вечен покој дај Господи, беше многупати изговорен на различен начин и со различен нагласок, односно не се следеше изговорот на солистите). Освен тоа, вклучениот голем број хористи во изведбата на Реквиемот предизвика вртењето на страниците од партитурата некогаш да изгледа како да е дел од композицијата; создадениот шум беше пресилен и на моменти пречеше.

“Agnus Dei”, петтиот став од Реквиемот започна со сопранот и мецосопранот а капела. Во овој став се потврди сигурноста во интонацијата на солистките кои што ја донесоа едноставната и возвишена лирска мелодија во емотивен и придушен манир кој посебно ја допре публиката. Ставот е во дурски тоналитет, во овој случај најсветлиот C-dur, кој во врвната изведба звучеше потресно и крајно емотивно. Солистките пееја во паралелни октави со концентрирано следење, усогласени и во мелодиските украси. Донесувањето на кантилената унисоно и химнично е препознатлив оперски манир на Верди, а во овој случај тој прави алузија на средновековното монодиско пеење. Мелодијата понатаму беше повторена во хорот и оркестарот, кои во натамошниот развој на ставот подеднакво придонесуваа за доловување на нежноста во звукот.

Следниот став “Lux Aeterna” ни долови терцет во коj мецосопранот, тенорот и бас-баритонот се надополнуваа, мелодијата се префрлаше од еден во друг глас, а на крајот гласовите се споија како да се претопени еден во друг. Во овој дел Силјанов со секогаш прецизна артикулација и дикција, обоена во неговиот чист, карактеристичен бас-баритонски глас, повторно даваше цврста подлога во целиот став.

Последниот став “Libera me” е разделен на четири отсеци (Libera me, Dies Irae, Requiem aeternam и повторно Libera me). Во првото Libera me сопранот се јави со потресно молење означено со ознаката senza misura што `и дава слобода во интерпретацијата. Декламацијата подоцна се пренесe и на хорот, но во потивка динамичка експресија. Во овој став особено се истакна оперскиот манир во кој што е напишанo целото дело, со своевидно „воскреснување“ и обединување на главните тематски материјали од предходните ставови, и вклучување на монументална, интонациски и модулативно посебно сложена хорска фуга во завршното Libera me (првата тема од “Sanctus” и темата на ова фуга се поставени инверзно). Концертот заврши траурно во сплотена тивка динамика донесена од страна на целиот изведувачки состав.

Диригентот Емил Табаков диригираше без користење на партитура пред себе, со што покажа со каква енергија и длабочина ги разработил седумте става од композицијата. Диригирајќи напамет, комплетно се внесе во изведбата и успеа мајсторски да го води големиот изведувачки состав низ комплексното дело, полно со контрасни ставови, со многу финеси и значења; ова беше ретка можност да се следи секој негов потег и точно давање на секој знак на сите музичари вклучени во изведбата.

Филхармонијата со изведбата на Реквиемот на Верди ни подари достоен уметнички чин, а публиката имаше можност да проследи концерт во кој што прозвучи дело кое што во себе носи длабока емотивност со духовна конотација испреплетена во размислувањата и оперските естетски начела на композиторскиот јазик на Верди.

Тамара Стојаноска, 1 мај 2019 година



Млади ентузијасти со емоционална ангажираност и силна желба за музицирање
Кон концертот на Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“

Младите ентузијасти од Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ одржаа концерт во Камерната сала на Филхармонијата на РСМ на 23 април 2019 година со почеток во 20 часот. Концертот беше раководен од маестро Борјан Цанев, професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, воедно и водач на оркестарот. Оркестарот е основан во 1999 година по иницијатива на Велко Тодевски, долгогодишен професор по контрабас на ФМУ, како сцена за стекнување искуства и усовршување на идните изведувачи инструменталисти во камерниот израз, истовремено и како понуда за збогатување на образовната програма на ФМУ. Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ од тогаш континуирано остварува настапи со студентите од гудачкиот оддел од Факултетот за музичка уметност во Скопје во рамките на годишните концерти, како и во одбележувањето на други пригоди.

Увертира во концертот беше изведбата на Дивертименто К. V. 136 во D-dur од Волфганг Амадеус Моцарт, напишано во 1772 година, во младешките години на композиторот поминати во Салцбург. Делото се вбројува во циклус со уште две дивертименти (К. V. 137 во B-dur и К. V. 138 во F-dur) кои што Моцарт ги пишувал како пригодна музика која што се изведувала на тогашните забави, најчесто на отворен простор, со камерен оркестар, со помал број изведувачи. Оркестарот „Солисти на ФМУ“ ги изведе трите става (Allegro, Andante и Presto) во генерално побавни темпа од зададените, но тоа воопшто не влијаеше на позитивниот впечаток од изведбата на младите музичари. Впечатливо беше взаемното следење на првите и вторите виолини во делниците што се надоврзуваат една на друга создавајќи една компактна целина на делото.

Како прв солист на вечерта се претстави Илза Бафтиари Балата на виола, студент во класата на проф. Фросина Балова, со изведба на Еврејска суита (Suite Hébraïque) oд 1950 година на Ернeст Блох. Делото може да се најде и во изведба на виолина заедно со оркестар или само на пијано. Базирано e на мотиви од еврејската музика, сo симулaции на звукот на традиционалниот инструмент во еврејската култура – шофар. Бафтиари со прецизност и сигурност нè водеше низ музиката на Блох, истакнувајќи ги во првиот став карактеристичните фрагменти од молитвата Ne’ilah со една емотивна набиеност. Младата виолистка се претстави со фокусирана емоција и чист интонативен израз. Многу поретко се среќаваме со концерти каде што главниот музички израз го има виолата како инструмент, така што секогаш ефектот e позитивен кога на публиката `и се прикажува виолата во нејзиниот уникатен израз.

Ени Вучидолова на виолина, студент во класата на проф. Олег Кондратенко, се претстави со изведба на „Зима“ (“Invierno Porteño”) од Годишните времиња во Буенос Аирес (Cuatro Estaciones Porteñas) на Астор Пјацола, напишани во периодот 1965–1970 година, во ритамот на тангото. Tранскрипцијата за виолина и гудачки оркестар на Леонид Десјатников e направена во 1990-тите за концертите на Гидон Кремер, и во неа се појавуваат цитати и референци кон (европските) Годишни времиња на Вивалди, со што делото е подигнатo на едно поинакво уметничко ниво. Ставот „Зима“ го почна оркестарот со мал вовед во тивка динамика кој водеше кон експлозивното прво јавување на виолината. Ова е едно мошне интересно дело во кое што оркестарот фокусирано го следи солистот и начинот на фразирање, затоа што солистот е во преден план и ja има слободата да си игра со темпото додека ги изведува брзите и нагласено ритмизирани пасажи. Сликата на „зима во Аргентина“ `и беше доловена на публиката со изведбата на Вучидолова која технички и естетски ја имаше усвоено композицијата и мошне лесно преминуваше од една емотивна состојба во друга, со нежност во изразено мелодиските делови и темпераментност во брзите, играјќи си со динамичкиот и артикулацискиот план на делото, доловувајќи го ритмичкиот импулс и прикажувајќи ги различните виолински техники кои ја прават оваа транскрипција посебно атрактивна. Солистката влегуваше во визуелен и звучен дијалог со концерт мајсторот и виолончелото кое се јавува во овој став со свое соло, како надопoлнa на солистот на виолина. Да напоменеме дека концерт мајсторот Димитар Михајловски и водачот на виолончелата Маја Михајловска се дипломирани во класите на проф. Љубиша Кировски и проф. Живко Фирфов и од неодамна се дел од оркестарот на Филхармонијата на РСМ. Виолончелистката Михајловска со својата занесена изведба, и постојано будниот и расположен концерт мајстор Михајловски заслужуваат подеднакви пофалби за техничката и емотивна изведба на своите делници во севкупниот ангажман на концертот.

Публиката беше задржана во емотивната атмосфера со настапот на Андреј Ѓорѓевски на виолина, студент во класата на проф. Владимир Костов, со изведбата на „Сеќавања“ од музиката за филмот Шиндлеровата листа од американскиот композитор на филмска музика Џон Вилијамс. Музиката за филмот е напишана во 1993 година и оттогаш многу често се изведувани одредени парчиња како солистички композиции, особено на виолина. Публиката слушаше изведба на делото во оркестрација на диригентот на концертот, Борјан Цанев. Ѓорѓевски, иако на моменти звучно покриен од страна на оркестарот, се наметна со емотивниот пристап кон делото кое што својата кулминација ја достигна на самиот крај со појавата на познатата музичка тема од филмот во која што се претопи целата емоција на солистот во тивка динамика.

Концертот продолжи со Серенада за гудачи оп. 20 во e-moll од 1892 година на англискиот композитор Едвард Елгар. Камерниот оркестар ги изведе сите три ставa (Allegro piacevolе, Larghetto и Allegretto) надополнувајќи ја позитивната атмосфера иницирана од страна на диригентот, кој во текот на целиот концерт зрачеше со задоволство и гордост на своите студенти. Виолите сигурно го почнаа првиот став во 6/8 такт со прикажување на карактеристичниот мотив кој подоцна се претопува во звукот на останатите инструменти и повторно се јавува како еден контраст помеѓу делницата на виолите и останатиот дел од оркестарот. Во вториот став се издвоија вторите виолини кои што имаат прилично комплексна делница, која што мошне нежно и прецизно се надоврзува на водечката линија на првите виолини. Ставот преовладува со ситни динамички нијансирања кои што вешто беа алудирани од страна на диригентот.

Последните солисти за вечерта беа Диана Мирчевска и Марија Јанчулеска на виолина, студентки во класата на проф. Љубиша Кировски. Се изведе уште една композиција од Пјацола – Обливион. Оваа композиција е напишана во 1982 година, и можат да се најдат изведби за различни инструменти меѓу кои хармоника, виолина и виола со камерен оркестар, обоа и оркестар, клезмер кларинет и оркестар или две виолини со камерен оркестар. Познатиот композитор на тангото го напишал ова дело базирајќи го на чиста танго музика без мешање на други музички стилови, бидејќи многу често знаел да вклучи џез карактеристики или нишки од современата популарна музика во своите дела, развивајќи го стилот танго нуево. Уште од првите тактови отсвирени од страна на оркестарот, публиката се внесе во меланхоличната емотивно набиена атмосфера која што беше вовед за виолината на Диана Мирчевска. Мирчевска нежно и кршливо ја започна својата делница, што на моменти се чинеше дека преминува во премногу piano динамика, но сето тоа само придонесе за нејзината експресија и вадење на вистинската емоција. Главната тема вториот пат ја започна Јанчулеска која што ја однесе композицијата на уште повисоко емотивно ниво пропратено со чист интонативен израз. Очигледно беше одличното фунционирање и надополнување на двете виолинистки на сцена, соодветно поткрепени од оркестарот кој прецизно ги збогатуваше во потивка динамика и им остави да ја донесат главната мелодиска линија на композицијата до полн израз.

После Пјацола и експресивната изведба на двете виолинистки, диригентот Цанев презентираше како овој оркестар може да свири и без гудала. Концертот заврши со изведбата на вториот став „Пицикато“ (Playful Pizzicato) од Едноставна симфонија oп. 4 на Бенџамин Бритн. Ставот се базира на две теми кои Бритн ги напишал многу млад, и како што кажува насловот, се карактеризираат со игрива структура изведена само со употреба на избраната техника. Младите ентузијасти го изведоа делото во еден здив, а кулминацијата ја донесе изведбата на средишниот дел на ставот, каде што виолончелата и контрабасот се јавија со техниката на влечење на жиците, како еден вид strumming на гитара.

За крај на нашите впечатоци од концертот, маестро Цанев успеал да ангажира еден мошне солиден тим, неговиот префинет допир во сè што e негова активност дојде до израз и во неговата работа со оваа генерација студенти. Во Камерната сала на Филхармонијата овој оркестар прозвучи со еден мек и култивиран тон. Диригентот Цанев заедно со студентите од гудачкиот оддел на ФМУ и професорите по гудачки инструменти, и самите концертни изведувачи, презентираа програма прилагодена на вкусовите и преференциите на новите генерации музичари, кои очигледно дека менуваат и редефинираат што треба да се најде како доминантна програма за концерт за гудачки оркестар. Солистите на вечерта, Вучидолова, Ѓорѓески, Мирчевска и Јанчулеска своите изведби ги донесоа од нивните места во оркестарот со што ја подвлекоа компактноста на камерниот музички израз. Публиката со аплауз ја награди нивната интерпретација која е на патот на освојување на концертните сцени.

Тамара Стојаноска, 27 април 2019 година



Емотивна и интимна атмосфера испреплетена со музика, поезија и љубов
Кон „Вечерта на соло песни“

Емотивна и интимна атмосфера овозможена од звуци на прекрасна музика ја исполни Камерната сала на Филхармонијата на концертот одржан на 22 април 2019 година во 20 часот. Нашата публика имаше ретка можност да ужива во камерното музицирање на двајца реномирани млади уметници – Милан Силјанов, бас-баритон со македонско потекло, кој живее во Швајцарија, и пијанистката Нино Чохонелидзе од Тбилиси, Грузија.

Станува збор за рециталско дуо со богато меѓународно искуство, голем број настапи во европските центри и освоени награди и признанија на врвни натпревари за соло рецитали и лидови, меѓу кои престижната прва награда на натпреварот за пејачи и пијанисти до 33 години во Вигмор Хол во Лондон (Wigmore Hall/Kohn Foundation International Song Competition) во 2015 година. Со подеднаков интензитет тие ги градат и своите поединечни кариери. Силјанов е подеднакво успешен оперски и концертен солист. Своето образование го започнал на Високата школа за уметности во Цирих, а понатаму се надоградувал во областа на оперското пеење во Школата за музика и драма „Гилдхол“ (Guildhall School of Music & Drama) во Лондон. Денес тој е солист во Баварската државна опера во Минхен и соработува со врвни диригентски имиња. За густината на неговите настапи доволно говори тоа што Силјанов истата оваа седмица е солист во Вердиевиот Реквием кој ќе се изведе на нашата сцена. Нино Чохонелидзе е префинет музичар која исто така зад себе има врвно образование кое `и овозможило понатаму да настапува како соло пијанист, камерен музичар и пијано соработник особено на вокални изведувачи. Дипломирала пијано во својот роден град, а со титулата магистер се стекнала на Универзитетот за уметности во Цирих.

Вечерта посветена на уметничката соло песна започна со изведба на вокалниот циклус Љубовта на поетот (Dichterliebe), оп. 48 од Роберт Шуман. Делото е напишано во 1840 година, и редовно е присутно на репертоарот на вокалните изведувачи. Се базира на поеми напишани од германскиот поет Хајнрих Хајне, дел од неговата збирка Лирско интермецо. Композиторот го создал делото во момент од животот кога бил разделен од својата љубов, пијанистката и композиторка Клара Шуман. Силјанов и Чохонелидзе го изведоа целиот циклус составен од 16 лидови испреплетени со различни емоции во кои што преовладува љубовта. Циклусот започнува со песната “Im wunderschönen Monat Mai” (Во прекрасниот месец мај), а публиката уште со првите нежни тактови на пијаното, во piano динамика, беше заробена во интимната атмосфера, и се чинеше како никој да не испушти здив сè до почнувањето на солистот. Беше фасцинатно да се следи секоја следна песна со своја мала приказна, секоја надоврзана на другата, во различен тоналитет, и со поинакви артикулациски и динамички финеси. Двајцата музичари ни го доловија циклусот со почитување на сите ознаки на композиторот, а истовремено во целата приказна доловија своја уникатна и искрена емоција. Кулминацијата на целиот циклус се почувствува во изведбата на седмата песна “Ich grolle nicht”, во која што поетот ни прикажува љубовен јад исполнет со лутина, експресивно изразен преку музиката на Шуман и тоа во навидум светол тоналитет C-dur. Особено дојдоа до израз деловите кои што во партитурата се означени со ritardando, и токму во тие делови со забавување на темпото се фокусира целата емоција на песната која што понатаму експресивно продолжува. Потребно е да се спомене и динамичкото нијансирање на солистот Силјанов, особено на еден тон кој што „лежи“ два такта, се разбира помогнат од страна на взаемното следење со пијанистката Чохонелидзе. Циклусот завршува со чувства од разочараност и тага по една љубов со последната песна “Die alten, bosen Lider” (Старите песни полни со гнев). Oва е можеби и најсложената песна во циклусот, проткаена со богат хармонски јазик, менување на темпа и низа модулации низ тоналитети со повеќе предзнаци, почнувајќи од основниот тоналитет cis-moll, па преку gis-moll и fis-moll, сè до последниот дел на песната во Des-dur тоналитет каде што почнува кратка кода доловена од пијанистката во piano динамика.

Вториот дел од концертот започна со Let us garlands bring оп. 18 од англискиот композитор Џералд Финзи, на стихови од најголемиот поет на сите времиња Вилијам Шекспир. Ова дело е циклус песни за баритон и пијано или гудачки оркестар, напишани во периодот помеѓу 1929 и 1942 година. Составен е од пет соло песни (“Come Away, Come Away, Death”, “Who is Silvia?”, “Fear No More Heat o’the Sun”, “O Mistress Mine” и последната, “It was a Lover and His Lass”, на стихови од комедијата Како што милувате). Преку изведбата на Силјанов беше доловен посебниот карактер на секоја од песните. Потребно е да се стави акцент на перфектната артикулација и дикција при звучењето на секој испеан англиски збор, што придонесе публиката да ужива и во текстуалниот дел, а не само во музичкиот.

После стиховите на германски и англиски јазик, следеа песни отпеани на француски јазик во изведбата на Дон Кихот и Дулчинеа (Don Quichotte à Dulcinée) од Морис Равел. Циклусот од три песни (“Chanson Romanesque”, “Chanson epique” и “Chanson a boire”) е компониран во периодот 1932/33 година, на текст од либретистот Пол Моран, инспириран од книжевното дело на Мигел де Сервантес. Равел со ова дело нè води низ три различни танци почнувајќи од guajira/гуариха (Куба), zortziko/зорцико (Баскија) и jotа/хота (Шпанија). Во третата песна “Chanson a boire”, дојдоа до израз актерските способности на Силјанов кој што ја играше улогата на опиениот Дон Кихот, пратен од програмската делница на пијаното во која се доловуваат звуци на отворање на пенливо вино.

Со последното дело на програмата Отпловена Русија (Отчалившая Русь) од Георгиј Свиридов, на стихови на Сергеј Есенин, имавме можност да слушнеме две песни од циклусот («Осень»/„Есен“ и «О родина, счастливый и неисходный час!»/„О, татковино, среќен и вечен час“). Иако е композитор кој главно компонира во неоромантичен лирски стил, во вокалното творештво Свиридов се инспирира од пеењето во Руската Православна црква, на овој настап пренесено преку гласот на Силјанов посебно во првата песна. Секој негов здив беше вешто пратен од пијаното на Чохонелидзе која што ја создаваше целата духовна атмосфера на песната со постепено динамичко нијансирање. Песните со својот смирен, но истовремено и драмски карактер го заокружија целиот концерт во сериозна атмосфера.

Најпрво беа овациите на публиката. Потоа пијанистката го отсвири препознатливиот вовед во кој се насетуваат почетните тактови на Финалето на Симфонијата бр. 6, „Патетична“, оп. 74, во h-moll од Чајковски. На оваа основа се надоврза полниот обликуван глас на Силјанов со „Марика мома убава“ (оп. 126). Напишана во последните години од животот на композиторот, оваа соло песна на Томислав Зографски претставува омаж за Чајковски чудесно испреплетен со истоимената македонска народна песна. Веројатно не ни можеше да има подобар начин како уметниците да ја заокружат прошетката низ различни поезии испеани на различни јазици.

Тамара Стојаноска, 25 април 2019 година



Колебливо патување низ различни музички стилови со Камерниот оркестар „Скопски солисти“
Попатна станица: Kонцертниот контрабас на Драган Трајковски

Во средата (17 април 2019 година) во 20 часот во Камерната сала на Филхармонијата на РСМ се одржа концерт на Камерниот оркестар „Скопски солисти“ со наслов „Концертен контрабас“. Уметнички раководител и основач на оркестарот е познатиот македонски обоист и професор Васил Атанасов. Водењето на оркестарот беше препуштено на диригентката Бисера Чадловска, а како солист на вечерта на контрабас настапи Драган Трајковски. Трајковски е еден од најталентираните контрабасисти од Македонија, студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, потоа на Високата школа за музика во Келн, денес е контрабасист во Симфонискиот оркестар во Инсбрук (Tiroler Symphonieorchester Innsbruck), Австрија, каде редовно настапува и како џез музичар. Чадловска е водечки и носечки диригент на македонската музичка сцена, долгогодишен диригент во Националната опера и балет, и во моментов е уметнички раководител на Операта.

Публиката имаше можност да присуствува на концерт во кој преовладуваа изведби на познати дела во историјата на музиката, но и несекојдневен репертоар испреплетен со различни стилови, а освен тоа концертот донесе и уште една премиера на дело на македонски автор. Во изведбата на Камерниот оркестар константно се чувствуваше една несигурност особено во полето на интонацијата, но и во взаемното музицирање на инструменталистите. Тоа можеби е резултат на пребрзата подготовка на програмата или пак на недоволното познавање на музичарите меѓусебно.

Концертот започна во духот на италијанскиот барок, најпрво со творештво на композиторот Арканџело Корели. Иако не беше прецизно наведено во програмата за публиката, потребно е да се истакне дека се изведоа три става од Сонатите за виолина на Корели, оп. 5: Сарабанда (Sarabande), која што е трет став од Сонатата за виолина, бр. 7 во d-moll, потоа Жига (Gigue), втор став од Сонатата за виолина, бр. 9 во a-moll, и Бадинери (Badinerie), четврт став од Сонатата за виолина, бр. 11 во E-dur. Овие ставови од различни сонати на Корели беа изведени како споен циклус направен од страна на виолинистот, диригент и композитор Еторе Пинели (Ettore Pinelli, 1843–1915). Сарабандата со својот бавен, достоинствен карактер носи елегичен звук пропратен со голем емотивен набој кој за почеток на изведбата не беше донесен од страна на оркестарот. Лебдеше несигурност во воздухот која оневозможи да се истакне посакуваната емоција. Со вториот и третиот став оркестарот успеа да нè внесе во една позитивна атмосфера својствена на Жигата и Бадинери кои ги имаат игривоста, шеговитоста и живоста во својот карактер, и да нè подготви за следното дело, исто од барокен мајстор, Антонио Вивалди.

Се изведе неговата Увертира (Sinfonia) за гудачи во C-dur, RV. 116, со распоред на ставовите – брз, бавен и повторно брз став, карактеристично за италијанските увертири. Концертите кои вклучуваат дела од барокните мајстори секогаш треба да бидат забележани, зашто станува збор за репертоар кој не е многу често изведуван кај нас. Во изведбата на барокните композиции потребно е да се пристапи од еден друг агол што ќе опфати доловување на овој стил со сета негова сигурност во звукот и моторичноста, техничка подготвеност, интонативна изостреност и целосно увежбување на делниците на гудачкиот оркестар за да се дојде до ефект на взаемно дишење и почнување на фразите во ист момент.

Концертот не продолжи по започнатиот временски редослед на композициите, туку нè однесе во романтизмот со изведба на вториот став, Andante cantabile од Гудачкиот квартет бр. 1, оп. 11, во D-dur, на Петар Илич Чајковски. Заради убавината на овој став и впечатокот кој го оставил уште при прватa изведба на Квартетот во 1871 година, Чајковски подоцна направил повеќе оркестрации, меѓу кои и за гудачки оркестар во 1881 година. Главен столб на ставот е карактеристичната тема која се базира на народна песна од областа Каменка во Русија која што Чајковски ја слушнал во детството, а подоцна му станала инспирација за компонирање на овој мошне меланхоличен став полн со копнеж кон минатото. Диригентката Бисера Чадловска со очигледен емотивен пристап го водеше оркестарот низ музиката на Чајковски како едно смирување на атмосферата и вовед кон настапот на солистот на контрабас.

Солистот на вечерта Драган Трајковски премиерно го изведе делото на својот татко Љупчо Трајковски-Фис, Концертот за контрабас и гудачки оркестар со наслов Inspiration. Концертот се покажа како еден хибрид на различни стилови споени во едно парче. Солистот настапи на контрабас oд фирмата Pöllmann, специјален орнаментиран модел Salzburg, со карактеристична изрезбарена глава на лав наместо полжав на горниот дел од инструментот, налик на орнаментите што се користеле во изработките на виола да гамба. Трите става на делото беа изведени како во еден здив, а солистот покажа исклучителна техничка подготвеност пропратена со чист продорен тон.

Последното изведено дело за вечерта беше Симфонијата бр. 45, „Проштална“, во fis-moll на Јозеф Хајдн. За изведбата на оваа симфонија на камерниот гудачки оркестар му се придружија две хорни и две обои (во изворниот состав предвиден е и фагот). Првиот став е брз и тензичен, a тензијата ја зголемува и изборот на тоналитет кој што не бил многу често употребуван во XVIII век. Вториот став е бавен, во 3/8 такт, во сонатна форма, и се карактеризира со повторувачки мотив кој што се јавува во виолините. Во овој став дојдоа до израз обоите со својот чист тон, а беа придружувани од страна на хорните кои несигурно ги почнуваа своите делници. Во третиот став недостасуваше поголемо динамичко нијансирање за посилно да се подвлече грациозниот, елегантен карактер на менуетот. Особено треба да се внимава на деловите кога на гудачкиот оркестар му се придружуваат дувачите и од тивка piano динамика се преминува во forte. Во овој став голем удел имаат и хорните кои што сè уште беа пропратени од истата несигурност што се почувствува и во претходниот став. Финалето е во виорно Presto темпо во основниот тоналитет и се карактеризира со ритмичка напнатост постигната меѓудругото и со користење на техниката bariolage, што од друга страна придонесе и за игра со темброт на оркестарот. Ставот завршува со кода во бавно темпо каде што до крајот на делото изведувачите се простуваат со публиката и еден по еден излегуваат од сцената, сè додека не останат само две виолини за да ги отсвират последните завршни тактови на Симфонијата con sordino, во pianissimo.

На крајот, останува само уште потсетувањето на приказната за продолжениот престој на принцот Миклош во дворецот Естерхаза во ноември 1772 година, апелот на дворскиот оркестар за заминување дома, и досетливиот капелмајстор Хајдн.

Тамара Стојаноска, 21 април 2019 година



Хронологија на стиловите со азиско толкување
Запознавање со пијанистот Хају Жанг

Во петокот, на 5 април 2019 година, во Камерната сала на Филхармонијата имавме ретка можност да присуствуваме на целовечерен рецитал на пијано на гостинот со интернационална кариера Хају Жанг (Haiou Zhang / Zhang Hai’ou) од Кина. За пијанистот Хају Жанг нашата музичка јавност беше информирана пред неколку месеци, кога тој настапи како солист во Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во b-moll од Петар Илич Чајковски под диригентство на Јерухам Шаровски од Израел, на турнејата на Филхармонијата во Кина. Беа одржани седум заеднички концерти во исто толку концертни сали и градови на оваа најнаселена земја во светот (Хохот, Таијуан, Тангшан, Женгжу, Хенгшуи, Хефеи и Донгуан), во интензивен период од 10 дена на преминот од старата во новата (европска) година, со пропатувани илјадници возбудливи километри по копнен и воздушен пат. Деби-рециталот во Скопје беше плод на успешната соработка на уметниците кои говорат со универзалниот јазик на музиката и изразена взаемна благодарност помеѓу Хају Жанг и Филхармонијата.

На репертоарот таа вечер се најдоа дела од три епохи кои хронолошки следеа, класицизам, романтизам и импресионизам. Преку нив Хају Жанг го прикажа својот поглед кон интерпретацијата на делата и истите ги изведе на мошне нестандарден начин.

Иако во програмата беа поставени со обратен редослед, рециталот започна со Сонатата за пијано бр. 21 оп. 53 во C-dur, „Валдштајн“, од Лудвиг ван Бетовен, која беше изведена брзо, енергично и прецизно. Adagio molto донесе едно поинакво расположение, смиреност и одмереност во звукот. Хају Жанг врз секој тон стапнуваше самоуверено, како целата енергија да ја насочува кон него. Rondo, како реминисценција на првиот став (Allegro con brio), повторно ја врати главната тема на сонатата и ведриот дух во салата, потсетувајќи дека солистот музицира пред сè за да воспостави контакт и разбирање со публиката.

Второто дело од доцнокласичниот период повторно беше соната за пијано од Бетовен од неговите последни опуси, Сонатата бр. 30 оп. 109 во E-dur. Се чини дека при изборот на темпото за оваа соната солистот отишол понапред, па низ сонатата не го чувствувавме вообичаеното „дишење“, толку потребно при изведбата на едно вакво дело.

По кратката пауза, ова несекојдневно патување продолжи во нов стил, овој пат низ блокот дела од Фредерик Шопен. Прво во овој дел на програмата се најде денес можеби најизведуваното Ноктурно во cis-moll, напишано во 1830 година, а објавено во постхумниот опус на композиторот, во 1870 година. Ова Ноктурно со својата тага како да ја маѓепсува публиката со секоја негова изведба, па пијанистите на светските сцени често го исполнуваат на своите солистички рецитали или како бис на концертите. Хају Жанг го изведе делото во еден невообичаен манир, со рубато на подолгите надолни пасажи во десната рака и контрастна динамика, и бидејќи слободата во играње со динамичкиот план и темпото е препознатлива алатка на романтизмот, не бевме изненадени од ваквата слободна интерпретација.

Следеше нежниот ситно дождлив Прелудиум бр. 15 оп. 28 во Des-dur, воедно и најдолгиот од 24-те Прелудиуми на Шопен, чија задача беше да го разложи густиот набој на емоции што се почувствува при слушањето на второто грациозно и во ритам на валс ноктурно кое следеше на програмата, Ноктурното бр. 2 оп. 9 во Es-dur.

Импресионистичкиот блок започна со прелудиумот „Бријер“ (Bruyères) од втората книга Прелудиуми од Клод Дебиси, на кој се надоврза „Девојката со ленена коса“ (La fille aux cheveux de lin), осмиот прелудиум од првата книга, кој носи едноставност, топлина и лиричност во изведбата. Во двата прелудиума преовладува пентатоничната скала која комбинирана со дијатонските хармонии и модалните каденци придонесува за своевиден фолклорен призвук. Блокот композиции од Дебиси беше заокружен со Етидата бр. 11 (Étude pour les arpèges composés) која се смета за едно од неговите доцни ремек-дела, компонирана 1915 година. Со ова дело Хају Жанг уште еднаш ја демонстрираше својата техничка подготвеност и владеењето со ритамот, импресионистички боејќи низ клавијатурата преку пасажите. Преку оваа своевидна увертира ја насетивме енергијата која следеше во финалето и врвот на рециталот.

La Valse од Морил Равел, едно од најмаркантните симфониски дела во поглед на мајсторството на распишување на оркестарската партитура, создадено во 1920 година, го наоѓа својот пат на концертната сцена и преку транскрипцијата за пијано направена од самиот Равел. Како бисер на рециталот, ова дело, поретко изведувано на нашата сцена, во изведбата на Хају Жанг прозвуче како танц помеѓу пијаното и солистот.

Крајот на концертот разбирливо беше награден со голем аплауз, а Хају Жанг ја почести публиката со изведување на два биса, „Лебедот“ (Le cygne) од Карневалот на животните од Камиј Сен-Санс во транскрипцијата за пијано на Леополд Годовски, и композицијата Реката Лиујанг (Liu Yang He) од кинескиот композитор Ванг Јијанжонг (Wang Jianzhong), базирана на истоимената кинеска традиционална песна разработена во импресионистички манир со виртуозни фигурации, арпеџа и пасажи, која побуди носталгија и воздишки кај азискиот дел од публиката.

Салата беше исполнета речиси до последното место, а веќе неколку дена пред концертот се бараше место повеќе за да се доживее ова стилски хронолошко и музички несекојдневно патување во кое нè поведе Хају Жанг, и кое заврши со успех и овации.

Емили Јањиќ Дачевиќ, 9 април 2019 година

P.S.

Рециталот на Хају Жанг одржан во Скопје, насловен “Fingerprints Recital”, беше поврзан со неговиот CD-албум Fingerprints издаден во 2017 година, а на програмата на рециталот се најдоа дури четири дела од албумот. Со изборот на програмата, пред сè заради делото од кинескиот автор Ванг, Хају Жанг се обидува да остави свој отпечаток во музичката историја, промовирајќи космополитизам и ширење на својата култура насекаде во светот.

Преку изведбите на делото Реката Лиујанг, тој истакнува дека неговата цел е да ја претстави кинеската музика пред што поразлична публика. Фактот што во публиката имаше гости од азиско потекло придонесе ова домашно дело од Кина да ја омекне атмосферата во салата, а инстантниот одговор од публиката беше неизбежен.

За концептот на рециталот, самиот Хају Жанг вели дека репертоарот беше поделен во две дијаметрално спротивни компоненти, интензивен прв дел и légère втор дел, меѓудругото и со композиции во кои Дебиси користи азиски музички елементи. Првата половина од рециталот беше посветена на Бетовен, чие творештво го изведува со посебно задоволство, а покрај ова ја има во предвид и 250-годишнината од раѓањето на Бетовен која се ближи во 2020 година, па тој со своите рецитали сака да ја започне прославата малку порано.




Инспиративен дувачки оркестар на млади музичари
Кон концертот на Дувачкиот оркестар при Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана

Во вторникот, на 2 април 2019 година, со почеток во 19:30 часот, на сцената на Македонската филхармонија се одржа концерт на Дувачкиот оркестар при Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана, Словенија, (Pihalni orkester, OE Glasbena šola Konservatorija za glasbo in balet Ljubljana). Нивниот настап, најпрво инициран од страна на наставниците од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Вишата балетска школа при Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана кои соработуваа во рамките на програмата за размена на наставен кадар Еразмус+, организациски беше помогнат од страна на Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Овој концерт беше дел од балканската концертна мини-турнеја на учениците од Дувачкиот оркестар, која што ги опфати градовите Белград (29 март), Солун (31 март), Волос (1 април) и Скопје.

Како водач и диригент на оркестарот се претстави професорот Андреј Зупан кој е и истакнат словенeчки кларинетист. Концертот започна со Празничната увертира оп. 96 во A-dur на Дмитри Шостакович, во аранжман за дувачки оркестар на Тохру Такахаши. Делото е напишано во 1947 година како нарачка по повод одбележувањето на 30-годишнината на Октомвриската револуција, но не било изведено сè до 37-та прослава по истиот повод. Увертирата започна со фанфари во лименитe дувачи и уште од самиот почеток публиката беше воведена во свечена атмосфера и заплисната од бран на пријатен, исполнет и топол звук. Композицијата траеше шест минути, но младите музичари со својата експресивност и усогласеност на изведбата ги претворија во секунди.

После одличниот почеток, концертот продолжи со изведбата на композицијата Colors for Trombone на белгискиот композитор, професор и диригент Берт Апермонт. Делото е напишано во 1998 година, посветено на тромбонистот Бен Хемхојтс, иако може да се најде и во верзија за пијано. Colors for Trombone е композиција конципирана во четири става кои што изразуваат чувства базирани на четири бои: жолта, црвена, сина и зелена. Како солист настапи младиот тромбонист Матеј Штих, ученик во класата на професорот Андреј Карба. Оваа композиција се карактеризира со доловување на различни бои или тембри во палетата на звучни можности на тромбонот, а истовремено композиторот ни нуди впечатлива игра со опсегот на инструментот. Штих успеа да ги долови овие карактеристики, а истовремено да го запази емотивниот и програмскиот дел што во себе го носи делото, варирајќи од едно чувство кон друго, односно од една боја кон друга. Тука ќе ја споменеме уште еднаш усогласеноста на оркестарот, но овојпат во контекст на соработката со солистот.

Балканска суита, дело на словенечкиот композитор Петер Шавли која следеше на програмата, внесе позитивна енергија кај македонската публика понесена од препознатливите мелодии и ритми.

Потоа, младите уметници го изведоа едно од највеличествените дела напишани за овој вид оркестар, Mannin Veen на англискиот композитор од ХХ век, Хајдн Вуд. Насловот на композицијата се однесува на островот Ман во Ирското море, познат по спецификите на животот на келтските заедници уште од почетокот на ХI век. Дувачкиот оркестар, и посебно кларинетите, успешно ни ги претставија четирите карактеристични фоклорни теми изградени врз елементи на древната келтска култура и вкомпонирани во едноставична композиција, кои ја смирија атмосферата на концертот и со автентичноста на изведбата нè внесоа во скоро хипнотично расположение.

Официјалната програма на концертот заврши со Greek Folk Song Suite на швајцарскиот композитор Франко Цезарини. Делото се состои од три ставa. Првиот став “O Haralambis” започна со свечен тон во 7/8 ритам со карактеристична тема на грчки фоклорен танц. Во секој од трите става на делото се јавува по еден солист на различен инструмент, па така во првиот став прозвучи соло обоа. Во вториот став “Stu Psiloriti” базиран на тема на песна од островот Крит, се јави соло флејта која што мошне суптилно ја изнесе својата делница. “Vasilikos tha jino”, последниот став, заврши во нам добро познатиот танц сиртаки и соло делница на тромбон.

Освен дувачкиот состав, на концертот не останаа незабележани и групата удирачки инструменти кои заедно со харфата и контрабасот `и подарија на публиката незаборавна музичка вечер.

На крајот од програмата публиката ги награди младите музичари со заслужен долготраен аплауз пропратен со овации. За бис се изведе композицијата Klezmer Classics oд Јохан де Меи, тромбонист, диригент и композитор, базирана на музичката традиција клезмер специфична за еврејската Ашкенази култура, која била користена за свадби и забави. Композиторот успешно поврзал пет познати клезмер теми во една целина во брз, виорен ритам, со суптилна разновидна орнаментика, стилски соодветна, па нејзината декоративност ни ја долови суштината на самата композициона структура.

Mладите музичари покажаа завидна техничкa подготвеност без отстапки во стилот, темпото или интонацијата, и со младешки елан задржаа во публиката константна, мобилизирачка атмосфера во текот на целиот концерт.

За крај, ќе резимираме дека оркестарот се претстави со шест композиции, секоја различна и нова за нашата публика и секоја со свој различен концепт и различни музички елементи кои што во нивното исполнување дојдоа до полн израз. Големата сала на Филхармонијата иако не беше исполнета до последно место, беше исполнета со позитивна атмосфера како сведок дека концертот остави позитивен печат во концертниот живот кај нас. Таква посветеност, музикалност и вештина од млади уметници во средно музичко училиште треба да нè инспирира и поттикне сите нас за подигање на квалитетoт на нашите уметнички настојувања, особено кога станува збор за вистинските можности на дувачкиот оркестар.

Тамара Стојаноска, 6 април 2019 година



Ентузијазам во полупразна сала
Кон концертот на Македонската филхармонија „Да танцуваме!“ одржан на 28 март 2019 година

Во четвртокот, во својот редовен термин, Македонската филхармонија одржа концерт со наслов „Да танцуваме“. Веројатно организаторите инспирирани од насловите на делата кои беа на програмата сметале дека овој наслов ќе биде соодветен, но за жал на повикот за танц не се одзва поширок круг на публика.

На овој концерт на Македонската филхармонија за првпат после подолго време акцентот беше ставен на оркестарските музичари. На програмата беа Словенските танци (избор од) оп. 46 од Антонин Дворжак и Симфониските танци оп. 45 од Сергеј Рахмањинов. Ентузијазмот со кој оркестрантите пристапија кон изведбата на овие дела можеше да се забележи уште во првите ставови од Дворжак, но особено дојде до израз во исполнувањето на оркестарската свита танци на Рахмањинов. Ентузијазмот се чувствуваше и во начинот на кој гостинот диригент Габриел Бебешелеа од Романија го водеше оркестарот, инспириран од филхармоничарите во чиј состав за овој концерт беа вклучени повеќе млади музичари. Со секој нареден концерт во оркестарот забележуваме сè повеќе студенти што секако би го оцениле како своевидна пракса (толку потребна за студентите по музика, која кај нас заради ограничениот број оркестарски ансамбли речиси ја нема) и позитивна можност идните дипломирани музичари да ја искусат сцената во нивните студентски денови. Укажаната прилика во овој случај да настапат со талентиран и наградуван оркестарски и оперски диригент кој веќе има свое место помеѓу диригентите на денешнината, претставува дополнителен поттик за ентузијазмот кај нив да не стивнува.

Во првиот дел на концертот со Словенските танци оп. 46 од Дворжак, изборот на ставовите (танците) кои беа изведени беше направен мудро и внимателно за времетраењето на делото да се прилагоди на концентрацијата на публиката. Концертот започна моќно и енергично, а сето тоа се одрази и врз публиката која како и вообичаено даде аплауз после првиот став. Но тоа овде би го протолкувале како позитивна реакција и поттик кон оркестрантите и Бебешелеа. Понатамошниот тек на ставовите се одвиваше смирено, а најголема кохезија помеѓу дрвените дувачи и гудачите се почувствува во танцот “Sousedská” бр. 6 во која тие музицираа, се спротивставуваа и надополнуваа, за изведбата со последниот став “Furiant” бр. 8 да заврши светло и енергично.

По кратката пауза следуваа Симфониските танци оп. 45, последното дело на Рахмањинов. Во ова дело покрај колективното музицирање, оркестрантите имаа можност да се докажат и преку солистичките делници, па мотивирани од тоа беа комплетно вложени и фокусирани во исполнувањето на задачата. Флејтата, обоата, англискиот рог, кларинетот, саксофонот и фаготот одлично се надополнуваа, секој чекајќи го својот момент за изразување. Со особено уживање и внимателност оркестарот го свиреше вториот став во темпо на валцер. Во ставот и изразот, гудачите, понесени од музиката и виртуозноста со која се напишани нивните делници, наизглед делуваа како солисти, но звукот покажуваше сплотеност на силите и заедничко музицирање.

Целокупниот впечаток од концертот останува позитивен, но како голема забелешка веќе ја споменавме полупразната сала. Се чини дека најчесто посетени се концертите на Филхармонијата во кои имаме солист гостин од странство. Покрај ова, и на овој концерт како и на претходниот, најголемиот дел од публиката беа студентите по музика. Затоа би го поставиле прашањето: за кој вид на публика се наменети овие концерти и зошто посетеноста не е во поголем број? Зашто за танц сепак се потребни двајца.

Емили Јањиќ Дачевиќ, 29 март 2019 година



Бура од емоции и контрасти

Кон концертот на Македонската филхармонија „Фантазија апасионата“ одржан на 21 март 2019 година

Изминатиот четврток во салата на Македонската филхармонија се одржа мошне интересен концерт во кој беа спротивставени повеќе елементи, џез удиралки и кинеска пентатоника, австриски виолинист, комична опера и врвна виолинска француска школа, шкотски народни мелодии и ритми во раноромантичарски оркестарски звук. Под раководството на холандскиот диригент Конрад ван Алфен, македонскиот филхармониски оркестар зазвуче со една поинаква боја во која преовладуваше посебна топлина. Можеби тоа се должеше на фактот што како прво дело на програмата беше премиерата на Jasmine Flowers and Red Chestnuts од Владимир Николов, дело кое се базираше на џез хармонии и ритам, и пентатонични мотиви. Во делото посебен ефект направија делниците на удирачките инструменти одлично подготвени од страна на филхармоничарите од оваа група, а тоа очекувано придонесе за позитивна атмосфера во салата и голем аплауз. Веројатно, честа да се изведува премиера се покажа пресудна во мотивацијата и вложеноста на оркестрантите.

Како второ дело на програмата се изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 5 во а-moll, оп. 37 од Анри Виетан, во чиј втор став се користи неофицијалната химна на Кралството Франција, „Каде може да е подобро отколку во семејството?”, која прв пат се појавува како дел од комичната опера Лусил на Андре Модест Гретри. Интересно е да се спомене и тоа дека овој концерт по неговото објавување во 1861 година, бил речиси заборавен, но Виетан верувал дека делото со текот на времето ќе добие свое место во виолинскиот репертоар што и се случило. Оваа вечер делото имаше свое место и на нашата сцена, а како солист настапи австрискиот виолинист Бенџамин Шмид. Овој виолинист покрај тоа што владее со класичниот репертоар, важи и за мајстор во изведувањето на репертоарот за виолина на ХХ век, но е и одличен џез импровизатор. Неговата умешност во изведувањето и полноста во звукот на виолината, која звучеше речиси како виола, латентно постави паралела помеѓу романтизмот и импровизацијата. Шмид го изведе делото со суверено водење на солистичката линија и со умерена експресивност и смиреност со која ги освои симпатиите на публиката.

Третото дело, повторно од Виетан, по кое беше насловен и самиот концерт, Фантазија апасионата оп. 35, исто така премиерно прозвуче на нашата сцена. Како и Концертот, и ова дело на Виетан се состои од три става. Првиот став (Allegro moderato), беше изведен со впечатлив и енергичен почеток, во кој солистот Шмид ја демонстрираше својата техника претопена во емотивните солистички делници, одлично надополнувајќи се со оркестарот. Во вториот став Largo, донесе поинаква сталожена атмосфера, која потсетуваше на своевидно збогување, за на крајот да нè доведе до финалето (Saltarella – Allegro vivace) во кое целото дело се заокружува преку класичен завршеток.

По кратката пауза следуваше Симфонијата бр. 3 „Шкотска“ во a-moll, oп. 56 од Феликс Менделсон. Оваа симфонија која се состои од четири става, Менделсон ја напишал при неговото патување во Шкотска, инспириран од тамошната народна музика. Ставовите во Симфонијата се надоврзуваат еден на друг, без пауза, нетипично за изведбите на симфониите. Филхармонискиот оркестар добро се справи со звукот на Симфонијата, која претставува бура од емоции и контрасти, и во која секој од ставовите носи поинакво расположение. Диригентот ван Алфен успеа до крај да ја спроведе својата замисла во која оркестрантите внимателно го следеа од почеток до крај.  

Емили Јањиќ Дачевиќ, 23 март 2019 година



Две премиерни изведби во Македонската филхармонија попратени со топол звук на виолина
Кон концертот на Македонската филхармонија „Фантазија апасионата“ одржан на 21 март 2019 година

На 21 март 2019 година се одржа уште еден целовечерен концерт на Македонската филхармонија под диригентско водство на Конрад ван Алфен од Холандија, а како солист на вечерта настапи Бенџамин Шмид, виолинист од Австрија. Во првиот дел од концертот на сцената на Филхармонијата прозвучија две композиции со премиерна изведба во Македонија – Jasmine Flowers and Red Chestnuts oд македонскиот автор, дипломец на Конзерваториумот во Амстердам, Владимир Николов и Фантазија апасионата за виолина и оркестар оп. 35 од Анри Виетан. Освен овие две дела се изведе уште едно дело од Виетан – Концертот за виолина и оркестар бр. 5 во a-moll оп. 37. Во вториот дел на концертот публиката беше во можност да ја проследи Симфонијата бр. 3 „Шкотска“ во a-moll оп. 56 на Феликс Менделсон.

Во последниот период Македонската филхармонија е ангажирана во повеќе полиња и разработува и презентира програма од разновидни, популарни жанрови. Овие случувања интригираат луѓе од различни сфери да се заинтересираат за Македонската филхармонија како институција и ја доближуваат музичката уметност на пошироката публика. Гостите на овој концерт спаѓаат во групата квалитетни музичари кои што творат уметност на сцена и одговараат на високото ниво кое што го носи овој оркестар.

Диригентот Конрад ван Алфен мошне вешто и со позитивна енергија ги водеше оркестарот на Филхармонијата и солистот. Впечатливо беше неговото настојување за сè попрецизно динамичко боење кое што го бараше во изведбата на секоја од композициите на програмата. Во неговиот пристап во првата изведена композиција од македонскиот автор Владимир Николов забележавме одлична контрола врз оркестарот која овозможи истакнување на главната линија во делото, контраст на двете мелодии и кинескиот призвук подвлечен со начелата на џезот. Во Симфонијата бр. 3 „Шкотска“ на Менделсон беше доловен елегичен романтичарски звук и впечаток на едноставичност.

Кога станува збор за Филхармонијата забележлив е нејзиниот растечки ентузијазам и сѐ поквалитетните и попрецизни изведби. Дувачкиот отсек, понекогаш проблематичен кога станува збор за конкретна слика на нивните изведби, на овој концерт беше збогатен во групата на хорни со студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во симфонијата на Менделсон нивната делница е богата со карактеристични мелодии кои што даваат топлина на целосниот звук на делото.

Солистот Шмид се претстави пред македонската публика со две мошне сложени дела за виолина и оркестар од белгискиот композитор и виолински мајстор Анри Виетан. Двете дела се во три става и со виртуозни парчиња, особено Фантазија апасионата, дело во кое доаѓа до израз техничката способност и виртуозност на изведувачот. Шмид демонстрираше техничка спремност, виртуозитет и емоција преку динамичкиот план. Сликата од бурни емоции проткаени со меланхолија ја пренесе преку својата скапоцена Страдивари ex Viotti виолина од 1718 година, која владееше со сцената со својот смирен, впечатлив и пријатен звук. Очигледна беше контролата на Шмид врз својот инструмент и одличното владеење на музиката што ја изведуваше. Таквата сигурност придонесе кон целосната позитивна слика на неговата изведба.

Секој концерт на Македонската филхармонија се разликува еден од друг, не постои иста константна слика за нивните изведби, што е условено од умешноста, техничката и уметничката подготовка на диригентот и солистот. Со секој изминат концерт, Филхармонијата освен што ја надградува својата програма со изведби на премиерни дела истовремено се надградува и во квалитетот на изведбата на самата програма.

Тамара Стојаноска, 24 март 2019 година



Светло, дурско и свечено
Кон концертот на Македонската филхармонија одржан на 28 февруари 2019 година

„Пет става во дур“, токму со овие зборови беше насловен концертот на Македонската филхармонија кој се одржа на 28 февруари 2019 година. Светло, дурско и свечено. Со овие атрибути можеме да го именуваме и целокупното расположение со кое беше пропратен овој концерт.

Диригент на концертот беше познатиот Даниел Рајскин кој со својата харизма и посветеност, несебично вложувајќи се, со својата замисла го водеше оркестарот на патување низ композициите.

Концертот започна со премиерната изведба на Tанците од Марошсек од Золтан Кодај кои ја отворија вечерта и донесоа игриво расположение, пропратено со фолклорните теми во духот на Кодај. Напишани во 1927 година за пијано, а подоцна оркестрирани, овие танци го отворија патувањето на кое се надоврзаа романтичарските дела.

По ова дело следеше една кратка пауза од неколку минути со цел да се подготви сцената за делото за пијано и оркестар кое следеше. Ова се чини не беше најумешното разместување на сцената, бидејќи членовите на оркестарот немаа каде да застанат, па половината од нив мораа да излезат надвор или да застанат до сцената. Оваа пракса ја среќававме на неколку настани; како просторот позади сцената да е недоволно голем за оркестрантите при промена на сцената. Ова за момент ја наруши атмосферата и сконцентрираноста на концертот, но сето тоа беше заборавено со излегувањето на солистот на вечерта.

Како солист и ѕвезда на вечерта со особено внимание од публиката беше проследен рускиот пијанист Андреј Гугнин, кој со извонредна техничка подготовка, чист тон и леснотија го изведе Kонцертот за пијано и оркестар бр. 2 во A-dur од Франц Лист. Театралноста и шармот со кој Гугнин заведуваше дополнително ја освои публиката која го награди со долг аплауз по кој следеа два биса. Првиот бис беше замислен како сувенир на концертот со заеднички настап на двајца водечки пијанисти од помладата генерација, воедно и пријатели: Гугнин заедно со нашиот пијанист Дино Имери изведоа (веројатно коавторска) обработка на македонската народна песна „Елено ќерко, Елено“ поставена во четирирачно пијано. Со вториот бис Гугнин повторно ја демонстрираше својата супериорна техничка подготвеност и “Precipitato” и енегрично `и го пренесе на публиката третиот став од Сонатата бр. 7 од Сергеј Прокофјев. Средишниот експресивен дел го изведе со голема самоконтрола, јасност и прецизност. Двата биса беа испратени со долг и гласен аплауз.

По паузата која следеше, на репертоарот се најде и Симфонијата бр. 3 во D-dur оп. 29 од Петар Илич Чајковски. Напишана во 1875 година, таа е единствената симфонија на Чајковски која е напишана во дурски тоналитет и која содржи пет става, оттаму и насловот на концертот, и од сите симфонии на Чајковски тоа е онаа која што најмалку се изведува – на концерти. Заради нагласеното танцово начело, поединечни ставови на делото најчесто се изведуваат како балетска музика. Бидејќи целата симфонија звучи светло, уште по завршетокот на првиот став од публиката беше изнуден силен аплауз. Тоа на момент ја наруши целината на делото, но благодарение на смирените завршетоци на останатите ставови, делото под вешто водство на искусниот Рајскин успеа да зазвучи целосно и непрекинато, како што и му доликува на едно симфониско дело на романтизмот со целата негова грандиозност во оркестрацијата, хармонијата, мелодичноста и времетраењето.

Доколку би ги сублимирале сите впечатоци од вечерта, секако резултатите кои произлегуваат на крајот се позитивни. Единствено останува да се размисли околу изборот и комбинирањето на не толку изведуван репертоар. Кога станува збор за премиерно изведени дела, изведувачите и публиката се секогаш поставени пред предизвик околу интерпретацијата и прифаќањето на делото, што од друга страна придонесува за збогатување на репертоарот и отворање на нови музички хоризонти.

Емили Јањиќ Дачевиќ, 2 март 2019 година



Концерт на Македонската филхармонија со дурско начело
Кон концертот на Македонската филхармонија „Пет става во дур“ одржан на 28 февруари 2019 година

На 28 февруари 2019 година се одржа целовечерен концерт на Македонската филхармонија под диригентско водство на Даниел Рајскин, а како солист на пијано настапи Андреј Гугнин од Русија. Концертот го носеше насловот „Пет става во дур“.

Концертот беше конципиран во два дела одделени со пауза. Во првиот дел, Филхармонијата го отвори концертот со премиерната изведба на Танците од Марошсек од Золтан Кодај, а потоа сцената беше препуштена на солистот кој го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во A-dur, S.125 од Франц Лист. Во вториот дел од концертот прозвучи не многу често изведуваната Tрета симфонија во D-dur оп. 29, наречена „Полска“ на Петар Илич Чајковски.

Следејќи ги и претходните концерти на Македонската филхармонија многу лесно може да се забележи дека Филхармонијата одлично соработува и взаемно создава музика на сцена со маестро Рајскин. Како и во претходните заеднички концерти и во овој се забележа задоволството кај музичарите на сцена, вешто водени од страна на диригентот полн со позитивна енергија. Се истакна одличното динамичко нијансирање на оркестарот особено во делото на Кодај и симфонијата на Чајковски, додека во изведбата на Концертот за пијано и оркестар, оркестарот мошне солидно го следеше солистот во секој негов отсвирен тон. Сепак, неизбежен е впечатокот дека во нашиот оркестар сè уште недостасува заедничкотo дишење на изведувачитe во оркестарот и взаемнотo почнување на фразатa, односно претставата за еден механизам кој заедно дише во текот на целата изведбa на композицијата.

Делото на Золтан Кодај од 1927 година разработува шест мелодии собрани од поднебјето на унгарскиот град Марошсек, по кого и делото го има добиено своето име. Главна карактеристика на оваа композиција е колоритот на оркестарскиот звук и контрастот во оркестарските бои, нешто што диригентот успеа да го извлече од Македонската филхармонија на овој концерт. За почеток на концертот делото зазвучи во салата на Филхармонијата со својот карактеристичен танцов ритам.

На Концертот за пијано и оркестар бр. 2 Франц Лист започнал да работи во 1839 година, а го завршил во 1857 година, но последните ревизии на делото ги направил во 1863 година. Овој Kонцерт од проследувачите на музичката уметност многу често е опишуван и како симфониска поема за пијано, заради главната тема која доживува бројни трансформации и варијации, се развива постепено со доза на мистичност, смиреност и колаж од богати хармонии. Солистот го донесе концертот на свој начин, со огромна контрола врз инструментот. Гугнин свиреше со леснотија и публиката ја почувствува секоја завршена фраза, особено исклучителнатa piano динамика во која што се истакна секој отсвирен тон. Посебно интимна атмосфера се создаде во средниот дел од концертот наметната од нежниот дијалог помеѓу пијаното и соло виолончелото што овозможи целосна изразност на главната мисла во делото. Битно е да се истакне дека солистот долови успешна градација од почетокот до крајот на изведбата. Како изненадување за публиката, после завршувањето на Концертот, солистот го повика на сцената нашиот млад пијанист во подем Дино Имери и заедно во четири раце изведоа аранжман за пијано на староградската македонска песна „Елено ќерко, Елено“. Гугнин потоа отсвири уште едно дело на бис, третиот став од Сонатата бр. 7 од Сергеј Прокофјев.

Вториот дел од концертот беше посветен на музиката на Чајковски и неговата Tрета симфонија во D-dur оп. 29. Симфонијата Чајковски ja напишал во 1875 година, a својот наслов „Полска“ го добила од страна на диригентот Аугуст Манс. Ова е единствената симфонија на Чајковски компонирана во пет, наместо вообичаените четири става и многу често, во тој поглед, е споредуванa со Третата симфонија на Роберт Шуман. Многу критики оценуваат дека Симфонијата е повеќе академски градена, сo фокус на техничкото начело во композиторското мајсторство, односно композиторот во ова дело прави отстапки во формата како и начинот на кој вообичаено ја користи хармонијата, со што се губи познатиот манир на Чајковски. Во оваа изведба на Македонската филхармонија се почувствува динамичкотo нијансирање карактеристично за романтизмот и целосна склопеност на делниците, особено во гудачкиот оддел. До израз дојдоа и дувачите кои што најчесто се проблематични на концертите на Македонската филхармонија. Тука треба да се издвои соло тромбонот во третиот бавен став кој мошне успешно ја изнесе својата делница. При крајот на концертот се наметна впечатокот дека дојде до замор во изведбата и опаѓање на живиот карактер кој што го носи ова дело.

Тамара Стојаноска, 3 март 2019 година


↑ Back to top
 
Home
© Buzarovski, 2019/2025
All rights reserved.
Unauthorized duplication of any of the materials related to the files
which are part of this web site is a violation of applicable laws.